Доколку се суди според нивната популарност и посетеност од страна на ловџиите, по Мозамбик, следуваат Јужна Африка, Канада, Танзанија, Јужна Америка, Азија, Австралија, а не треба да се заборави ниту Балканот

Ловџиите секогаш можат да пронајдат многу привлечни ловишта во својата земја или во блискиот регион, каде што ќе можат да уживаат во страста кон ловот. Сепак, постојат одредени ловечки дестинации, кои претставуваат сон за секој искусен ловџија.

Многумина што биле во Мозамбик велат дека таа држава претставува вистински ловечки рај. Африка можеби е непозната за голем број луѓе, но бидејќи ловечката ориентација и познавањето на природата се недопирливи, таа е вистинско место за вистински ловџии.

Во текот на изминатите децении, дивите животни што се ловеле во Мозамбик биле на граница на истребување. Сепак, денешната слика е целосно поинаква. Ловот во Мозамбик повторно е во нагорна линија, но во контролирано опкружување, без опасност за животната средина и истребување на дивечот. Од животните што можат да се ловат во Мозамбик, се издвојуваат бизонот, лавот, леопардот, слонот, крокодилот, но и други помалку опасни животни.

Втора голема дестинација на која може да се ужива во богат животински лов е Јужна Африка, поточно националните паркови Кругер, Калахари Гемсбок и ловниот резерват Пиланесберг. Тие се само некои од најдобрите ловишта во светот, а сместени токму во Јужна Африка, во кои има богат животински вид, како што се белиот носорог, гну, суни, ниала и други.

Канада исто така претставува голема атракција за ловџиите. Кога ќе се спомне оваа држава, најмногу се мисли на животното мус, кое претставува најголемо од семејството на елените. Тие се често плен на канадските ловџии, но и на странците што сакаат да ловат токму таму. Канада е позната и како втора во светот по своите густи и пространи шуми. Многу од нив дури не се ни доволно истражени, но сепак останале како популарни ловишта во Канада. Многу ловџии препорачуваат да се посетат езерото Онтарио и неговата околина, ако постои желба да се лови лосос, гуски, патки, додека во Њуфаундленд може да се ловат елени и зајаци. Канада нуди и лов на фоки и арктички лисици.

Танзанија е дестинација во која има голем број диви животни. За нивната разновидност се погрижиле неколку големи и богати национални паркови и ловишта, а најпознати се Селоус, Гомб, Угала, Мкомази и планината Мондули.
Треба да се истакне дека и Јужна Америка (Аргентина и Уругвај), Азија (Камбоџа) и Австралија исто така се дестинации што имаат многу убави и богати ловишта. Секако дека не треба да се заборави ниту Балканот, кој исто така нуди убави ловни места богати со дивеч.