Село Тумчевиште – нема сиромашни, нема невработени, нема иселувања

8605

Раскажи ни за Македонија

Нема невработени лица, нема сиромашни семејства, нема иселувања, наталитетот и бројот на жителите се во пораст… Ова се белезите на селото Тумчевиште, кое се наоѓа во срцевината на горнополошко плодно поле, на надморска височина од 490 метри, меѓу планините Сува Гора на исток и Шар Планина на запад, а од левата страна тече реката Вардар. Атарот на селото се простира на 3,2 квадратни километри, со обработлива површина од 285 хектари. Селото е од збиен тип, групирано во Горно и Долно Маало, има 80 новоизградени современи куќи, во кои живеат околу 400 жители. Има останато уште четири стари куќи, нивните сопственици идната година ќе ги урнат и на темелите ќе изградат нови, модерни. Куќите беа изградени со помош на државата, веднаш по ослободувањето, во периодот од 1946 до 1950 година.

Селото Тумчевиште се вбројува меѓу ретките селски населби во општината Гостивар, можеби и пошироко, каде што живеат исклучиво етнички Македонци, а во последниве три децении постојано бележи напредок во сите сфери. Во позитивна смисла начинот на живеење го преобразија, што е за секоја почит. Пред тоа за селото се говореше дека се наоѓа на последното место на најсиромашните села во пошироката околина. Тумчевиштани успеаја маките и тешкотиите, бедата и сиромаштијата, бесперспективноста, да ги променат и создадоа квалитетни услови за живеење во нови современи куќи, опремени со мебел, бела техника и сѐ што му е потребно на домаќинството.

По пауза од речиси три децении, предизвиците ме поттикнаа повторно да го посетам селото Тумчевиште. Се присетувам на минатото, куќите беа трошни и во нив некако да се преживее, речиси секое семејство беше сиромашно. Да бидам искрен, денешното Тумчевиште не го препознав, од корен се изменило, како да сум дошол во нова, непозната, современа урбана населба. Првиот впечаток ме воодушеви. Шетам низ асфалтираните улици на селото, од двете страни се нижат куќи, една до друга, од убава поубава, нови, современи, со колоритни фасади и привлечна архитектура. Во нивната близина уредени штали, плевни полни со сено или слама, кошници полни со пченка за добитокот, сандаци со пчели, дворови со овоштарници, а пред нив паркирани комбајни, трактори со приклучни машини, нови автомобили. Сите улици асфалтирани со улично осветлување, сопствен водовод со пречистителна станица, подрачно училиште од прво до петто одделение, амбуланта, дворовите се уредени, како и селската река, игралиште за мали спортови асфалтирано и заградено, селото чисто, комуналната хигиена на висина.

– Во последниве три децении нашето село доживува преродба, во споредба со претходните години, кога едвај врзувавме крај со крај, сиромашно живуркавме. Живеевме во трошни куќи, ги крпевме, ги потпиравме со дрва да не се урнат, покривите прокиснуваа, условите за живеење беа под секакви стандарди: во нив немавме бања, вода, нужници, во еден период ниту струја. Условите за живеење беа тешки, но бевме цврсти, работливи, со труд, со работа успеавме да ги совладаме проблемите – вели 45-годишниот Даниел Ѓурчиноски, земјоделец и сточар.
Неговото семејство и соселаните со работа во нивите и со одгледување на добитокот ѝ рекоа збогум на сиромаштијата.

– Транзицијата на македонското општество ни ги отвори очите. Во фабриките во Гостивар работевме во три смени, во тешки и неподносливи услови, многу вложувавме, а примањата мали. На работа минувавме по десетина и повеќе часа. Немавме организиран превоз, секој се снаоѓаше на свој начин и дневно минувавме пеш по 5-6 километри по снег, дожд, студ и горештини. Кога ги затворија фабриките, останавме без работа, животот ни стана уште потежок. Бевме принудени да се вратиме на традицијата, на земјоделството и сточарството – се потсетува Даниел.
Неговото семејство во наследство имало три хектари обработливо земјиште и почнало да го обработува со современите агротехнички достигнувања, под наем зело уште толку хектари за обработка.

