Пејзажите како икона на природата

988
Фото: Киро Кипроски

#РаскажиНиЗаМакедонија
ЖЕЛЕЗНА РЕКА

Железна Река е двојно име, на населба и на река. Населбата ја сочинуваат шест маала и две меѓумаала, кои се оддалечени од 500 до 1.000 метри. Имаат девет цркви, еден манастир и седум гробишта. Во 80-те куќи постојано живеат триесетина жители со над 70 години, а пред половина век двојно повеќе куќи со околу 600 лица

По триесетина минути возење со автомобил и околу 20 километри минати југоисточно од Гостивар, безбедно пристигнавме на целта на патувањето во селото Железна Река. Внимателно возевме низ серпентините на планината Сува Гора и низ селата Беловиште, Лакавица и Србиново. Им се воодушевуваме на пространите есенски пејзажи, невидени, неповторливи со разновидни колоритни бои, најзастапени суво злато и зелена, а ги имаше и другите основни бои без црната и белата, дури и несекојдневната жарцрвена. Пејзажите се како икони на природата, што се простираат на сите страни, го облагородуваат просторот со убавини, еднакво долината на Железна Река, височините на планината Сува Гора на источната страна, кои се продолжуваат на планината Добра Вода, преку планината Пеклиште, на јужната страна. Од маалото Ралевци ги гледаме највисокиот врв во државата Голем Кораб и Корапска Врата. Им се восхитуваме на волшебните убавини. Сончевите зраци, како што го менуваа аголот на осветлување, така од час на час, се менуваше колоритот на пејзажите, со што престојувањето во недопрената природа ни го правеше посебен, неповторлив во претпоследниот ден на месец октомври. Пејзажите не можат просторно и светлосно да се ограничат, тоа е духовната компонента, а не биолошката! Температурата на воздухот беше за неколку Целзиусови степени повисока од просечните за овој период на годината.

ОПЕАНА ВО ПОЕЗИЈАТА

Железна Река е област на етнички чист македонски ранохристијански регион. Исконска, македонска цивилизациска единка на Европа. Нејзиниот атар се простира на 226,2 квадратни километри. Најзастапени се шумите на 2.359,2 хектари, потоа обработливото земјиште на 22,4 хектари и пасиштата на 31 хектари.
На 2 август 1991 година, на големиот македонски национален празник – Илинден, поетот Радован Павловски, академик на МАНУ, ја промовира Поетската Република Железна Река, од каде што му се корените. Поетот вели дека секогаш со духот е со Железна Река и ќе забележи: „Каде и да се наоѓам во светот секогаш со мене е Железна Река. Јас сум река со повраток, а не река без повраток“. Благодарение на поетот Павловски, Железна Река е најмногу опеана во поезијата, споменувана на сите меридијани и е препознатлива.

ЖЕЛЕЗНА РЕКА СО ШЕСТ МААЛА

Нашите домаќини и водачи Боге и Трпе Крстески, татко и син, ни кажаа дека Железна Река е двојно име: за селото Железна Река и за реката, која извира на 1.800 метри надморска височина на местото Деница, на планината Добра Вода, минува низ селото, има водопад, во минатото се наоѓале седум воденици, во реката има повеќе видови риба, а налето претставува природен резерват за рекреација на младите железноречанци. На шега додаваат: Железна Река претставува мини-федерација на поранешна СФРЈ. Има шест маала (републики) Мартиновци, Пештерци, Сталевци (Рудниче), Корчевци, Голомовци и Ралевци и две меѓу маала (покраини) Чулиновци и Миновци, едно од друго се оддалечени од половина до еден километар.
Секое маало си има сопствен катастарски простор и ги поседува сите карактеристики на едно село, со црква, гробишта, пристапни асфалтни патишта, со водовод и сл.
Село со 10 цркви.

Железна Река е ретко село во светот, кое има десет цркви: „Св.Атанасие“ (соборна црква за маалата Чулиновци, Пештерци и…), „Св. Илија“, „Св. Петар и Павле“, „Св. Ѓорѓија“ (9 декември патронен празник на црквата, во маалото Голомеовци), „Св. Ѓорѓија“ (6 мај патронен празник на црквата, во маалото Мартиновци), „Св.Аранѓел“ (во меѓу маалото Миновци) „Св. Недела“, „Св Петка“, „Св. Пантелејмон“ и соборната црква „Св.Илија“ (се во маалото Сталевци) и „Св. Мина“.

