Можеби не изгледа како и другите популарни видеоигри, но играта „ЕндеворРХ“ на компанијата „Акили интерактив“ со сигурност може да влезе во историјата како прва видеоигра што се пропишува како лек во САД. Американската управа за храна и лекови даде согласност оваа игра да може да се издава на рецепт, како и преостанатите лекови. Така, лекарите имаат овластување да пропишуваат видеоигри за деца на возраст од осум до 12 години, кои имаат синдром на дефицит на внимание и хиперактивност или АДХД. Видеоиграта била одобрена како лек по седум години клинички испитувања, преку кои научниците проучувале 600 деца. Резултатите од овие истражувања покажале дека една третина од децата немале дефицит на внимание откако играле „ЕндеворРХ“ 25 минути на ден, пет дена неделно, во период од четири недели.