Олимписките игри се место на кое се натпреваруваат физички најдобро подготвените луѓе од сите страни на планетата Земја, покажувајќи ги својата телесна, умствена и спортска силина. Сега, наместо олимпијада на која ќе учествуваат спортисти, ќе се организираат олимписки игри на кои натпреварувачите се роботи со големина на инсекти. Тоа е идеја предложена од страна на Агенцијата за напредни истражувачки проекти за одбрана или ДАРПА.

Оваа организација бара иновативни дизајни на роботи, кои се многу мали, само дел од сантиметар, и тие роботи „ботови“ меѓусебно ќе се натпреваруваат едни против други во серија натпревари во сила, брзина и агилност. Идејата е овие роботи да стигнат до своите максимални можности, нешто слично како што луѓето го достигнале својот максимум на олимписките игри.

Овие роботи ќе се развиваат со новата програма на ДАРПА наречена Краткометарска независна микророботска платформа или ШРИМП. Според програмата ШРИМП, роботите со големина на бубачка ќе бидат наменети за истражување и собирање информации од локации што се тешко достапни или опасни за луѓето.

Оваа програма има цел и да истражува и да развива нови решенија за напојување мали роботи и за истражувачка работа во која ќе се пронаоѓаат нови материјали, кои би можеле да ги подобрат перформансите на роботите, без значителни промени во нивната големина. Всушност, овие „роботски“ олимписки игри се организираат за да се забележат и истражат можностите на малите роботи. Тие ќе бидат тестирани и ќе треба преку најразлични изведби да ја демонстрираат својата способност за маневрирање, умешност и мобилност во тесни простори.

Една од категориите во која ќе се тестираат роботите е проверка на нивните погонски системи, односно колку далеку роботот може да скокне, колку тежина може да подигне, колку далеку може да фрли мал предмет и колкава способност има за влечење. Роботите ќе бидат оценувани и по дизајнот, а и според перформансите за тоа како искачуваат карпи, вертикални мазни површини, движење низ пречки и изведување голем број различни маневри.

– Иако роботите што се ќе се натпреваруваат во оваа таканаречена „робоолимпијада“ на ДАРПА се навистина мали, нивната величина има цел да им овозможи да вршат многу важни задачи што се надвор од границите на луѓето и поголемите роботи. Секако, податоците и информациите што ќе се добијат од овие истражувања и кои ќе одат во прилог на малите роботи, ќе може да се применат и во други области, каде што применетата роботика во моментот е ограничена од нивната големина – вели Роналд Полкавич, менаџер на програмата ДАРПА. Рокот за пријавување на компаниите и независните инженери што ќе произведат вакви мини-роботи е до крајот на септември, а периодот за тестирање на роботите се очекува да почне во март 2019 година.