Фото: Дарко Андоновски

#РаскажиНиЗаМакедонија

Плачковица

Легенди за овој крај зборуваат за водите и светиот град на планината Плачковица. Во него живеела баба што имала моќ да лекува. Едната од легендите вели дека Филип Втори, таткото на Александар Македонски, го однел кај неа бебето Александар за да го излекува од нападите на плач. Таа му рекла дека плаче поради тоа што поседува огромна енергија и со плачење се ослободува од неа. Му предвидела дека ќе стане крал на светот и ќе ја надмине славата на татко си. Филип Втори и кралот Липиј, кралот на Светиот Град, или тогашна Пајонија, од радост и олеснување се расплакале. По нив целиот народ. По нивниот плач е крстена планината Плачковица.

ОД МНОГУ ПЛАЧ – ПЛАЧКОВИЦА

Има уште многу легенди за питомата планина. Според друга верзија, името Плачковица доаѓа од посетата на кралот Александар Трети Македонски на Пајонија. Во Пајонија или Светиот Град, Александар и неговиот домаќин Липиј разговарале како да продолжат добрите односи. По таквата спогодба и разбирање, на радоста ѝ немало крај. Сите почнале да ронат солзи радосници. Од солзите се формирал поток, кој тогашното месно население го нарекло Плачковица, по што ја крстиле и планината.
Многу приказни низ годините се наталожиле на ова тло, кое денес ретко кој го посетува. Само локалните жители редовно ги газат патеките низ буковите шуми.
Иако е милозвучна, питома и тивка, Плачковица многу ретко е избор на планинарите, велосипедистите, авантуристите. Тоа најмногу се должи на нејзината слаба промоција. Иако веќе дваесетина години има сместувачки капацитет, ретко кој слушнал за него. А она што ја прави посебна оваа дестинација е, што за разлика од другите планини под нашево поднебје, постојано е гостољубива. Планинарскиот дом „Џумаја“, сместен на месноста Џумаја, работи постојано, 24/7. Домарот Ринго го варди ќумбето деновиве, не му дозволува да згасне, така што домот е расположен и за најавени гости, но и за оние што ќе го изненадат домаќинот.

ПЛАНИНАРСКИ ДОМ со капацитет за 30 лица

Цане Николов, член на планинарскиот клуб „Бел камен“ и наш домаќин, нѐ пречека со радовишки сомун, за да не работиме на гладно срце. И секако да вкусиме дел од радовишката традиција. Утринските температури не беа баш нежни со нас. Асфалтираниот пат што води кон утробата на Плачковица го зафати голомразица. Во секој случај, лесен залак за џипот на мотоклубот „Џинка“, кој умешно нѐ извози по кршкавиот пат. Пејзажите и панорамите на секое ниво надморска височина не затајуваа. Ниските облаци, кои како шал ги замотале врвовите, изгледаа бајковито. Со сѐ повисоката надморска височина почнаа да наѕираат покривите на викендичките. Малите интимни населби ѝ даваа живост на планината. На 1.420 метри надморска височина влеговме во месноста позната како Џумаја. Овде е соѕидан домот „Џумаја“ на планинарското друштво „Бел камен“. Го градат 27 години. Ова е плод на нивниот ентузијазам и големото срце на нивните донатори.

Има потенцијал за развој на планинарски спортови
Фото: Дарко Андоновски

– Планинарскиот клуб „Бел камен“ постои од 1979 година, а планинарскиот дом го градиме веќе 27 години. Сето ова е дело на група ентузијасти и голема помош од наши донатори, пред сѐ вработените од рудникот „Бучим“. Оттаму имаме редовна помош. Ни доаѓаат гости, организираме планинарски тури низ Плачковица, обезбедуваме наш водич, многу гости преспиваат тука, правиме забави, се дружиме. Домот има капацитет за 30 лица. Има греење во секоја соба. Ги има сите неопходни услови за престој – ни сподели Цане.

Тула по тула, камен по камен неимарите, кои всушност се планинари, успеале да создадат дом за сите љубители на планината.

Факти
Лисец и Бел Камен се најатрактивни локации
Четири врва над 1.700 метри надморска височина
Плачковица има голем број пештери

– Многу е важно што вратите на домот секогаш се отворени за секого. Еднаш при невреме нашиот домар на домот згрижи еден минувач, кој сега ни е голем пријател и постојано ни помага. Кога беше тука виде дека во тоалетите немаме плочки, а тој бил сопственик на фирма што продава плочки, па ни кажа да одиме во салонот дека ќе ни донира плочки. Отидовме и гледаме на еден дел подготвени скршени плочки, радосни бевме подготвени да ги земеме. Но тој ни кажа да си влеземе во салонот и да си избереме какви сакаме плочки. Гестот на нашиот домар што го примил, што го стоплил, угостил, што го засолнил од невремето, му беше од непроценливо значење.

Ова е единствен дом во Македонија што работи постојано, секогаш е отворен. Работиме и со резервации и без резервации. На овој начин треба да функционираат сите домови. Сакаме повеќе да го опремиме, но толку дозволуваат можностите. Секоја донација паметно и плански ја користиме, па некако успеавме да стигнеме до одредено пристојно ниво. Напролет и налето е многу поубаво, затоа што терасите ни се распослани, природата е убава, има планинска свежина – раскажува Цане.

ПЛАНИНА ЗА СЕКОГО

Должината на главниот планински гребен изнесува 34 километри. Со долината на Зрновска Река, планината Плачковица е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок, со највисок врв Туртел (1.703 м), а источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1.754 м), Чупино (1.725 м), Бел Камен (1.707 м).

