Уникатните релјефни карпи ѝ даваат нова димензија на Малешевијата

154
Меловите се ерозивни форми со амфитеатрален облик, кои настанале со силна водна ерозија Фото: Дарко Андоновски

Меловите, геоморфолошки форми настанати од силна водена ерозија, се уникатна појава во Македонија и вистинска енигма за научниците. Наедно, тие се и интрига за геолозите и инспирација за фотографите

МЕЛОВИТЕ ВО ЦРНИК

Во регионот на селото Црник, Пехчевско, пред два и пол милиони години имало големо езеро. Целиот простор по кој газиме денес бил покриен со вода, езерски животински и растителен свет. Со векови се таложел езерски материјал од кој настанале дебели наслаги и се формирале карактеристични седиментни карпи. Како што минувало времето, климата се менувала, па наслагите добивале различна боја, форма, димензија… Така денес, на еден километар од селото Црник, неимарот природа изградил величествени амфитеатрални геоморфолошки форми, значително нагризени со површинска и длабинска ерозија.

ВИСТИНСКА ЕНИГМА ЗА НАУЧНИЦИТЕ

Пехчевскиот крај е запоставен како туристичка дестинација и потребна му е мала промоција да го привлече вниманието на туристите. Меловите, како што ги нарекува локалното население, совршено ја дополнуваат приказната „Посета на Пехчево“.
Овие геоморфолошки форми, настанати од силна водена ерозија, се уникат во Македонија. Вистинска енигма за научниците, интрига за геолозите и инспирација за фотографите.

Меловите совршено ја дополнуваат туристичката содржина на Пехчево

Стационирани се на околу 900 метри надморска височина, на падините на планината Влаина, јужно од планината Буковиќ, која населението ја смета за посебна вулканска планина со стара вулканска купа. А името го добила по раскошните букови шуми.

– Многу интересен предел, единствен во Македонија од овој тип. Нешто слично може да се види во Бугарија, кај гратчето Мелник, па можеби затоа изразите се слични, кај нас се мелови, кај нив Мелник. Но таму се во поголема димензија и целиот простор е уреден. Туристички е развиено местото и привлекува многу гости. Вистинска атракција е – ни рече Ивица Милевски, професор на Институтот за географија, геоморфологија, природни реткости, ресурси, природни непогоди.

НАЈГОЛЕМОТО АКТИВНО СВЛЕЧИШТЕ

Селото Црник се наоѓа во областа Пијанец, во северниот дел на територијата на општината Пехчево. Лесно го лоциравме. Возевме дури имаше асфалт, а на крајот од селото продолживме пеш. По правлив пат, наоколу обоен со нијанси на есента. Како што газевме, чувствувавме празнини под нозете. Професорот ни кажа дека минуваме низ најголемото активно свлечиште во Македонија. Пресушени бари, мочуришни остатоци, распукана земја, понекој магарешки трн во ширина од 500 метри и 200 метри должина го зафатиле овој простор.

– Во Македонија ова е едно од најголемите активни свлечишта, широко е околу 500, долго 200 метри. За наши услови, ова е големо, затоа што кај нас карактеристични се кратки свлечишта. Сега е мирно, но може да направи поопасна штета. Проблемот со ваквите свлечишта е што не можеш да ги предвидиш. Латентни се и одеднаш тлото може да се размрда. Пукнатините ни укажуваат дополнително на шупливоста на земјиштето – ни сподели Милевски.

На подножјето на свлечиштето минува Црничка Река, која, како што забележавме, е со мал водотек и има големо пресушено корито.

– Причина што за лизгавиот терен се малите барички, како и развиеното сточарство во минатото. Тука е затапкана земјата, не може да прима вода, понира. Уништен е голем дел од вегетацијата и земјиштето е подложно на ронење и свлекување. Одоздола има глина и се создава лизгав слој. Како што проценивме, околу три милиони тони земјиште се лизга. Постои опасност, при мало размрдување, свлечиштето да ја прегради реката и да се формира вештачко езерце. Тоа може да се случи од еден земјотрес. Водата нема да има каде да оди, но, со текот на времето, езерцето што ќе се создаде ќе бара тек да излезе, па може да се излее и да направи штета за целото село. Може да се случи поплава од големи размери. Има сведоштва дека за време на вакви примери се поплавувани куќи, стока и возила – алармира Милевски.

НЕКОЛКУ МИНИ-КАЊОНИ

Над свлечиштето и денес се напасува стоката, а реката ги напојува стадата. Ја прегазивме и по рабовите на коритото, избивме на подножјето на меловите. Природата овде се распуштила, како што најдобро знае и умее. Грмушки расеани на сите страни, камења расфрлани, некои донесени и од планината Буковиќ. Неколку мини-кањони што се полнат при обилни дождови сега пресушиле. Пределот буквално е нечепнат. Го чуваат само стадата и овчарите. За да се добие претстава на амфитеатар, требаше да ги искачиме околните лизгави ритчиња.

