Феjсбук со наjголем прекин досега

242

Изминативе денови делумното паѓање на страницата на Фејсбук ги погоди корисниците од целиот свет. Според „ЦНН бизнис“, овој пад предизвикуваше проблеми нешто над 14 часа. Корисниците можеа да забележат поголеми проблеми во средата, кога беше евидентно дека не се покажуваа напишаните коментари, не можеше да се постираат приказни, споделуваат слики и да се користат други функции. Се верува дека овој пад го предизвика најголемиот прекин што некогаш го претрпела социјалната мрежа досега. Тимот на „Фејсбук“ работеше на решавање на овие проблеми и во утринските часови на вчерашниот ден, и по направените измени од негова страна имаше знаци за подобрување и повеќето од корисниците можеа да ги користат функциите на фејсбук-апликацијата.

Во моментите на падот, Фејсбук, најголемата социјална мрежа во светот, мораше да се сврти кон својот ривал Твитер за да објасни дека нејзината група на многу популарни апликации има проблеми.

– Свесни сме дека некои луѓе во моментов имаат проблеми со пристапот до семејството на фејсбук-апликациите. Ние работиме на решавање на ова прашање што е можно поскоро – се наведува во изјавата од „Фејсбук“ преку постот на „Твитер“.

Некои од корисници на Фејсбук, но и на други платформи во сопственост на технолошкиот гигант, вклучувајќи ги Инстаграм, Месинџер и Ватс ап, пријавија наизменични проблеми со пристап до услугите и објавувањето на содржините. Иако главната услуга на Фејсбук се вчитуваше, корисниците пријавуваа дека не можат да објавуваат постови. Корисниците на Инстаграм не беа во можност да ги освежат или да постираат нови објави. Верзијата за десктоп на Фејсбук месинџер не се вчитуваше, но мобилната апликација на Фејсбук месинџер се вчитуваше и дозволуваше испраќање пораки. Сепак, корисниците на Фејсбук месинџер пријавуваа проблеми со праќање на другите видови содржини, како што се сликите. Ватс ап исто така имаше слични проблеми.

Низ интернет-порталите се појавија гласини дека прекинот на услугите на компанијата „Фејсбук“ е предизвикана од сајбер-напади „ДДоС“. „ДДоС“ инаку претставува еден вид сајбер-напад со кој се напаѓа од повеќе различни локации до една цел со испраќање на премногу големи количества податоци. Системот може да поднесе одредено количество податоци, затоа често во вакви напади не може да ги процесира сите податоци и паѓа – вели сигурносниот сајбер-експерт Филип Симеонов. Како одговор на гласините објавени на други социјални мрежи, од „Фејсбук“ соопштија дека прекинот не е резултат на ДДоС-напад.

– Прекинот на работа на Фејсбук и на Инстаграм е поради проблеми со базата на податоци. ФБ-базата на податоци е преоптоварена. Ние брзаме да ги приклучиме новите системи и машини додека другите паѓаат. Поголемиот дел од проблемот решен, но потребно е време – се наведува во твитер-постот на новинарот Реј Матаи од „НБЦ нуз“.

Со тоа се поставува прашањето во колкави рамки влијаеше падот? Со оглед на тоа што корисниците од Македонија можеа да ги почувствуваат наведените проблеми, може да се претпостави дека проблемот е од голема магнитуда. „Даун детектор“ ги надгледуваше постовите на социјалните мрежи за корисниците што споменуваат губење на услугата и ги мапираше. Според обелоденетите податоци, мапата сугерира дека настанатиот проблем има глобални рамки. Процените покажуваат дека проблемот започнал околу 16 часот по Гринич во средата. Проблемот влијаеше и на Фејсбук воркплејс, услугата што ја користат компаниите за да комуницираат внатрешно. Дизајнерката од Буенос Аирес, Ребека Брукер, изјави дека прекинот имал значително влијание врз работата на нејзината фирма.

– Фејсбук за лична употреба е во ред, но што се случува кога ние се потпираме на големите компании како што е оваа за да обезбедиме деловни услуги? Се обидувам да комуницирам со мојот тим во Њујорк. Фејсбук воркплејс е нашиот единствен канал за комуникација со исклучок на е-поштата – вели Ребека Брукер за ББЦ.

Долгочасовното нарушување на услугите што ги дава Фејсбук најверојатно ќе ги вознемири оние што трошат огромни пари за да стигнат до потенцијални клиенти преку фејсбук-платформите. Последен пат Фејсбук имаше проблеми од поголем степен во 2008 година, кога страницата поседуваше околу 150 милиони корисници.

Предводничката социјална мрежа Фејсбук сега има повеќе од 2,3 милијарди корисници, а Инстаграм има повеќе од 1 милијарда корисници. Проблемот сега е поголем и поглобален затоа што многу луѓе ја користат оваа апликација и се зависни од неа, некои од професионални други од приватни причини.