Дизајнерски бебиња може да се појават за две години

176

Генетското модифицирање бебињата е многу пожелна, но и контроверзна тема во научната јавност. Генетското модифицирање кај ембрионот може да помогне во заштитата на луѓето од болести. Според новиот научен труд, би можело да бидат создадени генетски модифицирани бебиња или попознати како дизајнерски бебиња, во рок од две години. Уредувањето на гените сега претставува толку низок ризик што може да се практикува кај човечки ембриони, според анализата на Кевин Смит, биоетичар на универзитетот „Абертај“ во Шкотска, објавена минатата недела во списанието „Биоетика“.

Застапниците како Смит, сакаат да го променат генетскиот изглед на ембрионите за да спречат пренесување болести што се поврзани со гените. Сепак, оваа практиката е крајно контроверзна поради стравувањата дека може да се користи за создавање таканаречени дизајнерски бебиња, доколку гените се менуваат за нетерапевтски цели.
Во ноември 2018 година кинескиот научник Хи Јанкуи предизвика силни реакции во научната јавност, откако објави дека ги создал првите генетски модифицирани бебиња во светот што се отпорни на ХИВ. Но Смит вели дека нивното создавање е етички оправдано и ќе им понуди надеж на родителите што имаат ризик да им пренесат сериозна генетска болест на своите потомци, наведуваат од Си-ен-ен. Смит вели дека од практична гледна точка, генетската модификација е единствениот можен начин да се справиме со повеќе гени поврзани со болести кај ембрионот. Генетската модификација ќе им овозможи на лекарите да ги штитат идните луѓе од кардиоваскуларни заболувања, рак и деменција, како и други вообичаени болести.
– Ако може да се избегнат или одложат неколку вообичаени нарушувања со генетски модификации кај луѓето, просечниот животен век без болести може да биде значително продолжен – изјави Смит во соопштение за печатот.

Смит исто така препорачува да се одложат програмите за генетска модификација затоа што сега општеството во голема мера е против генетско модифицирање на луѓето. Сепак, тој верува дека етичкиот обид за создавање генетски модифицирани бебиња би можел да биде оддалечен на помалку од две години. Неговата работа беше критикувана од други експерти од областа, кои посочуваат дека има ризици од уредување на гените, тој пристап сепак сè уште се изучува.

– Не верувам дека има соодветни експерименти што ќе докажат дека оваа технологија е безбедна. Затоа ние треба да пристапуваме внимателно – вели за Си-ен-ен Jојс Харпер од Универзитетскиот колеџ во Лондон, од Институтот за здравјето на жените.
Харпер истакна дека уредувањето на геномите има огромен потенцијал, но дека е потребна јавна дебата и законодавство со кое ќе се осигури дека внимателно сме размислиле за овој пристап. Сара Норкрос, директорка на „Прогрес тејнинг траст“, организација што работи на подобрување на јавното разбирање на генетиката, вели дека анализата на Смит има недостатоци. Норкрос посочува дека јавноста можеби нема да се премисли во врска со генетски модифицираните бебиња, па затоа треба да се истражи ова поле и повеќе работи да се завршат за да се разберат ризиците од технологијата.

– Лекциите треба да се научат од грешките што беа направени минатата година од кинескиот научник, кој беше одговорен за првите бебиња во светот што се уредуваат со геном. Доколку во иднина оваа технологија треба да се стави во слична употреба, тогаш треба да се исполнат далеку повисоки научни и етички стандарди – изјави Норкрос за Си-ен-ен.

Властите во Кина оттогаш соопштија дека експериментите што довеле до раѓање на бебињата ги кршат законите на земјата, а вклучените научници беа суспендирани. Во октомври, истражувачите од Широкиот институт на МИТ и на „Харвард“ објавија детали за новата технологија за уредување гени што може потенцијално да исправат до 89 отсто од генетските дефекти, вклучувајќи ги и оние што предизвикуваат болести како анемија.