Виртуелната асистентка на „Епл“, славната Сири, овековечена во многу филмови и телевизиски серии, повеќе нема автоматски да има женски глас, објави компанијата. „Епл“ сега нуди избор помеѓу машки и женски глас, како и шест различни акценти, вклучувајќи американски, британски, индиски, ирски…, но основната поставка на американскиот пазар е женски глас, пренесува Си-ен-ен. „Епл“ исто така најави дека ќе додаде два нови гласа во програмата за Сири.
– Возбудени сме што додадевме два нови гласа за Сири, за англиски јазик и опција за корисниците на Сири да го изберат гласот што го сакаат кога ги уредуваат поставките на уредот. Тоа е продолжение на долгогодишната посветеност на „Епл“ кон различноста и инклузивноста и кон производите и услугите дизајнирани подобро да ја одразуваат различноста на светот во кој живееме – се вели во соопштението на „Епл“.
Родовите стереотипи кај виртуелните асистентки, како Сири, Алекса на „Амазон“ и асистентката на „Гугл“, веќе долго време се основа за приговор.
Во 2019 година, извештајот на Обединетите нации предупреди дека гласовните виртуелни асистенти ги поддржуваат ставовите дека жената е потчинета, послушна, пасивна и желна да задоволи, достапна со едно копче или со гласовна команда. Повеќето виртуелни асистенти нудат женски глас како стандардна поставка, а отсега корисниците ќе можат да го менуваат тоа.