До Голина се стигнува исклучиво0 со теренско возило фото: Дарко Андоновски

На околу 14 километри од крајбрежјето на Охридско Езеро и Струга почнуваат да се распленуваат корените на планината Јабланица. Јабланица е втора по големина планина во западната шарска област. По карактер е млада верижна планина, натопена со многу вода и покриена со бујна вегетација. Предизвик за секој што би сакал да почувствува еуфорија во телото, бистрина во погледот

Авантурата со џип почнува на крајот од патот, кој веќе ти е познат. Можеби ќе се изгубиш, но никогаш нема да се заглавиш. Авантуристичкиот дух на Јабланица го тестиравме по див и заборавен терен, по земјен пат полн со мини-базени, низ шумски тунели, по нечепнати планински беспаќа. Откривме екстремна убавина по асфалтот. Стапивме во контакт со природата. Го осетивме адреналинот на сафарито.
Јабланица е втора по големина планина во западната шарска област. По карактер е млада верижна планина, натопена со многу вода и покриена со бујна вегетација. Предизвик за секој што би сакал да почувствува еуфорија во телото, бистрина во погледот.

Нема постојани жители, туку е викенд-населба
фото: Дарко Андоновски

ПАНОРАМА КОН ОХРИДСКО

Сртот на планината Јабланица се протега на македонско-албанската граница, при што источната падина е во Македонија, а западната падина лежи во Албанија. На околу 14 километри од крајбрежјето на Охридско Езеро и Струга почнуваат да се распленуваат корените на планината. Тргнавме од Скопје во пет часот, да го фатиме моментот кога се буди планината. Се исклучивме неколку километри пред граничниот премин Ќафасан. Офроуд-клубот „Лихнид“ од Охрид уште на почетокот ни ја навести необичноста на патувањето. Неразгазените и брановитите терени нѐ впуштија во тобоган полн со возбуда. Возиме по поранешен воен пат. Маршрутата ја имаме. Се движиме по месностите познати по караулите Мали Влај, Тришилка, потоа се минува низ селата Вишни, Горна Белица и локацијата Голина последна дестинација. Мал залак за „Лихнид“. Лесен предизвик за совладување на супервозачите Дејан Костојчиноски и Орце Стојаноски.

Четврта година клубот „Лихнид“ ја нуди турава
фото: Дарко Андоновски

Она што заведува по цел пат е панорамата кон Охридско Езеро и струшкото поле. Пејзажите надополнети со темнозелена дабова и букова шума создаваа компатибилна целина. Како и секое движење по планина, спиралните вители се неизбежни. Патот пробиен во шумскиот тунел нѐ обзема со ладовина. Силно се чувствува парфемот на природата. Лете климата е свежа и пријатна, додека зиме има чести, понекогаш дури и обилни врнежи од снег.
Кога ја поминавме меѓата на Горна Белица решивме да направиме сериозна пауза. Чичко Ламбе Балкоски ни беше домаќин во селото. Нѐ пречека со полна трпеза гостољубивост. Тој е стар беличанец, а сега откако селото е тотално иселено и пренаменето во викенд-населба, секој слободен миг го користи да се насладува со блаженоста на селската природа. Тој стопанисува и со планинската куќа „Горна Белица“. Вели дека тој што сака да го допре воздухот треба да престојува неколку дена токму во ова планинско село. Планинската куќа „Горна Белица“ се наоѓа на 15 километри од Струга и Охридско Езеро и на 30 километри од градот Охрид. Порано имало 20, а сега 10 опремени апартмани и капацитет за 30 лица.

ВИКЕНД-НАСЕЛБА

Селото Горна Белица се наоѓа на 1.450 метри надморска височина, под врвовите Чума 2.125 метри и Црн Камен 2.254 метри, под пештерата Крстец, под изворите на Беличка Река. Од Струга е оддалечена 16 километри. Поврзана е по асфалтен пат што врви низ живописни предели од дабова и букова шума. Нема постојани жители, туку е викенд-населба.


