Селото Дуф со пет маала, како пет села

1935
Ранчот на Бејта

#РаскажиНиЗаМакедонија

Текст и фото: Киро Кипроски

За љубителите на природните убавини, на недопрената природа, на мирот и тишината, за неповторлив одмор далеку од градската врева и неподнослива клима, простор за релаксирање и рекреација, за собирање шумски и други плодови… во овие есенски денови ви го препорачуваме селото Дуф. Се наоѓа меѓу градот Гостивар и населбата Маврови Анови. Атарот на селото се простира на површина од 25 квадратни километри, на која шумите се најзастапени, со 1.660,5 хектари, пасиштата на 535,6 хектари, а 296,3 хектари отпаѓаат на обработливо земјиште. Овој планински простор се наоѓа на источната зона на општината Маврово, Ростуше, на јужните огранки на планината Враца, западно од Горни Полог. Петте маала (Балабан, Јарчевиш, Чајане, Брезовец и Тољање) се простираат на надморска височина меѓу 1.000 и 1.3000 метри, а меѓу себе се оддалечени од неколку стотина метри до 4-5 км. За да се стигне во селото Дуф, на посетителите на располагање им стојат два патни правци, а километражата речиси е идентична, околу 18 километри. Патот што води низ селото Вруток, месноста Водостан, на системот „Шарски води“, во должина од 4 до 5 километри, е земјен шумски пат, полн со нерамнини, вдлабнатини, вистинска мајсторија е потребна да се вози по него, и тоа исклучиво со теренско возило, и се пристигнува во маалата Тољане и Брезовец.

Одлучивме да го користиме регионалниот пат Гостивар – Маврови Анови. На неколку стотина метри пред месноста Бунец се наоѓа информативна табла и патоказ дека за да се стигне во селото Дуф, се врти десно и се вклучувате на локалниот пат. Неколкуте километри се асфалтирани, а има и макадамски пат и без проблеми може да се вози. За нас информативната табла не беше од корист, бидејќи мојот домаќин и водич Ќирко Божиновски, роден во оваа селска населба и вљубеник во неа, слободното време, а особено викендите и празничните денови, фамилијарно ги минува во куќата на неговите предци, која се наоѓа во маалото Брезовце. И јас, по многу поводи и празнувања, сум доаѓал во овој прекрасен крај.

Сонцето беше високо издигнато и со зраците во закрила го имаше широкиот регион на селото. Глетката е неповторлива, одмор за очите, а во душата се раѓаат романтични чувства. Уживавме со сите сетила. На дланка ни е целиот простор исполнет со разновидна шума, која започнала да го менува своето руво, непрегледни пасишта на кои се напасуваат стада ситен и крупен добиток, вегетацијата е бујна. Карактеристично е и тоа што на сите страни има голем број чешми и од дулките блика студена, чиста и лековита вода.

Ќирко Божиновски

На стотина метри пред влезот во првото маало на селото Дуф, Балабан, застануваме да го видиме дуфскиот цевковод, поставен на непреоден и тежок терен во латинската буква V, кој ги пренесува водите на „Шарскиот систем“ во Мавровската акумулација, а потоа се пренасочуваат во ХЕЦ „Вруток“. Неколку работници на скопска градежна фирма појадуваа и одмораа. Во краткиот разговор дознаваме дека вршат санација на 600 метри, на неколкукилометарскиот дуфски тунел. Нивната фирма е единствена во регионот што извршува тешки и сложени работи во подземен планински тунел. На 27 мај 1957 година, од хидроелектричната централа „Вруток“ потекоа првите количества електрична енергија. Над полвековното производство на струја на мавровските електроцентрали, низ овој тунел од Мавровско Езеро минале милијарди кубни метри вода, кои со огромен потенцијал паѓаат и ги движат турбините на ХЕЦ „Вруток“, а потоа и на ХЕЦ „Равен“. Двете централи годишно произведуваат над 300.000.000 квч електрична енергија. Поради санација на тунелот, двете хидроелектрични централи се во застој. Затоа, речното корито на реката Вардар низ Гостивар речиси е суво, се движат минимални количества вода, кои едвај ги задоволуваат потребите за опстој на флората и фауната. Како што дознавме, уште во текот на месецов тунелот ќе биде ставен во функција и ќе продолжи производството на струја.

На влезот во Балабан, првото од петте маала на Дуф, пред нас гледаме интересен контраст на стари куќи со урнати ѕидови и покриви, а до нив се наоѓаат нови современи градби, со ѕидови од обработен камен, уредени дворови со зеленило и цвеќиња, со огради. Се воодушевуваме и коментираме дали е можно вака да се гради во планинско место. Во маалото постојано живеат 24 луѓе, кои се занимаваат со сточарство. Џемаил Османи одгледува околу 1.000 овци, а неговиот брат над 300 овци и 80 крави. Задоволни се од животот. Со сточарство се занимаваат со години, а го наследиле од предците, од родителите. Од квалитетот и квантитетот на млечните производи се презадоволни, а со пласманот немаат проблем, купувачите доаѓаат и од бачило им ги откупуваат по пристојна цена.

