Техно

Компанијата „Епл“ тестира примери на ајфон што имаат приклучок УСБ-Ц, наместо приклучок лајтнинг.
Иако е во фаза на тестирање, приклучокот УСБ-Ц не треба да се очекува кај годинешните телефони ајфон, бидејќи промената нема да се случи до 2023 година, тоа е најраниот рок. Оваа информација ја откри Марк Гурман, а ги потврдува твитовите на доверливиот аналитичар Минг-Чи Ку, кој најави дека „Епл“ од приклучокот лајтнинг ќе се префрли на приклучокот УСБ-Ц во втората половина на 2023 година.
Оваа промена е навистина голема, но не е целосно изненадување, бидејќи „Епл“ веќе се префрли на УСБ-Ц кога станува збор за ајпед про, ајпед ер и ајпед мини. Во септември, Европската Унија го претстави предлогот со кој се бара голем број уреди, вклучувајќи ги и мобилните телефони, да имаат приклучоци УСБ-Ц. Овој закон е клучната причина зошто „Епл“ почна да размислува за промени. Исто така, УСБ-Ц носи технички предности, бидејќи овозможува побрз пренос на податоци во споредба со лајтнинг.
Имаше и шпекулации за ајфон без приклучоци, а Гурман исто така рече дека компанијата работи на такви модели, но тие не треба да се очекуваат наскоро.
„Епл“ го користи приклучокот лајтнинг од 2012 година и доаѓањето на ајфон 5.