– Дамнешен стремеж на Горна Белица било да стане важен струшки центар. Прв чекор во тоа е градење хотел од Електростопанство ХЦ Глобочица. Во втората половина на 19 и почетокот на 20 век имало 40 дуќани, била важен трговски центар. Пазарен дел бил петок. Доаѓале жители и од Албанија. Во рацете на беличани била струшката трговија. Првото име на Горна Белица било Бела, добиено од белината на реката што се пени на стрмниот тек. Подоцна израснала уште една населба, по која се јавуваат определбите Горна и Долна Белица. Топонимите Градиште, Чума, Крстец, Долина на умрените, укажуваат дека на ова подрачје одамна имало живот. Низ неа минувал и познатиот пат Виа Игнациа, кој го поврзувал Солун со Драч. Првпат училиште на македонски јазик се отворило по ослободувањето во 1944 година – „Свети Климент“. Во прво одделение имало 30 ученици – ни раскажа Ламбе.
Тука е сместен единствениот манастир што го носи името „Свети Климент“. A дека е свето место го потврдуваат и трите цркви „Света Петка“, „Света Недела“, „Света Троица“ или позната како Парумба на влашки, што значи гулабица на македонски.
– Единствен манастир со името свети Климент се наоѓа на 2,5 километри од Горна Белица, сместен во питома долина. Според народната меморија, овој манастир го подигнал свети Климент Охридски. Првата црква „Света Петка“ е еднокорабна. Зачувани се само едно крило од царските двери и икона со житие на света Петка и една птица во резба. По изградбата на новата црква „Света Петка“ оваа е запоставена. Новата е изградена набргу по доселувањето на беличани. Поради послабите финансии била со скромни димензии и квалитет. Но подоцна, откако материјално зајакнале, вложиле во неа – сподели Балкоски.

БОГАТО ВЛАШКО СЕЛО

Пријатно добредојде во селото ни посакаа и Марика и Антонио Лаброски и ни отпеаја неколку песни, и на македонски и на влашки.
– Овде доаѓаш и се забораваш. Одново се раѓаш – вели Марика.
Уживавме во друштвото и приказните на Сотир и Слободанка Балкоски, Миха Пано, Ацо Белески. Сите имаат викендички во Горна Белица, и сите со жар раскажуваат за животот во неа.
– Како деца навечер се качувавме на Црн Камен, највисокиот врв на Јабланица, и го гледавме Јадранско Море.


На полна месечина или на изгрејсонце најубаво се гледа. Кога нема испарување на водата. Инаку, на врвот Чума има манастирче, познато како Парумба или Гулабица. Има легенда поврзана со тоа место, која вели дека откако овде се населиле Власите во 1750 година, во 1759 година неколку жители ги фаќа чума и биле однесени на ова место, по што го добило името. На втор ден Духовден излегла исцелителна вода, која ги излечила луѓето и се вратиле во селото. Оттогаш овде се оди на втор ден Духовден на чествување на манастирот. Жените треба да се облечени во бело, посебно оние што немаат пород. И се оди од една страна, а се враќа од друга, како на свадба. Се верува дека потоа жените се плодни. Оваа традиција се пренесува од колено на колено. И има посета, секоја година сѐ повеќе – ни раскажа Ацо Белески, претседател на месната заедница и на здружението на граѓани „Убава Горна Белица“.

Факти

Горна Белица се наоѓа на 1.450 метри надморска височина
Овде е единствениот манастир со името свети Климент
Јабланица е втора по големина планина во западната шарска област Има прекрасна конфигурација, живописен предел и многу вода

Се смета дека Горна Белица настанала кон крајот на 17 век, претежно од Власи. Се занимавале со сточарство и продавање производи од млеко. Сите селани биле сточари и трговци. Имало над 15 илјади овци. Се сметал за богат крај, како последица на продажбата на млечни производи. А имало и школи, институции.
– Во самото село по 1945 година дошло до иселување, поради миграцијата село-град, претежно во Струга. Во 2002 година последниот жител починал овде. Оттогаш е викенд-населба, а не населено место. Потоа почнува да се гради викенд-населбата. Сега има околу 300 куќи, изградени во посовремен стил. Старите куќи веќе речиси ги нема. Селото има потенцијал за развој на селски туризам. Во советот на месната заедница предвиден е развој на селскиот туризам, сакаме да привлечеме туристи за еднодневни екскурзии, па и на повеќе денови – вели Белески.

