„ПС 4“ официјално го достигнува крајот на својот животен циклус. Затоа мислите на гејмерите неизбежно се свртeни кон новиот „ПС 5“. Обично една генерација конзоли се држи околу 6-7 години. „Плејстејшн 3“ почна во 2006 година и беше заменет со „плејстејшн 4“ во 2013 година. Ако „Сони“ продолжува да го одржува своето вообичаено темпо, тогаш излегувањето на „плејстејшн 5“ може да биде во скоро време. Според тоа, се поставува прашањето што точно се предвидува со новиот „сони плејстејшн 5“ и кога може да се очекува тој да се појави на пазарот?

„Сони“ моментално не дава никакви информации кога станува збор за конкретни планови за „ПС 5“. Но се знае дека датумот на издавање на „плејстејшн 5“ дефинитивно ќе се овозможи во наредниве неколку години, благодарение на претседателот и извршен директор на „Сони интерактив енетертејнмент“, Шон Лајден, кој ја потврди оваа информација во интервјуто за Голем.де. Покрај тоа, претседателот на „Сони“, Кеничиро Јошида, потврди дека компанијата работи на конзола од следната генерација во интервју за „Фајненшл тајмс“. Уште во мај, извршниот директор на „Сони интерактив“, Џон Кодера, му откри на „Волстрит џурнал“ дека „ПС 5“ нема да се појави барем до 2021 година. Сепак, истрагата на Т3 тврди дека „ПС 5“ би можел да се појави најбрзо на Божиќ 2019 година – порано од „икс бокс ту“. Без официјална изјава од „Сони“ за датумот за издавање на „ПС 5“, тешко е да се утврди кога официјално ќе се појави конзолата. Некои аналитичари предвидуваат дека датумот на издавање за „плејстејшн 5“ би можел да биде околу 2020 или 2021 година, додека други велат дека може да се појави во 2019 година.

Мајкл Пачтер од „Гејминг болт“ вели дека иако тој смета дека „ПС 5“ ќе биде компатибилен со „ПС 4 про“, мисли дека ќе го видиме некаде околу 2019 и 2020 година. Ова има смисла бидејќи се совпаѓа временската линија со предвидувањата за тој период кога 4K-телевизискиот пазар во САД ќе достигне 50 проценти на искористеност. А „ПС 4 про“, но и „ПС 5“ имаат можност за користење на 4К-опцијата.
– Мислам дека „Сони“ веројатно го има следниот циклус конзоли веќе определено, тие знаат што точно треба да направат – вели Мајкл Пачтер.

Исто така Пачтер вели дека најверојатно „Сони“ ќе ја објави новата конзола во 2020 година затоа што во тоа време тој смета дека „ПС 4 про“ ќе стане основниот модел на „плеј стејшн“ и ќе се намали неговата цена.

Конкуренцијата на „плејстејшн 5“

Иако гејмерите се страшно нетрпеливи кога станува збор за датумот за појавување на „плејстејшн 5“, сепак ПС 4 треба да ги доискористи своите корисници, а „ПС 4 про“ сè уште е релативно нов на пазарот. Тоа значи дека „Сони“ сѐ уште нема потреба за да претстави нова конзола на пазарот. Истовремено финансиските планови на „Сони“ за „ПС 4 про“ нема да бидат целосно остварени доколку наскоро се пушти нова верзија на конзолата. Сепак, инсајдерот на индустријата, Јез Корден, најави дека „Мајкрософт“ веќе размислува за следниот „икс бокс ту“ со кодно име „Скарлет“. Тоа значи дека „Сони“ многу веројатно во моментов го прави истото тоа и дека можеби е еден чекор понапред во процесот. Според овие информации, „Сони“ од една страна поради конзолата „ПС 4 про“ нема потреба од брзање за да извади нова, но поради неговиот конкурент треба да планира неговата нова конзола да биде пред конкурентот.

Според аналитичарот за гејминг индустријата, Хидеки Јасуда, „ПС 5“ ќе се појави на крајот на 2019 година. На овој начин „Сони“ може да добие вистинска предност бидејќи неговата конзола од следната генерација ќе се ослободи пред „икс бокс ту“. Според тоа, „плејстејшн 5“ може да се појави од 2019 до 2021 година, а кога официјално останува да видиме.