Исхраната влијае на сите делови од телото, вклучувајќи ја и кожата. Промените во текстурата, бојата, температурата и степенот на сувост на кожата се меѓу првите знаци за еднолична исхрана.
– Балансираната диета што вклучува овошје, зеленчук, протеини, здрави масти и комплексни јаглехидрати обезбедува хранливи материи, кои ѝ се потребни на кожата за раст и обнова – објаснува диететичарот и основач на „Флоуриш хеигтс“, Валери Аџимен.
Важно е да се напомене дека некои кожни состојби како акните и брчките се генетски и исхраната нема никакво влијание на нив. Но, на пример, акните предизвикани од хормони, егземата, псоријазата и розацеата, можат да бидат под влијание на исхраната. Масната риба е огромен извор на омега-3 масни киселини, кои имаат улога во функционирањето и изгледот на кожата и може да влијаат на смирување на воспалителната реакција. Слаткиот компир и морковите се одличен извор на бета-каротин, кој е антиоксидант и ја штити кожата од сонце. Јаткастите плодови не само што се одличен извор на протеини и влакна тие исто така изобилуваат со незаситени масти, витамин Е, цинк и селен што ја зајакнуваат кожата. Витаминот Ц го има во изобилство во цитрусното овошје, а токму тој е есенцијален за продукција на колагенот. Авокадото е богато со масти и витамин Е, а тие ја штитат кожата од оксидативен стрес што предизвикува брчки и прерано стареење на кожата. Покрај изобилството на цинк, витамин А и витамин Ц, брокулата е богата и со лутеин што ја одржува кожата хидрирана.
Водата ја хидрира кожата, ја подобрува еластичноста и помага во отстранување на токсините, а краставицата содржи 96 проценти вода. Зелениот чај содржи компоненти познати како катехини што штитат од изгореници од сонце и го намалуваат црвенилото на кожата.