ЌЕ СЕ РАЗВИВА ВО ТУРИСТИЧКО СЕЛО

Планирано е да се уреди инфраструктурата, како на самото село, така и патот, да се прошири и да се адаптира за потребите на туризмот.
– Основната замисла е да развиеме планински туризам, алпинизам, параглајдерство, велосипедизам, мотоциклизам. Има услови, мислам годинава ќе реализираме нешто – вели Белески.
Планинарските друштва веќе ја имаат намирисано убавината на Горна Белица. И задолжително од овде се посетуваат Чума и Црн Камен.
– Старата караула сакаме да ја пренамениме во планинарски дом или мотел. Да може да престојуваат планинари, авантуристи, велосипедисти. Сакаме велопатеки да направиме, целосна инфраструктура за туризам – додава Ацо.
Горна Белица на влашки е Бела ди Супра. Селото било исклучиво влашко пред 250 години.


– По потекло сум оттука. Вљубеник сум во Горна Белица. Во 1922 година се иселиле моите родители. Тетка ми беше меѓу последните што се иселија од селото. Откако памтам за себе секој летен распуст бев овде. Имаме викендичка. Често доаѓавме и тогаш и сега. Само сега ни фали продавница. Но доброто е што сме солидарни сме и си купуваме едни на други, се дружиме – вели Антонио Лаброски.

Офроуд со „Лихнид“

Офроуд-клубот „Лихнид“, пак, ѝ дава поинаква перспектива на Јабланица. Тие на туристите им нудат џип-сафари по заборавените патишта низ планината, по тотално нечепнати места, каде што агува чистата природа. Авантурата почнува меѓу пајажините на шумскиот појас и патот полн со вдлабнатини. Дејан Костојчиноски ни сподели дека од мај до октомври постојано се движат по трасата. Туристите бараат тотално неискомерцијализирани предели, па тие им стојат на располагање да им ги доближат кадрите зад сцената на Јабланица.
– Јабланица има прекрасна конфигурација, живописен предел, изобилува со букови, дабови шуми, бор. Панорама што ретко се доживува.

Пристапност

Се исклучува неколку
километри пред Ќафасан
Се вози по земјен пат,
пристапен само со теренско
возило
Горна Белица од Струга е
оддалечена 16 километри
Поврзана е со асфалтен пат
Целата тура е околу 100
километри

Теренот не дава со друго возило да се стигне до овде, па оттука и предизвикот е посилен. Снегот се задржува долго, што му дава свежина на крајов. Внимаваме да не ја нарушиме, ниту да ја нагрдиме убавината, да го почитуваме редот на движење. Денешната маршрута почна од граничниот премин Ќафасан, се движевме погранично, по поранешен воен пат, минуваме низ караулите Маливлај и Три Шилка, до селото Вишни, и Горна Белица. Голина ни е крајна дестинација. Пространа ливада, одлична за пикник-пауза. Тука најчесто ги паркираме теренците и пеш околу 45 минути одиме кон Вевчанско Езеро. Во близина е и врвот Црн Камен, кој исто така не се пропушта, но потребно е повеќе пешачење – вели Орце Стојаноски.
Четврта година „Лихнид“ ја нуди турава, а најчести гости им се туристи од европските држави. Целата траса е околу 100 километри.
– Според реакциите на нашите посетители гледаме дека уживаат по целата траса. А и ние максимално се обидуваме да им го доловиме духот на Македонија, да ја дегустираат традицијата на нашата земја. Сакаме да ја претставиме во најдобро светло, организираме пикник, им подготвуваме традиционална храна. Се трудиме да ги задоволиме апетитите на туристот. Да им овозможиме да ја видат дивата страна на Јабланица – додава Орце.