Убодот од стршен е многу болен, но во повеќето случаи не е кобен како што се мисли. Главно се завршува со мал оток што трае неколку дена. Меѓутоа, убодот од стршен понекогаш може да предизвика анафилактичен шок, односно алергиска реакција на отровот, а тогаш сѐ е многу поопасно.
Во случај човек да е во смртна опасност, а во близината да нема лекар, алергиската реакција може да се ублажи со инјекција на адреналин, која однапред се подготвува. Може да се земат и таблети антихистаминик, но со претходна консултација со лекар.
Доколку нема алергиска реакција, туку е во прашање обичен оток, веднаш извадете го осилото и ставете студена облога. Местото на убодот може да се притисне и со студен предмет, на пример лажица.
Искусните пчелари советуваат таблета аспирин или андол да се растопи со вода на газа и да се притисне на местото на убодот и така да се држи една минута.
Во секој случај, најдобро е да ги избегнувате авантурите во природа на места каде што има стршни. Ако се занимавате со градинарство или со одгледување цвеќе, бидете претпазливи и заштитете ги отворените делови на телото при работа.