– Закрепнавме, остварувавме повеќе приходи од потребите што ги имавме, почнавме да штедиме и со заштедата од Албанците од соседното село Чегране, со кои, патем да споменам, одлично живееме, соработуваме и си помагаме, купивме четири хектари обработлива земја, изградивме современи штали, во кои одгледуваме седум високомлечни крави, свињи, пчели, кокошки, набавивме два трактори со сета приклучна земјоделска механизација. Целото семејство, татко ми и мајка ми, сопругата и двајцата синови сме ангажирани во нашето мало земјоделско-сточарско стопанство – вели Ѓурчиновски, кој е задоволен од квалитетот и квантитетот што ги остварува од пченицата, пченката, гравот и од другите земјоделски култури.
За пласманот нема проблеми, бидејќи поголемиот дел од приносот од житните култури го користи за исхрана на добитокот. Млекото им го откупува тетовската млекарница, плаќањето за предаденото млеко го вршат навреме. Задоволни се од стимулациите што ги добиваат, како и од поволните кредити што ги користат за осовременување на производство од програмите на ИФАТ, ИПАРД и од други странски кредитни линии наменети за развојот на земјоделството.

Пензионерот Еленко Мишески во дворот на новоизградената куќа подготвуваше материјали што ќе ги монтира во куќата за да создаде подобри услови за живеење.
– Работниот век го минав во гостиварската тулана. Газдите бараа од нас работниците само работа, трудот што го вложувавме не го ценеа, нѐ потценуваа со тоа што ни даваа тенок плик на платата. Тоа беше невидена експлоатација, а државата не преземаше никакви активности да се изменат ваквите состојби. Бевме принудени да работиме за минимални плати, бидејќи на пазарот на трудот немаше понуди за работа. Последниве две-три години работите се изменија, сѐ помалку има работници, иселувањето на работниците во странство придонесе цената на трудот на работникот двојно и повеќе да се зголеми. Пензијата ми е мала, семејниот буџет го дополнувам со приходи од земјоделството и од другите селски активности. Во Тумчевиште убаво се живее – вели Мишески.

Нашиот домаќин, 77-годишниот Тоше Јанев, натурализиран тумчевиштанец, роден во Скопје, а сопругата од Гевгелија дошла во 1965 година како учителка во четиригодишното училиште. Во најтешките моменти во животот не ни помислил да го напушти селото, цел работен век и длабоката старост ја минува тука. Првите две-три години минати во селото за семејството на Јаневи биле најтешки во животот. Живееле во една мала просторија во училиштето, во неподносливи услови, без струја, а водата и нужникот се наоѓале во дворот на училиштето. Љубовта и желбата на професијата беа посилни од сѐ, Јанев да остане и со голем елан и љубов да ѝ биде посветен на учителската дејност, да ги образова и воспитува децата, а тумчевиштани го прифатија како свое дете.

– Задоволен сум од животот и постигањата, со сопругата добивме три прекрасни деца, ги образовавме, ги извадивме на прав пат, сите имаат семејства, тоа е најголемиот благодат на родителите – вели тој.
Тоше Јанев се вбројува меѓу тројцата највозрасни жители на селото Тумчевиште, мошне е скромен, не сака да зборува за неговите активности во решавањето на инфраструктурните проблеми во селото – за помошта што им ја дава на селаните – пишување молби, жалби, барања и слично во локалната власт во Гостивар, во подрачните единици на министерствата во агенцијата за унапредување на земјоделството и сточарството. Значајно е тоа што со залагање на Јанев, во организирање протести, успеаја локалниот пат од селото да се вклучи на автопатот Гостивар – Тетово, со изградба на клучка. Негова заслуга е што во 1995 година се изгради нова училишна зграда, во која се изведува комбинирана настава од прво до петто одделение. Наставата се одржува во една училница во две смени, а ја посетуваат 18 ученици, додека 20 ученици од шесто до деветто одделение ја следат наставата во ЦОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, а уште толку ученици во средните училишта. Во селото живеат околу 400 жители и ги имаат сите услови за живеење.

