Чудесни формации опиваат во Пијанец

693
Фото: Дарко Андоновски

#РаскажиНиЗаМакедонија

Голак

Голак е средно висока планина, но е идеална за сите планинарски спортови. На терените на Голак своевремено имало ски-центар и илјадници деца зимувале во одморалиштето „Голак“, кое сега е само добар спомен

Кога ќе застанеш на врвот Мала Чавка, кој е втор по височина на Голак и се издига на скромни 1.508 метри надморска височина, на ведар ден јасно се исцртани хоризонтите на бугарска Рила, грандиозниот Пирин, планината над Пехчево, Влаина со врвот Кадиица, Средна Планина и врвот Беjаз Тепе што ги дели Пијанец од Малешевијата, потоа Обозна Планина, која е продолжение на Голак, Плачковица, Малешевските Планини со врвовите Ченгино Кале и Иљов Врв, кој е највисок со 1.803 метри. Во погледот влегува и Готен Планина, наѕираат и Огражден, шарпланинскиот масив, Осоговието со Руен и Царев Врв.
Иако е низок врв, тој нуди широка и богата палета видици, има заземено совршена позиција и е благослов за очите.

СКИЈАЊЕ НА ГОЛАК

Мала Чавка се наоѓа на десет километри од Делчево. Овој врв е природна граница. Ја дели општината Делчево со општината Виница. Има неколку планинарски патеки што од Делчево водат до врвот, но и нов асфалтиран пат што ја олеснува конекцијата и за оние што сакаат полесно да стигнат до реткиот воздух. Инфраструктурата на Голак е перфектна за планински велосипедизам. Патеките се идеални за благи планинарски прошетки или велосипедски авантури. Освен тоа, на падините се насадени разни билки. Има и обележана патека на билките, каде што е означено која билка каде може да се најде.

Фото: Дарко Андоновски

– Патеката на билките е едукативна и се наоѓа на највисоките делови на Голак. Има неколку информативни табли, испишани со билките што виреат на ова поднебје. Долга е околу 6 километри, обично се поминува за околу два часа и по нејзиниот тек можат да се видат голем број растителни заедници, мешани шуми, разни лековити растенија – пишува на информативните табли.

Во непосредната близина на Мала Чавка е и највисокиот врв на Голак, Голема Чавка со 1.536 метри. Но поради воениот објект движењето е ограничено.

Врвот Мала Чавка е популарен и по манастирот „Свети Пантелејмон“.

– Овде на 8 и 9 август има голема манифестација со музика, забава, гости од регионот и пошироко. Се собираат повеќе од 15 илјади луѓе. Тоа е убава традиција што со години се одржува. Организираме и планинарски марш, доаѓаат луѓе од цела Македонија и Бугарија – вели Љупчо Чучуковски, претседател на планинарскиот спортски клуб „Голак“ и водич на нашето патување.

Фото: Дарко Андоновски

Под Мала Чавка се наоѓа и таканаречената Бун Чешма со лековита вода, за која велат дека водата доаѓа од Рила. А теренот наоколу во зима е атрактивен и за скијање. Благата стрмнина, која го искачува врвот, е идеална за почетници, па секоја зима Мала Чавка е зимски центар полн со скијачи и санкачи.

Факти
Патеките на Голак се идеални за планинарски прошетки
Порано имало ски-лифт
Има потенцијал за зимски туризам

– На планината Голак во 1981 година се отвори детското одморалиште „Голак“, кое беше опремено со диско, менза, библиотека, 230 легла. И секогаш им стоеше на располагање на посетителите. Во зима се одржуваше зимска ски-школа. Во 1980 година се направија мал ски-лифт и ски-патека, сите можеа да скијаат. Но по 2005 година почна неговото уништување, сега останаа само руиниран објект и добри спомени. Се надеваме дека ќе се обнови и ќе заживее повторно. На ист начин заврши ски-лифтот и сега нема никаква трага од него, а има потенцијал Голак да се развие во зимски рекреативен центар. Ние како планинарско друштво секоја година организираме скијање, и има заинтересираност и од членовите, но и од сите граѓани на Делчево. И покрај тоа што е средно висока планина, два месеца може да има скијање на Голак, има услови за зимски туризам, претежно за почетници – вели Љупчо.

Фото: Дарко Андоновски

НЕДОСТИГААТ СМЕСТУВАЧКИ КАПАЦИТЕТИ

Планината Голак е посетена претежно од локалното население. Има потенцијал речиси за сите планинарски спортови, но 95 отсто е неискористена. Планинарскиот клуб „Голак“ организира традиционални маршеви секоја година на кои гостуваат луѓе од сите градови, како и планинари од Бугарија. Но она што ги кочи туризмот и развојот на туризмот на оваа питома планина се сместувачките капацитети. Единствен објект, во кој може да се сместуваат туристи, е хотелот „Гранит“, кој работи само за викенди. Сместен е во густа борова шума каде што воздухот силно мириса на свежина и смола. Има уште неколку објекти во неговата близина, но поради проблеми со сопственоста зјаат празни.

