Техно – „Спотифај“ забрани политичко рекламирање

148

Дигиталниот музички сервис „Спотифај“ објави дека ќе го прекине политичкото рекламирање на почетокот од оваа година. Најпопуларниот стриминг-сервис ја донесе оваа одлука поради кампањата што следува за претседателските избори во САД годинава. Онлајн-платформите, вклучувајќи ги и Фејсбук и Гугл, се соочуваат со зголемен притисок да го контролираат ширењето на дезинформациите на нивните мрежи, со што ќе престанат со политичките реклами што содржат лажна или погрешна содржина. Твитер во октомври минатата година го забрани политичкото рекламирање, а Гугл соопшти дека ќе спречи огласувачите да целат потрошувачите со употреба на информации како што се евиденција на гласачите и политичка определба.

– Во овој момент, нашите процеси, систем и алатки го немаат потребното ниво за одговорно одобрување и прегледување на таквата содржина – изјави портпаролката на „Спотифај“ за Ројтерс.

Ваквата одлука на „Спотифај“ ги опфаќа политичките групи, кандидатите за политички функции, избрани и именувани функционери, политичките партии, кампањи, како и содржини што се залагаат за или зборуваат против овие субјекти.
Сервисот ќе ги оневозможи исто така и рекламите што се залагаат за измена на законодавството.