„Вирџин галактик“ на Ричард Бренсон се подготвува конечно да го испрати својот туристички ракетен брод до работ на вселената. Ако летот е успешен, тоа ќе биде голем чекор напред кон долго одолжуваниот сон за комерцијален вселенски туризам.
Следниот тест-лет би можел да се овозможи деновиве, со двајца пилоти што ќе пилотираат со леталото „Вирџин“ високо над пустината Мохаве во Калифорнија.

Генералниот извршен директор Џорџ Вајтсајд изјави дека со „Вирџин галактик“ месецов ќе се обидат да надминат надморска височина од 80 километри, а таа граница се смета за границата со вселената. Вајтсајд рече дека тоа е стандардот што го користат американските воздухопловни сили и други американски агенции, сѐ што се наоѓа над таа височина претставува вселената. Тоа се разликува од вообичаено признаениот стандард, кој ја поставува границата на 99,8 километри. Но Вајтсајд ги наведе новите истражувања што се залагаат за пониска надморска височина и вели дека американска компанија ќе го користи американскиот стандард. Постигнувањето на прагот кон вселената ќе претставува значителен напредок кон почетокот на комерцијалните летови што беа ветувани повеќе од една деценија. Развивањето на леталото „Вирџин галактик“ траеше многу подолго отколку што се очекуваше.

Проектот за „Вирџин галактик“ на почетокот доживеа голем неуспех при првиот експериментален лет во 2014 година. При првиот лет се распадна леталото и за време на тестот загина копилотот. Сепак, за овој проект повеќе од 600 луѓе се обврзаа со по 250.000 долари за возење во ракетата на „Вирџин галактик“. Покрај неуспешниот тест, луѓето продолжија да го поддржуваат овој проект и го чекаат со години. Причината лежи во тоа што сите чекаат да го почувствуваат вклучувањето на ракетата, искачувањето до прагот на вселената за да се почувствува неколкуминутна бестежинска состојба, со поглед кон Земјата. Леталото, кое има изглед на ракета и е со големина на авион, може да пренесува шест патници. Ова летало не се лансира од Земјата, туку се носи со специјални авиони до надморска височина од околу 15.000 метри. Потоа специјалните авиони се оддалечуваат од леталото, па се вклучува неговиот ракетен мотор, и тоа се искачува на небото. Ракетата се исклучува кога леталото стигнува на врвот од своето искачување, при што настанува стабилизирано и бавно спуштање, кое се овозможува со посебна технологија. Двојните перки привремено се ротираат нагоре, за да се зголеми силата на влечење, а потоа се враќа во нормална конфигурација за летање, пред леталото да слета на пистата. Новите верзии на леталото се веќе изградени и имаат ново име – „Спејсшип ту“. Тие се изградени од сестринската компанија на „Вирџин галактик“, а тестирањата за летови се направени надвор од очите на јавноста. Досега се направени три суперсонични летови со ракетен погон кон вселената.

Почетокот на проектот датира од 2004 година, кога Бренсон го најави основањето на „Вирџин галактик“, во деновите по успешните летови на „Спејсшип уан“. „Спејсшип уан“, инаку, претставува првото приватно финансирано вселенско летало со екипаж, кое направи три лета во вселената. Целта на Бренсон е отворање на можноста за вселенско патување со повеќе луѓе. Финансиран од покојниот милијардер Пол Ален и креиран од дизајнерот на авиопревозот Берт Рутан, „Спејсшип уан“ ја освои наградата „Ансари Х“ од 10 милиони долари. Наградата беше создадена за да започне приватен развој на ракетни бродови што ќе го направат полетувањето на вселената достапно за јавноста. Бренсон е еден од првите што почнаа да размислуваат за развивање на вселенскиот туристички бизнис. Но тој не е сам во вселенскиот бизнис, „Блу ориџин“ на Џеф Безос планира да привлече туристи во вселената со подорбитни патувања. Елон Маск, со програмата „Спејс икс“, неодамна објави планови да земе богат јапонски претприемач и негови пријатели на патување околу Месечината.