За рибарот основно правило е да знае во кој реон се движат крупните мрени, бидејќи понекогаш на локалитет од само 100 метри воден тек може да има две-три или повеќе
места што се идеални за риболов со мамка

За да се уловат капитални примероци од мрена, потребно е својата тактика да се насочи токму кон тие риби и нивните карактеристики. Шаблонскиот пристап на лов на вакви големи риби понекогаш може да даде плод повеќе на среќа, но тоа многу поретко се случува.

За рибарот основно правило е да знае во кој реон се движат крупните мрени, бидејќи понекогаш на локалитет од само 100 метри воден тек може да има две-три или повеќе места што се идеални за риболов со мамка. Исто така треба да се внимава и на положбата на рибарот во однос на крајбрежјето. Притоа е пожелно рибарот да биде малку повисоко од местото на кое очекува рибата да гризе, за фидерот убаво да легне на дното и да се избегнат проблемите со речната струја, но и да биде доволно оддалечен од местото на кое се лови рибата, затоа што големите мрени се многу внимателни.

Понекогаш може да се случи горниот дел од водата да изгледа многу силно, а на дното да има поумерено струење, каде што може рибарот без проблем да ја пласира својата мамка. Мрената сака каменито, песокливо и поплочено дно и затоа треба да се внимава каде се фрла мамката.

За да се предизвика да јаде крупната мрена, потребно е рибарот на местото каде што лови да користи и фидер на неговиот систем. Со таквиот пристап е неизбежно во потрагата по храна да тргнат и помали примероци, па затоа еден од главните методи е можноста за селектирање помали примероци, со избирање на мамката и нејзината големина. Може како мамка да се проба со парче сирење, колбас, месна конзерва, салама… Јадици што најчесто се користат во ваков лов се оние за крапот, а големината е шестка или четворка, ако е мамката покрупна.

Една од добрите тактики е и да се нахрани местото каде се лови рибата, и тоа во должина од седум-осум метри, за рибарот да биде сигурен дека мамките не отишле спротиводно. А, ако некои од нив и заминат спротиводно, тогаш сигурно одреден број од истите мамки ќе останат и мрените ќе ги пробаат. При прехранувањето, рибарот не треба да фрла големи количества мамки, оти многу е поефикасно тоа да го стори во неколку наврти, и тоа со помали мамки, на пример од по 200-300 грама.

Исто така е пожелно да се лови во повеќе интервали, оти некогаш големите мрени гризат рано наутро, некогаш напладне, некогаш пред стемнување, а некогаш по полноќ. Затоа рибарот треба да биде што пострплив при заморувањето на мрените, поточно тие да не се тераат насила, освен ако тргнат во некое засолниште, како што е на пример карпа. Во повеќето случаи таа во самиот старт по надразнувањето ќе тргне спротиводно, па потоа ќе сврти низводно или, пак, обратно.

Мрената може да достигне и до 12 кг тежина, иако таквите примероци се многу ретки. Најчесто се среќаваат примероци од 500 грама до еден килограм, додека примероците од пет килограми нагоре се сметаат за капиталци. Животниот век им е и до 15 години.


Рахитис кај младите ловџиски кучиња

Основни знаци на рахитис се зголемени зглобови на нозете, неволно и вкочането движење или куцање, како и појава на грутчиња по ребрата

Младото ловџиско куче расте од девет до 12 месеци, а за сето тоа време е мошне интензивно изградувањето на неговите коски. За коските во развој, пак, многу се потребни витамини и минерали, особено калциум, фосфор и витамин Д. Поради фактот што во тоа време е потребна константна и правилна исхрана на кучешкиот организам со тие витамини и минерали, доколку не се исполни овој услов, многу брзо кај младите ловџиски кучиња ќе се јават и првите знаци на рахитис.
Основни знаци на рахитис се зголемени зглобови на нозете, неволно и вкочането движење или куцање, како и појава на грутчиња по ребрата. Ова болест е од хроничен вид, па ако долго трае, доаѓа до деформација на долгите цевчести коски на екстремитетите, нарушување на забите, па дури и до деформација на коските на черепот, а особено на горната вилица кај кучето.

Ваквата состојба, сепак, брзо може да се поправи ако лекувањето почне навреме. Најдобар извор на калциум се млекото, свежото кравјо сирење, згмечените и термички обработени лушпи од јајца, а постојат и многу препарати што ги содржат потребните витамини и минерали приспособени како додаток на храна за кучињата.
Добар извор на калциум е и коскеното брашно, потоа суровата жолчка од јајце од кокошка, како и хигиенски исправен јунешки или телешки црн дроб. Но не е пожелно да се претерува со количествата витамини во храната или, пак, да се инсистира на чести витамински инјекции, оти предозирањето со витамините А и Д може да предизвика прерано завршување на окоскувањето, со голем број последици, како што се низок раст и деформација на коските.