Факти
Меловите се геоморфолошки форми настанати од силна водена ерозија
Ги има само во околината на Пехчево
Стационирани се на
околу 900 метри
надморска височина
Имаат амфитеатрален
облик

Мустафа Ошафот од Црник, кого го сретнавме патем како ги напасува овците, ни се придружи во истражувањето на меловите. Ни сподели дека не многу често, иако се случува, доаѓаат фотографи да го снимаат местото, а секако и научници. Инаку, туристи има многу ретко, затоа што малкумина чуле за овие седиментирани форми. Како домаќин, за кого оваа глетка е секојдневие, тој ни кажа од каде се лови најфасцинантната глетка. Од кој агол окото ги опфаќа сите шест мела.

ИТНА ЗАШТИТА НА МЕЛОВИТЕ

Меловите се ерозивни форми со амфитеатрален облик, кои настанале со силна водена ерозија, но можно е врз нив да имал улога и катастрофалниот земјотрес што се случил во 1904 година, кој е со рекордна магнитуда со 7,5 до 7,8 степени по Рихтер, ни објасни професорот Милевски.

– Сметаме дека некои појави, како што е и огромното свлечиште во близината на селото, се резултат на земјотрес. Интересно е што на тие ерозивни места можат да се видат процеси на седиментација, има разни видови фосили, има слоеви со јаглен, што укажува на клима со голема пошуменост. Кон Црничка Река има мини-микрокањони, кои се длабоки 10, а долги 100-150 метри.

Со тим научници од Италија доаѓавме да ги истражуваме, да видиме дали има траги од некогашни ерупции. Ретко каде можат да се видат вакви убави профили. Секој метар профил одговара на 10-15 илјади години, а некои профили се и со 150 метри длабочина, па може да кажеме дека се стари и до еден милион години – објаснува Милевски.

Над Црник природата изградила шест поголеми мелови. Нивниот пречник е околу 300 метри, со амфитеатрален облик, длабоки се 120 метри, на нивното дно има мали кањонести вдлабнатини од 5 до 10 метри длабочина, должина околу 100 метри. Простор невообичаен за прошетка.

РУДНИК ИЛИ ТУРИСТИЧКИ ЛОКАЛИТЕТ

Од негативното влијание на човекот во минатото, со сточарство, уништена е вегетацијата до силни ерозивни процеси.

– Со константното уништување на земјиштето е уништена вегетацијата, што условува водата од реката и дождовите да не може да се впие, да надојде и да предизвика поплави. Имаме сведоштва и записи дека на ова место се случувале катастрофални поплави. Во 1960-тите местото е пошумувано, но тоа не е доволно и не може да го запре засекувањето што го вршат меловите. Тука има интересна природа, но и изразено влијание на човекот врз природата – вели Милевски.

Со текот на годините, со врнежите ќе продолжат да се зголемуваат меловите, кои со дождовите носат огромни количества еродиран материјал во реката. Оттука тој се носи кон селото, се натрупува и реката, наместо да се всекува, се издигнува, што предизвикува водата да не ја впива земјиштето, со што се зголемува ризикот од поплави. И не е препорачливо да се пешачи во подножјето на меловите и свлечиштето, затоа што по дожд се можни одрони.
– Реката поминува и низ делови од магматски и вулкански карпи, стара вулканска купа, имаме изобилство кварцлатити, па дури и минерали, видови жични карпи. Во текот на едно истражување е лоцирано богатство од бакарни, железни руди во околината на Кадиица и може да се видат парчиња карпи што се доста тешки – дополнува Ивица.

Пристапност
Црник е на десетина
километри од Пехчево
Меловите се на еден
километар оддалеченост
од селото Црник
Лесно се стигнува
по земјен пат.
По течението на
Црничка река

Тој смета дека многу скоро треба да се реши што ќе се прави со просторот. А, секако, прво што треба да се преземе е да се заштитат меловите.

– Научниците се воодушевени од овие структури, затоа што навистина се импресивни и невообичаени. Исто така се и извонредно место за фотографирање, особено пејзажите и боите што ги компонираат утрото и квечерината.

Туристички местово е перфектно за геотуризам, но кај нас тој сѐ уште не е развиен. А, секако, има подлога и за рурален туризам. Доживување е да се прошета и да се дојде до подножјето, затоа што просторот е богат со руда. Лоцирани се огромни количества железо и бакар и постои можност овде да се отвори рудник, така што локалната самоуправа треба да одлучи дали просторот ќе го намени за рудник или туристички локалитет. Како и да е, меловите совршено ја дополнуваат туристичката содржина на Пехчево. Подзапустен е крајов и треба малку да му се посвети внимание. Заедно со планинарските тури на Кадиица и посетата на Пехчевските Водопади, одлично се вклопува и прошетката до меловите во Црник – додава професорот.

Овие форми во меѓународната литература се нарекуваат бед-ленд појави. Во најизразена форма ги има во Невада.

Со мало расчистување и обележување на просторот, уредување пешачки патеки околу и над меловите, поставување информативни табли и изградба на видиковец, меловите би биле интересно место за еднодневна прошетка.