Апликација на видеосервисот Јутјуб наменета за оперативниот систем иОС на компанијата „Епл“ ќе им овозможи на корисниците опција „слика во слика“.
Тоа е опција што ќе им овозможи на корисниците да гледаат клипови на Јутјуб додека прават други работи на својот Ајфон и Ајпед. Портпаролот на Јутјуб рече дека опцијата полека стигнува до претплатниците на Премиум, по што ќе биде достапна и за другите корисници на иОС.

„Епл“ веќе овозможи видео со слика во слика како минијатурен плеер за Ајпед со доаѓањето на иОС 9, а потоа и на Ајфон кога се појави иОС 14. Оттогаш оваа опција на Јутјуб е „климава“, достапна е за Ајпед ако се користи Сафари, иако некои корисници објавија дека не можат да ја користат ако не се претплатници на Премиум. Таа беше само повремено достапна за корисниците на Ајфон.

Меѓутоа, дојде време да се решат компликациите, барем за корисниците во САД, бидејќи корисниците на иОС, Премиум и оние без претплата, наскоро ќе имаат опција „слика во слика“ за апликацијата Јутјуб. Точниот датум на објавувањето сѐ уште не е познат.