Александар Симоновски, член на планинарско друштво „Бел камен“ и планинарски водич, ни сподели дека имаат четири обележени патеки за планинарење. Патеката до највисокиот врв Лисец е една од најатрактивните патеки. Прво од месноста Џумаја се спушта до течението на реката Лумија, која течејќи накај Зрновци се преименува во Зрновска Река. А потоа патеката има околу три километри искачување до Лисец или околу два и пол часа.

Планинарскиот дом „Џумаја“ работи постојано
Фото: Дарко Андоновски

– За мене една од најубавите патеки е Срцето на Плачковица. Оваа е претежно летна патека, затоа што е подолга, потребни се околу 12 часа за да се помине цела. Почнува од Џумаја, води прво до врвот Бел Камен, кој е на 1.707 метри надморска височина, па низ сртот се движи до врвот Лисец. И во една тура имате можност да стапнете на два врва. Потоа ја имаме патеката Смилјанци, која води кон селото Смилјанци, како и патека Вртешка, која води кон штипскиот дел од Плачковица и планинарскиот дом „Вртешка“ – ни раскажа Симоновски.

Има уште многу патеки за бележење. Но за тоа треба помош. Тој смета дека малку е промовирана оваа убавица и дека навистина има што да понуди за сите љубители на планината.

– Плачковица е питома планина, за рекреативни прошетки, не мора многу физичка подготвеност. Има богат растителен и животински фонд, има многу реки, пештери. И папрат многу никнува, а често кога организираме тури, прво одиме да ја расчистиме патеката. Може да се пешачи низ целиот срт и цело време на 1.300-1.400 метри надморска височина. Во ист интервал околу 34 километри, до врвот Туртел, на 1.703 метри. Целиот пат нуди широка и живописна панорама. Предел совршен за прошетка.

Пристапност
На 25 километри од
Радовиш по асфалтиран пат се стигнува до домот „Џумаја“.
Оттука најчесто се организираат турите до Лисец и Бел Камен

Организираме најразлични тури. Имаме традиционален меморијален марш „Спасов Костаки-Цоцо“, кој го организираме околу 18 август. Се собираме членови од повеќе клубови, а редовно имаме гости и од Бугарија. Се обидуваме да ги носиме гостите по различна патека, да внесеме некоја промена, за да им биде интересно. Имаме и обележени патеки за планински велосипедизам, овде се организира и маратон во велосипедизам на Плачковица. Одвреме-навреме доаѓаат посетители од цела Македонија, странци, велосипедисти, планинари, кампери, но не е испромовирана многу планината – вели Александар.

ПОТРЕБНА Е ПРОМОЦИЈА

Има потенцијал за развој на планинарски спортови. А на Лисец има остатоци од некогашен објект, порано во ЈНА имало радарски систем. Било стратегиско место. Оттаму се гледаат Шар Планина, Пирин, Пелистер, Беласица…
– Лисец и Бел Камен ни се најатрактивни локации. Секој има своја омилена патека, мене ми е Бел Камен, преку Момин Поток. Потребно е да се издигне планинарскиот туризам на Плачковица на повисоко ниво. Многу малку луѓе знаат каква убавина имаме. Дури и луѓето од Радовиш не знаат колку е живописен крајов, дека е вистинско место за уживање – додава Цане.

Плачковица има голем број пештери, од кои само пет се испитани и достапни за посетители. Најголема е таканаречената Голема пештера, испитана во должина од 600 метри, која е постојан предизвик за спелеолозите. Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но се леснодостапни за посетителите. До нив водат маркирани патеки.
Плачковица има три кањони: Камник, Козјак и Зрновка, со високи карпи, реки, водопади, преслапи. Реките на северната страна имаат длабоки долини и голем надолжен пад. Така, на Зрновска Река има повеќе брзаци, водопади.

ПЛОДНА СО ПЕЧУРКИ, ШУМСКИ ПЛОДОВИ, БИЛКИ…

Горите се состојат од бука, бор, ела, липа и разни диви овошја.
Плачковица е позната и по печурките. Печуркарот Ванчо Манев нѐ информира дека има изобилство вргањ, сончарка, лисичарка, буковка, јајчарка, полски шампињон. Оформено е и габерско или печуркарско друштво, кое редовно патролира низ планината.

Шумите се богати со малини, шумски јагоди, капини, шипинки, трнинка, дрен, боровинки. А планината мириса на парфем од лековитите билки. Кантарион, каламинта, риган, глог, црвен кантарион, ајдучка трева, салеп, јаглика, мечкин лук, мајчина душица создаваат арома што лекува. Тишината на Плачковица често знаат да ја разбијат моторџиите. И тие на неколку минути од планинарскиот дом „Џумаја“ изградиле свој мотодом. Домот, кој е уреден во мотостил, со многу интересни детали, им е засолниште каде што собираат многу гости, но и за дружби за членовите на клубот.

Симеон Трпков, моторџија од Радовиш, ни кажа дека падините на оваа планина се погодни за моторџиите, а имаат на ум да направат и крос-адреналинска патека.
– Клубот „Џинка“ е формиран во 2002 година, а мотодомот во 2008 година почнавме да го градиме и уште го градиме. Имаме 40-50 члена, се дружиме, правиме екскурзии низ Европа, возиме низ Плачковица и секој слободен викенд го користиме да работиме на доуредување на домот – вели Симеон.