– Изградивме водовод со пречистителна станица, која треба да се реконструира. За таа цел подготвивме проект и со барање го доставивме во општината Гостивар. Градоначалникот ни вети и очекуваме идната година да се реализира зафатот и да пиеме здрава и чиста вода. Проблем ни претставуваат двата километри пат од селото до натпатникот на автопатот Гостивар – Тетово, не само што е тесен и тешко може да се разминат две возила туку целосно е руиниран и со ударни дупки. До надлежните институции на локално и централно ниво доставивме повеќе барања за реконструкција на патот, добивме ветувања, се надеваме дека ќе бидат исполнети – вели Јанев.
Во двете селски продавници има сѐ, снабдени се со богат асортиман и цените на производите се реални. Во двете кафеани се забавуваат, се релаксираат. Во младите години Тоше Јанев беше фудбалер ги бранеше боите на повеќе екипи во Полог. Во Тумчевиште заедно со вљубениците во фудбалот во 1981 година го формира фудбалскиот клуб Пролетер, кој денес се натпреварува во Третата фудбалска лига и се наоѓа на средината на табелата. Тоше Јанев и Дејан Божиновски се тренери на клубот и се задоволни од младите, кои со голем ентузијазам тренираат и на теренот даваат сѐ од себе.

Во капиталното дело „Полог – антропогеографско проучување“ на вруточанецот Јован Трифуновски, отпечатено во 1961 година, пишува дека Тумчевиште е старомакедонско село, се споменува во пишаните документи во 1461 или во 1462 година, а во една пресуда стои дека границата на вакуфот на Мехмед-бег од Тетово се наоѓа западно од Тумчевиште и излегува на патот Тумчевиште – Топлица. Во вториот писмен документ што е зачуван од 1470 година, вакуфот на Мехмед Кјебир Челебија, имотот, граничел со атарот на селото Тумчевиште.
За време на турското владеење, селото било разурнато, црквите запалени, а поголемиот дел од населението се раселил, пишува Трифуновски. Во 1943 година, во Втората светска војна, вторпат Тумчевиште гореше во пламен. Куќите биле запалени со покуќнината, плевните со храната за добитокот, запалени биле и црквите и манастирите, глетката била ужасна од зулумот што го извршиле жителите Албанци од соседното село Чегране, а жителите присилно се иселиле во Гостивар, Тетово и Скопје. На почетокот на 1946 година тумчевиштани почнале да се враќаат и да ги обновуваат куќите, да градат нови и, постепено, раселените жители почнале да се враќаат во своите нови домови.

Пред влезот на селото Тумчевиште, од левата страна на локалниот пат, од страна на автопатот Гостивар – Тетово, се наоѓа црквата „Св. Арангел Гаврил“, изградена пред неколку века. Неколкупати била палена и уништувана, а тумчевиштани постојано ја обновувале на првобитните темели. За време на турското владеење, селото било разурнато, а не ги поштедиле ни црквите и манастирите, и тие биле запалени и целосно уништени. Тумчевиштани ја обновиле црквата, која во 1943 година, пак, била запалена и целосно уништена. Во 1996 г. на темелите на црквата беше изградена нова и беше осветена. Во 2016 г. пред црквата беше изграден и осветен 11-метарски крст. Селска слава е патронот на црквата „Свети Архангел Гаврил“, традицијата не е прекината, секогаш се празнува на 26 јули, на која присуствува многу народ од двата полошки града Гостивар и Тетово, од горнополошките села. Празнувањето завршува со општонароден црковен собир.

Сретсело се наоѓа црквата „Св. Димитрија“, која неколкупати била палена и до темел рушена. Црквата, која била изградена во 1878 г., била запалена и урната за време на Втората светска војна, во 1943 година. Обновена е во периодот 1965-1967 години, а на 20 септември 1970 година ја освети г.г. Доситеј, првиот поглавар на Македонската православна црква.