На патот, од спротивната насока застана возилото во кое се наоѓаше Јосиф Пепчек, со сопругата Илина Симјановска-Пепчек, единствените постојани жители во маалото Јарчевиш. Нѐ канат на гости, иако се тргнати да одат во населбата Маврови Анови. Се договоривме да ги посетиме на крајот на престојот. По асфалтната патека се спуштаме надолу, нѐ пречекува сосема друг амбиент, долината на реката Мелце, која минува низ средината на маалото Чајане, сочинето од десетина нови куќи, со уредени дворови, насекаде доминираат зеленилото и разнобојни цвеќиња. Од овошките се застапени јаболка, круши, сливи и разновидни градинарски култури. На овој простор доминира прекрасно уреден ранч, а кога се приближивме, се појави сопственикот Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар, кој нѐ покани на кафе-муабет.

Невзат Бејта

– Никогаш не сум се откажал од родниот Дуф, доаѓав на неколку часа, да ги наполнам батериите и се враќав во Гостивар, бидејќи фамилијарната куќа беше урната. Но аманетот на предците не го заборавив, да изградам куќа и почесто со семејството да престојувам, да ја продолжам традицијата и да ја пренесам на новите генерации. На татковото место, пред 7-8 години, почнав да градам куќа и паралелно го уредував просторот, кој беше обраснат со трње, на места беше непристапен. Вложив многу труд и пари, ги искористив знаењето и искуството на моите пријатели стручњаци и крајниот резултат е одличен. Задоволен сум од сѐ што изградив, по мој вкус и потреби. Куќата е покрај селската река, просторот постојано го греат сончеви зраци и го привлекува вниманието на сите што престојуваат во Дуф – раскажува Бејта, задоволен беше што го испочитувавме, а тој ни возврати со топлина, со кафе и со понекоја чашка француски коњак.

Покрај семејната куќа има изградено помошни простории, рибник, а покрај оградата до самата река се наоѓа отворен чардак, во кој удобно можат да се сместат десетина лица. Во рамките на оваа партија има изѕидано фурна и скара. Секој што сака може да ги користи, со друштво да направат пикник, да уживаат во природата во овој несекојдневен амбиент, покрај жуборот на реката Мелце со чиста и бистра вода.
– Срцето ми е широко, има место за сите – вели Бејта и додава дека користењето е без надомест, без негово одобрение никој не може да риболови во рибникот.
Непосреден сосед на Бејта е 46-годишниот Фарија Селмани, поранешен ракометар, а денес тренер на гостиварскиот клуб. Во дворната градина, покрај зеленилото и цвеќињата, на поголем простор одгледува градинарски култури.

– Овде сѐ успева, почвата и климата се идеални за секоја градинарска култура, наводнувањето го вршам со чиста вода од селската река, родот не изостанува. Ми причинува задоволство да одгледувам градинарски култури и на семејството му обезбедувам еколошки здрава храна. Дуф го напуштив на седумгодишна возраст, се вратив пред осум години. Во душата почувствував немир, имав ноќен кошмар. Постојано ги сонував покојните татко ми и брат ми, кои инсистираа да ја обновам куќата и да ја продолжам традицијата. Сега живеам во спокој. Секако, децата се најзадоволни, многу го сакаат Дуф, летниот и зимскиот одмор ги минуваат тука, како и секој викенд – вели Селмани.

За овие седум години се изградени седум викенд-куќи, а на темелите на урнатата џамија е изградена нова. На спротивната страна од маалата Балабан и Јарчевиш, на надморска височина од околу 1.300 метри, се наоѓаат маалата Брезовец и Тољане. За петнаесетина минути од маалото Чајане, со мајсторско возење на Ќирко, ги минавме четирите километри низ серпентини, по нерамен макадамски пат.
– Во двете маала не живее никој, а за викендите, преку лето и зима, на одмор доаѓаат стотина посетители чие потекло е од овој крај и нивни пријатели. Најголема посетеност има за празникот Водици, бројката достигнува и до двесте луѓе. Четирите неасфалтирани километри се најголемиот проблем да дојдеме во нашите маала. Поради тоа и посетеноста се намалува, а иселените соплеменици во Србија сѐ поретко доаѓаат, нивните куќи попуштаат од забот на времето и се уриваат… Кај многумина постои заинтересираност да ги реновираат куќите на предците, како и да изградат нови, но лошиот пат ги одвраќа – заклучува Ќирко.

