Биотехнолошка лабораторија од Северна Кореја клонира кучиња

815

Подготвил: Христијан Јосифовски

Луѓето се справуваат со загубата на своите миленичиња на различни начини. Некои се справуваат со гушкање на омилената играчка на нивниот миленик, некои веднаш земаат замена, но за некои не постои вистинскиот начин како да се справат со загубата на својот миленик. Голем број луѓе се подготвени да преземат доста екстремни мерки за да ги излечат своите скршените срца и тоа го прават преку клонирање на нивниот миленик.

Од 2006-та контроверзната биотехнолошка лабораторија во Северна Кореја, наречена „Суам“, нуди услуги за клонирање. Се претпоставува дека некои луѓе би се согласиле дека нивните миленичиња се непроценливи. Компанијата е основана од обучен ветеринар и научниот истражувач Ву Сук Хванг, кој има доста сомнителна историја. Хванг јавно бил посрамен и протеран од својата академска институција за фабрикување истражувања за клонирање човечки ембрион и сè уште се соочува со кривични обвиненија. Но неговото минато не им претставува отежнувачка околност на луѓето, а доказ за тоа е големиот подем на неговиот бизнис. Од основањето на оваа фирма се клонирани повеќе од 400 кучиња, а обично има околу 15 клиенти месечно. Компанијата исто така ги има донесено своите услуги во САД и наскоро планира да им понуди клонирање и на клиенти од Велика Британија.

Пред воопшто да помислите да го клонирате своето куче треба да имате 100.000 долари. За да се спроведе клонирањето, потребно е да имате живо куче или доколку е починато, да не е повеќе од 5 дена. Доколку кучето е починато, треба да го завиткате со влажни крпи и да го чувате на ладно место, но да не го замрзнете. Можеби навидум ви изгледа чудно, но „Суам“ има потреба од живи кожни клетки за да може да го клонира вашето куче. Овој начин овозможува кожата на кучето да не се замрзне или исуши и им дава на научниците најголема шанса да најдат и презервираат кожни клетки. Следен чекор што треба да го направите е да отидете на ветеринар и да земете примерок од биопсија. Ветеринарот треба да земе примерок од кожата со 8 милиметри широчина во абдоминалниот предел на кучето. Доколку кучето е живо, доволен е еден примерок. Но доколку кучето е починато, треба да обезбедите што повеќе примероци за да се зголеми шансата да се најдат живи кожни клетки. Следен чекор што треба да се преземе е да го спакувате примерокот во кутија со мраз за да го задржите разладено и да го пратите во компанијата. Оттаму тие ќе го преземат и ќе го продолжат процесот.

Технологијата на клонирање што ја користат научниците од компанијата „Суам“е истиот 50-годишен метод што ја донесе овцата Доли во 1996 година, поточно процесот наречен нуклеарен трансфер на соматска клетка. Прво клетките се земаат од домашното милениче за да бидат клонирани, а јадрото, односно клеточниот команден центар што ги содржи генетичките информации на организмот е отстранет и зачуван. Потоа се добива јајце-клетка од донор милениче и јадрото се заменува со оној на домашното милениче што треба да се клонира. На јајце-клетката потоа се дава мал електричен шок за да се стимулира поделба. По неколку дена ембрионот во развој се враќа во сурогат-мајка. Сурогатот не мора да биде од истата раса, но идеално би било да е со слична големина.

Се разбира, клиентите не го добиваат старото куче назад туку идентичен близнак. Некои кучиња може да изгледаат малку различно. На пример, клонираните далматинци може да имаат точки на различни места од оригиналните далматинци. Клоновите исто така може да имаат различен карактер или темперамент од оригиналното куче. Процедурата не е без ризици и постојат голем број случаи кога кучињата се раѓаат со нарушено здравје, па мора да се повторува процесот сè додека не се произведе здраво куче. Амбициозната компанија на „Суам“ има голема визија и нема намера да застане кај кучињата. Неодамна потпишаа договор со руски научници со план да се обидат да клонираат влакнест мамут.