Авионот од времето на Студената војна, „СР-71 блекбрд“, може да лета повисоко и побрзо од кој било друг дури и по 55 години подоцна. Со кодно име „локхид СР-71“, овој авион бил дизајниран во тајност во доцните 50-ти години на минатиот век и имал способност да лета на работ на вселената и да ја надлета ракетата. До ден-денес тој ги држи рекордите за најголема надморска височина во хоризонтален лет и најголема брзина за авиони што не се на ракетен погон.

„СР-71 блекбрд“ е дел од семејство шпионски авиони изградени за истражување на непријателска територија, без да бидат соборени, па дури и откриени, во време кога немало помош од сателити и беспилотни летала. Поради облогата од црна боја дизајнирана да ја растерува топлината, овој авион го доби прекарот „блекбрд“. Долгнавестиот изглед со елегантни линии го прави авионот да изгледа малку различно од другите.

– Сè уште изгледа како нешто од иднината, иако беше дизајниран уште во 1950-тите. Поради начинот на кој се дизајнирани трупот и крилата, тој изгледа повеќе како да го дизајнирала природата, т.н. повеќе органски отколку механички. Повеќето конвенционални авиони изгледаат како да ги изградил некој. „Блекбрд“ изгледа како да е израстен (одгледуван) – вели за Си-ен-ен Питер Мерлин, историчар за авијација и автор на „Дизајн и развој на блекбрд“.

Во мај 1960 година, американски шпионски авион „У-2“ бил соборен во советскиот воздушен простор додека правел фотографии. Првично, американската влада соопшти дека станува збор за залутан зен-авион за истражување на времето, но приказната се распадна откако советската влада објави фотографии од заробениот пилот и опремата за надзор на авионот. Инцидентот ја засили потребата кај САД за нов вид извиднички авион што би можел да лета побрзо и повисоко, безбеден од противвоздушен оган.
– ЦИА сакаше авион што може да лета над 90.000 стапки, со голема брзина, и да биде невидлив за радарот – рече Мерлин.

Задачата за дизајнирање таква амбициозна машина падна на Кларенс Џонсон, еден од најголемите светски дизајнери на авиони. Оригиналниот авион во семејството „блекбрд“ е А-12, кој го направи својот прв лет на 30 април 1962 година. Севкупно биле произведени 13 вакви авиони, а авионот бил врвна тајна контролирана од ЦИА. Бидејќи авионот бил дизајниран да лета побрзо од 1.600 километри на час, триењето со околната атмосфера би го загреало трупот на конвенционалниот авион до точка на топење. Затоа авионот бил направен од титаниум, метал што можел да издржи и на високи температури, а истовремено е полесен од челикот. Употребата на титаниум сепак има свои недостатоци. Прво, требало да се измисли цела нова група на алатки исто така изработени од титаниум, затоа што редовните челични алатки го уништуваат кршливиот титаниум на контакт. Второ, обезбедување на самиот метал во тоа време било тешко.

– СССР во тоа време беше најголем снабдувач на титаниум во светот. Владата на САД мораше да набави многу од него, веројатно користејќи лажни компании – вели Мерлин.
Првичните авиони биле целосно необоени, покажувајќи ја сребрената титаниумска боја. Тие првпат биле обоени во црна боја во 1964 година, откако сфатиле дека црната боја ефикасно ја апсорбира и испушта топлина. Таа помага да се намали температурата на целото тело на авионот. Така се роди прекарот „блекбрд“.

Во 1976 година, СР-71 ги постави рекордите што сè уште постојат: летајќи на одржлива надморска височина од 26.000 стапки и достигнувајќи максимална брзина од 3.529,6 километри на час, или попознато како брзина од мах 3,3. Оваа програма беше запрена во 1990 година, затоа што технологиите како шпионски сателити и беспилотни летала стапија на сцена и станаа изводливи, а притоа понудија брз пристап до податоците за надзор.