Сашо Васков

Има многу проблеми, многу рибокрадци, но ние сме посветени на работата. Имаме многу активисти што нѐ поддржуваат, но тоа не е доволно, оти потребна ни е
поголема поддршка од рибарите, вели Сашо Васков, претседател на здружението на риболовци „Рибар 2011“

Изминатите три месеци водите на реките Вардар, Треска и на Лепенец се побогати за илјадници парчиња риби, кои слободно пливаат во овие реки во скопскиот регион. Вардар е порибен со крап, Треска со пастрмка, а Лепенец со бојник, клен, црвеноперка, караш и костреж. Главен виновник за тоа е здружението на риболовци „Рибар 2011“, кое од годинава е нов концесионер на рибите во скопскиот регион.
Риболовците и познавачите на состојбите се пријатно изненадени од ваквото зачестено порибување, но и од ентузијазмот со кој настапуваaт луѓето на новиот концесионер.

– Порано ретко кога можеше да се види чувар, а периодов момците од „Рибар 2011“ се постојано на терен, контролираат, порибуваат и тоа секако треба да се поздрави. Конечно некој нешто да направи и за скопските риболовци – коментира еден скопски риболовец.

Сашо Васков, претседател на здружението на риболовци „Рибар 2011“, има свој коментар за ова прашање.

– Изненадени се само оние што не нѐ познаваат. Ние и порано ентузијастички собиравме пари и доброволно порибувавме и тоа во цела Македонија. Денес веќе сме и концесионери на скопскиот ревир Вардар 3, во кој спаѓаат скопски Вардар, Треска, Лепенец и помалите околни рекички и езерца и секако дека тука ќе вложиме многу напор да ги зачуваме и збогатиме овие реки. Годинава немавме никаква обврска, а ние веќе имавме неколку порибувања на Вардар, Треска и на Лепенец. Луѓето не паметат вака да се порибувало, посебно за Лепенец каде што со години никој рипче не пуштил, а така ќе продолжиме и во наредните години. Има многу проблеми, многу рибокрадци, но ние сме посветени на работата, имаме многу активисти што нѐ поддржуваат, но тоа не е доволно, оти потребна ни е поголема поддршка од рибарите.

Совесните рибари се главните чувари на реките, тие треба да внимаваат да не оставаат ѓубре, навреме да си вадат дозволи, да ги почитуваат забраните за риболов кога рибата се мрести и да нѐ информираат за недозволени активности по реките. Таквата поддршка ни дава дополнителна сила и енергија да работиме и да се справуваме со проблемите. Само на тој начин скопските реки ќе бидат многу побогати со риби отколку претходно – вели Васков.

Риболовот е хоби, но и тоа си има правила, закони и норми што мора да се почитуваат.

– Казните се големи. Не сакаме да казнуваме и би биле најсреќни никој да не ги крши постојните правила, но тоа е далеку од реалноста. Постојано едуцираме, известуваме, активни сме и на терен и на социјалните мрежи, предупредуваме, а веќе почнавме и да казнуваме. Казните се високи, од 150 до 1.000 евра за ловење без дозвола, ловење во мрест, ловење со мрежи, мрежички, харпуни и други недозволени средства. Ако сакаме да има риби и реките да не бидат пусти, тогаш мора да се воспостави ред и тој да се почитува – истакна Васков, претседателот на концесионерот „Рибар 2011“.


Прва помош во ловот

За содржината и големината на ловечкиот ранец или торба не треба многу да се образложува. Тој зависи од потребите и од можностите на ловџијата и затоа секој треба да си ја најде својата оптимална големина. Денес честопати сме сведоци дека во текот на ловот се случуваат и несакани телесни повреди, кои можат да бидат од полесна, но и од потешка природа, како за ловџиите, така и за нивните кучиња. Но, за жал, сѐ почесто се случува крајниот епилог да биде со трагични последици.
Сведоци сме дека овие повреди во ловот се резултат од користењето на ловечкото оружје, потоа од ранетиот ситен или крупен дивеч и слично. Исто така, се случуваат несакани повреди на ловџиите и при движење преку терени што моментно се обработуваат. Тоа се обично стрмни, но добри терени за дивечот, кои, пак, предизвикуваат повреди кај ловџиите и нивните кучиња при нивното поминување.
Затоа обично се препорачува во текот на ловниот ден, барем еден ловџија од групата што лови, како превентива да носи во својот ловечки ранец и прва помош со што ловџиите ќе бидат во можност, доколку им се случи ним некоја повреда или на ловџиското куче, да даваат адекватна прва помош на самиот терен. Ако, пак, немаат прва помош за оваа намена, тогаш може да се искористи и таа што ја имаат во нивните автомобили, Едно, сепак, треба на сите да им биде јасно, а тоа е дека успешен лов е и безбеден и сигурен лов.