Техно

Воцап стана познат по честите и корисни ажурирања, корисниците неодамна добија реакции со емотикони, а сега е на пат уште една важна промена.
Според бета-кодот на Воцап на Андроид, корисниците наскоро ќе можат да поставуваат гласовни пораки како статус за да можат нивните контакти да ги слушаат. Функцијата сè уште не е активна, но на скриншот објавен од „ВАБетаинфо“ се покажува копче за микрофон заедно со опциите за текст, фотографија и за видео, кои моментално се нудат за поставување статуси.
Во моментов, апликацијата ви овозможува да испраќате гласовни пораки и аудиодатотеки во разговор, но тие не можат пошироко да се споделуваат со контактите. Сепак, тоа ќе се промени кога новата функција ќе биде активна за корисниците на популарната апликација.
Статусот на Воцап еволуира и стана сличен на стори-опцијата на Снепчет и Инстаграм, корисникот може да објавува текст, фотографија или кратко видео, а оваа содржина е видлива за контактите во период од 24 часа. Исто така, статусот може да се прикаже само на избран број корисници. Овие ограничувања за приватност и време, најверојатно, ќе важат и за гласовниот статус, но сè уште не е познато како ќе се прикаже во апликацијата.