Пред да го напуштиме Дуф, ја посетивме брачната двојка Јосиф и Илинка Папчек, единствени постојани жители во маалото Јарчевиш.
– Единаесет години животот го минуваме во овој прекрасен крај. Еднакво ни е убаво и во зима, кога има многу снег, напролет кога се буди природата, налето и наесен, кога ги собираме шумските плодови и шетаме низ непрегледните ридови и долини. Со паѓањето на првиот снег, а и пред тоа, низ дуфските маала шетаат волци, нѐ посетува и мечката, досега сме немале штети, само пред две години мечката ни изеде една коза. Во маалово сум сѐ, кмет, одговорен на црквата „Св. Богородица“, кај мене се клучевите, ја отворам за посетителите, ја чистам и одржувам – вели Јосиф.

Задоволни се од животот, одгледуваат десетина кози, над педесет кокошки, неколку десетини гулаби, имаат градина во која одгледуваат домати, пиперки, грав и други градинарски култури, како и ореви, јаболка, сливи. Јосиф е страстен ловџија, не се фалеше, но уловува понекоја дива свиња за да се мине долгата снежна и студена зима. Мезевме од домашниот специјалитет, козјо сирење, се напивме домашна ракија од сливи, „галичко виски“ (маштеница). Кој е работник, може добро да заработува и од собирање шумски плодови. Смреката нечиста ни ја откупуваат по 85 денари за килограм, а печурката вргањ сува, во зависност од периодот цената се движи меѓу 1.500 и 2.000 денари. Двајцата ни потврдија дека имаат соживот со соседите Албанци, си помагаат и ја продолжуваат вековната традиција на предците, кои секогаш заеднички ги решавале проблемите и заеднички учествувале на домашните прослави и веселби.


Историјат

 
Селото Дуф е стара селска населба, која се спомнува уште пред десет века, во 1020 година, во византискиот период, кога владеел византискиот император Василиј Втори, како и во црковното поглавие на цар Стефан Душан од 1331 година. Првите пишани податоци за селото Дуф се наоѓаат во пописниот отомански дефтер број 508 од 1467 година. Запишано е дека Дуф имало 40 рисјански семејства. Во 1868 година Дуф имало 48 македонски христијански православни семејства, во 1900 година 128 куќи со 1.130 жители, од кои 860 православни Македонци и 270 исламизирани Македонци.
Според податоците добиени од пописот спроведен во 1961 година, Дуф имал 608 жители, од кои 363 биле Македонци, а 244 Албанци. Во втората половина на 20 век и Дуф го зафаќа миграцијата село-град и драстично се намалува бројот на жителите, со пописот од 1994 година се регистрирани 55 жители. Според последниот попис на населението во Македонија, спроведен во 2002 година, Дуф имал 39 жители, од кои 37 Албанци и 2 Македонци. Традиционално дуфчани се занимавале со сточарство и земјоделство, а машките деца што наполнувале десет години заминувале на печалба кај своите блиски во Србија, Бугарија, Турција, Романија, Америка, Русија и во други земји, кои биле прочуени како одлични кораџии, слаткари, фурнаџии и угостители.
За селото Дуф е значајно тоа што во секое маало во минатото имало по една црква, бидејќи доминирало православното христијанско население, во кои ги задоволувале своите верски потреби. Денес опстојуваат црквите: „Св. Богородица“ во маалото Јарчевиш, изградена во 1852-та, во маалото Брезовец – „Св. Петка“, изградена во 1842 година, и „Св. Варвара“ во маалото Тољане од 1860 година, осветена во 2007 година.
Во втората половина на 18 век, македонскиот елемент (мијачки) од Горна Малесија и Матка, во Матија (денешна Албанија) се одвивале големи преселнички движења кон исток, преку двете главни миграциски артерии што минувале низ Корапска и Бистричка порта. Огромните маси бегалци барале на сигурни засолништа, за да се заштитат од осилените фанатизирани исламски секти, кои засилено вршеле исламизација на автохтоното население. Селото Дуф било собирен пункт на бегалците од северните краишта на Матија и се упатувале кон Полог. Не е ни чудо што некои од бегалците останувале и се засолнувале тука. Овој историски податок го изнесува д-р Петар Поповски во книгата „Мијаците потомци на Античките Македонци и прастари жители на Матија (денешна Албанија)“.
Во Тетово и во Гостивар, првите училишта почнале со работа во првата половина на 19 век. Во Тетово во 1820 година, како прв учител бил ранопреродбенскиот деец Кирил Пејчиновиќ, а во Гостивар датира околу 1850 година. Покрај појавата и развитокот на училишното дело во двата полошки града, училишта се отворале и во поголемите, повидни и поразвиени села. Така, околу 1840 година црковно училиште било отворено во селото Дуф, објавил Александар Трајановски во научниот труд „Црковно-училишните општини во Полог од нивното основање до Берлинскиот конгрес (1878)“, поднесен на четвртиот научен собир „Полог низ вековите“, во рамките на Бигорските научно-културни собири.