Ниедно подобрување на активноста на ловџиското куче во ловот не се остварило прекуноќ. Ловџијата мора да биде стрплив и упорен во работата и во тренинзите со кучето, за да може кучето да ја подобри работата во ловот, а со самото тоа и ловџијата да има што подобри услови

Ловџиското куче е многу битен помошник за секој ловџија. Добро истренираното куче може да гарантира и добар улов. Секој ловџија кога ќе го научи и добро истренира кучето на послушност и носење на пленот, исто така треба многу да обрати внимание на неговата физичка подготвеност, како и на практичната работа во поле. Препорачано е секое куче да трча еден-два часа дневно и да биде следено со велосипед. Главна цел на ваквиот тренинг е кучињата да се стекнат со добра издржливост, а бидејќи мускулите им се правилно развиени, тие добиваат и убав облик на телото.

Често во ловот се случува кучињата рано изутрина неколку часа добро да работат во ловот, а подоцна, кога сонцето малку ќе стопли, брзо да се уморат и бараат можност да легнат или да се вовлечат под некоја дебела сенка. Најголем виновник за таквата состојба на кучето е токму ловџијата, кој не го подготвил кучето да биде доволно издржливо.

Идеална издржливост, пак, има она куче што со ист елан и брзина ќе ги дочека доцните попладневни часови во ловот. Минимум за развој на неговата физичка издржливост е секојдневна работа еден месец пред почетокот на ловот. Притоа треба да се работи системски и постепено, за да се постигнат добри резултати. И најдоброто ловџиско куче со одличен осет или добар апортер на ловџијата е од слаба корист во ловот ако не е добро физички подготвено.

Tемновлакнестoто куче прекулето најмногу ја впива сончевата топлина, па на таквите кучиња им е потребно во текот на ловечкиот ден да влезат во вода, за да го разладат своето тело. Во текот на ловот е потребно кучето неколкупати да мине покрај некој поток или река, за да може кучето да се разлади и напие вода. Доколку се знае, пак, дека на теренот каде што се лови нема такви предели, задолжително треба да се земат со себе и одредени резерви вода за кучето. Треба да се знае и тоа дека кучето својата пот не ја исфрла преку кожата како човекот, туку преку јазикот и затоа во летниот период јазикот на кучето често е влажен и слузникав, бидејќи кучето преку него губи многу влажност.
Често се случува ловџијата да го нема кучето на око кога треба да се подигне пердувестиот дивеч или само поттрчнува по него или, пак, на првиот истрелан куршум, тоа да трча во правец на куршумот или сачмите. Во тој случај помага долго јаже, стап или свирче, и тоа оние што се користат во раните денови, односно кога кучето се обучува за лов. Нив ловџијата мора секогаш да ги има при рака. Најголема грешка прават оние ловџии што го пуштаат кучето веднаш по првиот истрелан куршум да потрча и да го зграби ранетиот или преплашен дивеч. Кучето би требало најпрво да легне и некое време да мирува, па дури на ловџиската команда да тргне по отстреланиот дивеч.

Ниедно подобрување на активноста на ловџиското куче во ловот не се остварило прекуноќ. Ловџијата мора да биде стрплив и упорен во работата и тренинзите со кучето, за да може кучето да ја подобри работата во ловот, а со самото тоа и ловџијата да има што подобри услови за лов.


Команда во вистинскиот миг

Ако дивечот е отстрелан пред кучето, тогаш е добро два-три пати да не му се дава команда веднаш да го донесе дивечот, туку откако ќе го подигне. Така тоа би останало во лежечка положба извесен период и би чекало понатамошна команда. Всушност, на овој начин кучето ќе сфати дека неговата задача е најпрво да го подигне дивечот. Особено треба да се внимава кај кучињата птичари, оти тие се полни со ловечка страст и имаат голема желба за гонење дивеч. Најдобро е таквите кучиња при нивните тренинзи често да се водат на ловишта и притоа добро да се пофалат и наградат со храна кога ќе постапат правилно.