Фото: Дарко Андоновски

– Патот до Мала Чавка е комплетно реконструиран, инфраструктурата е одлична, само сместувачките капацитети се проблем, и тука треба да се реагира, да се најде решение, за да се привлечат туристи и да се подобри понудата на Голак. Тоа е неопходно за туризам, само на тој начин не само ние граѓаните на Делчево туку и сите заинтересирани ќе ги почувствуваат благодатите на Голак. Како планинарски клуб би сакале да оспособиме некој од постојните објекти овде, но тоа не зависи од нас – вели Чучуковски.

Пристапност до Кукуле
Истевнички Кукуље се наоѓа на еден и пол километар од селото Нов Истевник,
Патеката е планинска, обележана, малку стрмна, но лесно достапна

Голак е питома планина. Погодна за секого. Како што ни спомна Љупчо, се протега на површина од околу 20 до 25 километри во должина и 10-15 км во ширина. А веднаш до Голак се надоврзува и планината Обозна.

Фото: Дарко Андоновски

– Планината е добра за пешачење, нема ризични подрачја, и е идеална за сите видови планински спортови. Планинарење, велосипедизам, трчање, скијање. Ние имаме трасирано две-три планинарски патеки, кои почнуваат од Делчево, а завршуваат на највисокиот врв Чавка, 1.536 метри, или до Мала Чавка 1.508 метри надморска височина. Наредниов период ќе се поставува поконкретна маркација, односно табли и патокази до самите врвови, а ќе се обележуваат и нови патеки – вели Љупчо.
Секоја планина има свои специфики, па така и Голак е со специфична флора, фауна, географската местоположба.

Фото: Дарко Андоновски

– Има повеќе лековите билки, некои се користат за чаеви, некои за лекови. Има жолт и црвен кантарион, подабиче, риган, јаглика, печурки, вргањ, лисичарка, буковка. Од животински свет најмногу се застапени дивата свиња, волкот, лисицата, неколку вида глодачи, птици – вели Чучуковски.

МИСТИЧНИ КАМЕНИ КУКЛИ

Веднаш до Голак се надоврзува Средна Планина. А на падините на Средна Планина илјадници години како украс стојат Истевничките Кукуље. Фасцинантна природна реткост што ја нема на друго место, а ретко кој се наљубувал со нејзината уникатност. Заштитена со шума, скриена длабоко во Средна Планина, недопрена од очите на народот, мистериозно скукулена, оваа убавина засенува.

Фото: Дарко Андоновски

Оваа уникатна релјефна форма се наоѓа на 880 метри надморска височина. Има карактеристични форми на камени кукли. Науката укажува дека овие кукли се природна појава настаната со вековна ерозија на трошните седиментни карпи, при што останале само поцврстите делови.

– Природата реткост Истевнички Кукуље се наоѓаат на само еден и пол километар од селото Нов Истевник. Ова е еден геоморфолошки природен феномен, кој се наоѓа на падините на Средна Планина, и зафаќа површина од околу 200 метри во должина и околу 70 метри во ширина. Ги има околу 50 геоморфолошки формации во најразлична форма високи до 15 метри. НЕКОИ од нив личат на човечки фигури – како скаменети кукли, па оттука доаѓа и името. Некои места, пак, личат на замок, печурки, птици, куќарки, џуџиња, разни облици, зависно од перцепцијата на човечкото око. Во својот состав овие формации имаат песок, варовник и глина и под дејство на атмосферските влијанија со текот на годините се формирале овие Истевнички Кукуље, кои се импозантна појава. За нив има многу малку литература, така што баш се мистични и интересни за посета – ни раскажа Љупчо.

Пристапност до Голак
Врвот Мала Чавка е оддалечен 10 километри од Делчево,
Поврзан е со асфалтен пат
А и неколку планинарски патеки водат до него

Во последниве две години тие како планинарски клуб ја промовираат оваа локација за да овозможат што повеќе луѓе да се запознаат со овој природен феномен.

– Во изминативе пет години организираме планинарски маршеви од селото Нов Истевник, до Кукуљето, до врвот Бејаз Тепе, кој е на 1.350 метри на Средна Планина, а маршот завршува до историското село Разловци, каде што избувнало Разловечкото востание. Тура што опфаќа и природен феномен, и планинарски врв и историско село.

Фото: Дарко Андоновски

На овој начин ги промовираме и ги презентираме, и може да забележиме дека последнава година има голем интерес не само од планинари, туку од многу рекреативци, љубители на планина и од Македонија и од Бугарија, кои сакаат да дојдат и да го видат – додава претседателот на „Голак“.

Оваа година планинарскиот клуб поднел и предлог-проект до општината Делчево и до Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за воспоставување и уредување на планинарска патека, и за уредување на самото место околу Кукуље.

Фото: Дарко Андоновски

– Општината Делчево ќе учествува во мапирање на планинарската патека. Ќе бидат поставени патокази и инфотабли, а на самото место ќе бидат поставени клупи, маси, видиковец, канти, каде што ќе можат да уживаат посетителите – вели Љупчо.

Но она што итно треба да се направи, е заштита на овие Истевнички Кукуље за да не дојде до уништување на овој уникатен релјеф и да го изгубиме богатството што со години се таложело на ова парче земја. Тие засега се им оставени на природата и на Средна Планина.

Фото: Дарко Андоновски