Носечки егзоскелет им помага на луѓето повторно да одат

261

Кристен Соренсен имаше 55 години кога минатата година остана парализирана од вратот надолу.
– Дојде од никаде. Бев добра, а и вежбав секој ден, сѐ започна со мало пецкање на врвот од прстите, кое подоцна напредуваше – вели Соренсен.
Дијагностицирана во октомври 2018 година со синдромот Гилен-Баре, кој претставува нарушување што влијае на нервниот систем на организмот. Синдромот Гилен-Баре е ретко нарушување во кое имунолошкиот систем на телото ги напаѓа нерви и често ја уништува нивната миелинската обвивка. Слабоста и пецкањето во екстремитетите обично се првите симптоми. Овие симптоми можат брзо да се шират и на крајот да го парализираат целото тело. Во најтешка форма на синдромот Гилен-Баре, пациентите завршуваат како итни медицински случаи. Повеќето луѓе со оваа состојба мора да бидат хоспитализирани за да добијат третман. Точната причина за синдром Гилен-Баре е непозната. Повеќето луѓе закрепнуваат од овој синдром, иако некои може да доживеат долготрајни ефекти од тоа, како што се слабост, вкочанетост или замор.
Откако ѝ била поставена дијагноза, Соренсен никогаш не очекувала повторно да оди, но сепак животот ѝ дава нова надеж.

Годинава, кибернетскиот центар за третман „Брукс“ во Џексонвил, Флорида, стана првиот американски центар што користеше уникатна технологија за рехабилитација развиена од Јапонија, наречена – хибриден асистент за екстремитети или попознат како ХАЛ. ХАЛ – во суштина е егзоскелет што се носи на телото и им помага на оние лица што имаат повреди на ’рбетниот мозок и мускулна дистрофија да го вратат движењата и да ги зајакнат нервите и мускулите. Егзоскелетот е еден вид лесен костим, со спојници придвижувани од мали електрични мотори, кои служат како механички мускул. Но ХАЛ има навистина уникатна функција, пациентите со нивните мозочни бранови можат да го контролираат овој егзоскелет.

Кога Соренсен слушнала за егзоскелет што е контролиран од брановите на мозокот, кој го развил јапонскиот роботист Јошикики Санкаи, таа знаела дека мора да го проба. Таа била решена да оди на свадбата на својата ќерка неколку месеци подоцна.
Откако ќе се облече ХАЛ не може да се очекува дека по неколку секунди ќе може да се трча. Рехабилитацијата бара време, решителност и помош од физиотерапевт. За време на тренингот, физиотерапевтите ги регистрираат движењата на секој пациент и нагодувањата, кои се користени од машината, како на пример дали режимот е поставен за прошетка или за џогирање. Тие на овој начин можат да ги следат движењата на корисникот и соодветно да ги приспособат нагодувањата, така што нивните движења се усогласуваат да доаѓаат поприродно. Соренсен вели дека првично чувствувала како ХАЛ да го извршува поголемиот дел од работата со тоа што им помогнал на нејзините мускули да прават мали движења на нозете. Но со текот на времето таа почнала сè повеќе да ги извршува движењата. По скоро 40 тренинзи, Соренсен се исправила на нозе и се појавила на свадбата на својата ќерка.

– По првите неколку пати, вашиот мозок се поврзува со ХАЛ, и можев да видам како ги движам нозете сама. Беше едноставно неверојатно – вели Соренсен.
Но ХАЛ не е само за оние со посебни потреби или за оние што се повредени. До 2050 година, според Светската здравствена организација ќе има повеќе од 2 милијарди луѓе над 60-годишна возраст, а егзоскелетите може да ѝ понудат решение на постарата популација во светот. Во иднина како што човечките тела со возраста стануваат понеефикасни, егзоскелетот придвижуван од умот, може да им помогне на постарите луѓе да останат на нозе. Со вакви огромни потенцијални апликации на располагање, глобалниот пазар на медицински егзоскелети ќе биде во вредност од околу 2,8 милијарди американски долари до 2023 година, според истражувачката компанија „Пазари и маркети“.

Мозокот зад ХАЛ е опседнатиот милијардер роботист Санкаи. Тој ја предводи јапонската компанија „Сајбердин“ основана во 2004 година. Неговата визија е да создаде еден вид киборзи што можат да се носат на себе за да се „инкорпорира човекот, машината и информацијата“, како што вели Санкаи. Додека името на фирмата „Санкаи“ можеби потсетува на страшната корпорација „Сајбердин технологии“, кои создадоа злобни роботи во американскиот научнофантастичен филм „Терминатор“, јапонскиот роботист сака да создаде технологија што не е наменета за војна, туку за мир и рехабилитација.