Светски познатиот произведувач на автомобили „Нисан“ почна да развива најнова технолошка направа, која им се поставува на возачите на главата и ќе има можност да ги чита мозочните бранови на оној што ракува со возилото. Технолошкиот изум наречен „брејн ту вијекл“ или (од мозокот до возилото) има цел да му помогне на возилото да ги предвиди намерите на возачот, неколку делови од секунда пред самиот возач да може да го направи тоа. На пример, Б2В би знаел неколку секунди пред возачот кога тој всушност би сакал да сврти на левата или на десната страна, да промени лента или да стисне на сопирачките.

Концептот Б2В пред извесно време беше обелоденет пред јавноста и челните луѓе на компанијата на глобалната сцена ги демонстрираа неговите способности.
Идејата на Б2В, за разлика од многу слични технолошки иновации, не претставува технологија на самоуправувачки автомобил, ниту пак е технологија што може да ги чита мислите. Б2В претставува иновација што може да ги чита мозочните бранови и е сериозен обид да се овозможи возењето да биде побезбедно и попријатно. Идејата за оваа замисла е дел од поширокиот концепт на „Нисан интелигент мобилити“, проект што вклучува самоуправувачки автомобили, адаптивна контрола при патување и помош при возење.

Доктор Луцијан Ѓорѓе, истражувач со големо искуство во одделот за иновации во истражувачкиот центар на „Нисан“ во Јапонија, го води истражувањето за Б2В.
– Потенцијалните и можните употреби на оваа технологија се неверојатни и можностите се многу големи. Кога станува збор за истражувањето, пак, тест-возачот носи уред што изгледа како капа со жици за напојување, кои доаѓаат одзади. Капата ја мери мозочната активност и може да ги регистрира оние мозочни бранови што се повторуваат секојпат кога возачот наидува на одредена ситуација. Според претходно добиените информации, уредот може да открие и да ги предвиди ситуациите – вели доктор Ѓорѓе.

Системот ги прифаќа сигналите од мозокот на возачот и ги препознава оние што се повторуваат, како на пример кога возачот има намера да притисне на сопирачките, на педалот за гас, да сврти на воланот или кога сака да каже нешто. Предвидувајќи ги чекорите на возачот, автомобилот на суптилен начин ќе може да му помага на оној што управува со возилото. Ако возачот има намера да ја намали брзината, автомобилот полека ќе го прави тоа и ќе ги подготвува сопирачките. Доколку возилото се движи по влажен коловоз, тоа полека почнува да ја намалува брзината.

Доколку возачот има намера да менува коловозна лента, автомобилот би можел да ја истакне светлината кај слепите точки и многу други слични примери. Сензорите и аналитиката на Б2В може да ја предвидат следната акцијата на возачот за време од 0,2 до 0,5 секунди пред да се случи. Системот исто така може да детектира дискомфор и замор.

Многу од луѓето ја замислуваат иднината со автономни и самоуправувачки возила, каде што тие се откажуваат од контролата врз возилото и автомобилите сами возат по патиштата. Сепак, Б2В-технологијата го прави спротивното и со користење сигнали од мозокот на самиот возач, го прави возењето возбудливо и пријатно. Б2В, доколку се развие на точен и вистински начин, може да биде технологија што би била имплементирана во сите возила во иднината.