Во Железна Река има седум гробишта, меѓу кои и остатоци од римски гробишта.
Трпе Павловски, долгогодишен претседател на Црковниот одбор во селото, ни го пренесе преданието за тоа како бил изграден манастирот „Св. Никола“, на планината Добра Вода, на надморска височина од 1.670 м, пред 90 години, во 1928 година.
Дукадинка, мажена за Мирчета во маалото Сталевци, неколкупати сонувала ист сон. Непознат човек доаѓал и ѝ велел: „Жено ти си одредена да изградиш манастир“. По сето ова, како што ни ги пренесе сеќавањата Трпе од родителите и од другите железноречанци, Дукадинка почнала чудно да се однесува, била занесена од сонот, го запознала сопругот и им се создал проблем во семејството. Со сонот на Дукадинка сопругот Мирче ги запознал блиските роднини, соседите и влијателните луѓе во селото, дека Господ ја одредил неговата сопруга да изгради манастир на планината Добра Вода. По советите на блиските, Мирче заедно со неколкумина соселани јавајќи на коњ пристигнал на местото каде што на сон на Дукадинка ѝ се јавил непознатиот човек со брада, а таа ја предводела групата. Дукадинка им рекла да ги копаат темелите на манастирот и притоа откопале крст, продолжиле со копањето и пронашле икона на светецот Никола. Присутните се увериле дека сонот на Дукадинка е вистинит. За две години (1926-1928) со заеднички сили и средства железноречанци го изградиле манастирот посветен на свети Никола. Потоа се случило божјото чудо, како што ги раскажа сеќавањата што ги слушал Трпе од повозрасните соселани, сведоци на овој настан. Дукадинка на вечера со сопругот Мирче и со децата, на сопругот му рекла дека повеќе не се маж и жена, туку брат и сестра и дека целосно ќе им се посвети на обврските на манастирот. Со божја промисла Дукадинка станала видовита, добила и моќ да лекува. Во манастирот доаѓале луѓе од сите краеви, кои успешно биле лекувани од исцелителната моќ на Дукадинка.

За патронен празник манастирот „Св. Никола“ го има Св. Талалеј (2 јуни).
По овој повод секоја година, до денес, без прекин се одржува голем црковен – народен собир. По смртта на Дукадинка грижата за манастирот ја презело семејството, а потоа жителите на Железна Река.


Црквата „Св. Ѓорѓи“ ќе се освети по две-три години

Во маалото Мартиновци, кое се наоѓа на влезот на Железна Река од правецот на Гостивар, пред некоја година, на темелите на црквата „Св. Ѓорѓија“, изградена на почетокот на 19 век, изградена е нова црква во византиски стил. Во тек се активности за живописување на црквата и се очекува сите работи да завршат за две-три години, кога и ќе се освети. Патронен празник на црквата е 6 мај – Ѓурѓовден, кога традиционално се одржува голем црковно-народен собир, масовно посетуван од верници од поширокиот полошки регион, Порече од Гостивар, Скопје и од други градови.
Според преданијата, на местото каде што е возобновена црквата, пред неколку века се наоѓал манастир со конаци и со три големи камбани. Манастирот бил запален во римскиот период. За жителите на маалото Мартиновци куќна слава е Ѓурѓица, која се прославува на 16 ноември.


Монографија за Железна Река

Поетот и академик Радован Павловски подготвува монографија за Железна Река. За таа цел изврши генетско истражување на сите елементи, материјално, антрополошко, морфолошко, флора, фауна, јазик, традиција, култура за да се демистифицираат погрешните податоци од погрешното време и луѓе за македонските антички предели меѓу морињата, реките, езерата од минатото и современото време.
– Направив големи напори да ја истражам недоволно откриената речна клисуреста долина на Железна Река. Железна Река со акцент од планината, Железна Река како мини-регион. Пределот со планината со ранохристијански третман, со сакрални елементи, артефакти – манастирот „Св. Никола“, изграден и прочуен по света Мирчеица – 1928 година на местото каде што е пронајден крст, кој можеби потекнува од времето на Самуиловото Царство на старата Охридска архиепископија, постои од времето на свети Климент Охридски. Една мала долина Настевци, кодиката на селските првенци, рударско-археолошката област Рудниче, Пештера – Пештерци учествувале на Солунски фронт итн. – вели Павловски. Авторот Павловски во специфичната монографија за Железна Река ни открива дека неговите соплеменици низ времињата до денеска никогаш немале омраза кон соседите (селата населени со албанско население Србиново, Падалиште, Трново, Страјане, Ќафа) како и кон жителите од регионот на Поречијата. Единствена и специфична е поетиката на поетот со неговите симболи – печат, грб, знаме, регистрирана, автономна, самостојна и признаена во светот. Жители се билките, растенијата на Поетската Република Железна Река на сираците со безначајни чувства, која беше обзнаена на 2 август (Илинден) 1991 година. Таа го поттикна поетот да го почне истражувањето за монографијата за Железна Река.
Во разговорот академик Павловски нѐ запозна дека интензивно ја врши последната редактура на текстовите, изборот на фотографии од богата збирка од над 1.000 фотографии создавани во различни периоди и пресметката за тоа колку средства ќе бидат потребни за печатење на ова луксузно издание. Верува и очекува дека ќе ги обезбеди потребните средства од донации и дека монографијата ќе види бел ден.


Железна река

Да седнам да здивнам на
тој спржен рид
злато древно да откопам
и со одежда
царска на времиња стари
да се јавам и вично
Да ја симнам
месечината на земја
И целивки и рожби
нејзини да најдам
Се само на пат кон Река
каде што на навраќање
од Вселената мене пак
ме има во топлината на
првите зборови и
зрели капинки
Меѓу девојчињата
и струите на Река
Каменот фрлен од Бога
тука на прагот да згазам
да се прекрстам
И в сон да си го
најдам – Сонцето
Тоа постојано нешто
Што го гледам
И што ме гледа.

Радован Павловски