Техно

Компанијата „Мета“, некогаш позната како „Фејсбук“, наводно подготвува три генерации паметни часовници, а сега се појави еден интересен детаљ. Паметните часовници ќе можат да фотографираат и да снимаат клипови, а „Блумберг“ објави рендер на кој е прикажан паметен часовник со заоблени агли слични на „епл воч“ и со заб на екранот во кој се наоѓа камерата. Развивачот на апликации Стив Мозер го пронајде рендерот во апликацијата што се користи за очилата за проширена реалност на „Реј-бан“.
Покрај споменатите карактеристики, паметниот часовник има и куќиште од не’рѓосувачки челик и нараквица што се вади. Мозер тврди дека кодот во рамките на апликацијата укажува дека часовникот ќе се вика Милан и ќе има можност за фотографирање и снимање видеа, кои подоцна би биле префрлени на паметен телефон.
„Мета“ планира да го претстави часовникот најрано во 2022 година, но сѐ уште нема официјална потврда. Наводно, се работи на три генерации производи што ќе се пласираат на пазарот во различни периоди. И претходно имаше шпекулации дека „Фејсбук“ работи на паметен часовник со предна и 1080п задна камера со автофокус. Тој часовник треба да има монитор за отчукувањата на срцето и ЛТЕ-поврзување.