За овој натпревар е потребно организаторот да го уреди поголемиот дел од крајезерскиот појас, за риболовците да имаат оптимални услови за натпреварување и за кампување, смета Јане Мојсовски, трофеен спортски риболовец

Еден од најтрофејните спортски риболовци во земјава и учесник на повеќе меѓународни натпревари, Јане Мојсовски, најави во текот на мај прв меѓународен натпревар во спортски риболов на новооткриениот рибарски рај во земјава, Осломејско Езеро, секако ако се обезбедат услови за такво нешто.

– Во текот на мај планираме првпат на Осломејско Езеро да организираме натпревар од годинашниот календар во спортски риболов. За овој натпревар е потребно организаторот да го уреди поголемиот дел од крајезерскиот појас, за риболовците да имаат оптимални услови за натпреварување и за кампување, бидејќи повеќето од нив во деновите на натпреварот ќе кампуваат покрај самото езеро, што е нивна постојана практика. Според стандардите, за секој натпреварувач е неопходна зона во ширина од 50 метри и токму затоа треба да се уреди дел од крајезерскиот брег во должина од околу 2.000 метри, ако се има предвид дека очекуваме учество на околу 40 спортски риболовци од повеќе клубови од земјава – вели Мојсовски.

Мојсовски има само пофални зборови за убавините на езерото, неговите карактеристики и погодности, почнувајќи од длабочината, бистрината на водата, пристапниот пат и сѐ друго.

– Малку е ако речам дека Осломејско Езеро е од господ подарена убавина. Ретко која акумулација во земјава има толку бистра вода и константен водостој како ова езеро. Оваа акумулација е идеална за крапска риба, а должината на крајезерскиот појас од околу 6.000 метри, максималната длабочина од 40 метри и просечната длабочина од пет до 10 метри, се идеални пропорции за овој вид риба – рече Мојсовски.

На Осломејско Езеро во план е да се одржи и меѓународен риболовен натпревар.

– Покрај домашниот, наша следна цел е да организираме и меѓународен натпревар во спортски риболов, но за тоа е неопходно да се уредат околу 3.000 метри од брегот на езерото, за околу 60 риболовци. Предуслови постојат, но треба да се поработи од страна на домаќинот, за овој езерски бисер да го добие своето место и на меѓународната мапа за овој вид риболов – смета Мојсовски. З.А.


Заштита на видот и на слухот при лов

Ушната заштита може да помогне во успешниот лов, оти со нејзиното користење порано се слуша придвижувањето на дивечот, како и другите звуци, а носењето очила, пак, ги намалува повредите од евентуалните удари на сачмите

Во текот на ловот ретко можат да се забележат ловџии што носат заштитни очила, оти несреќните случаи од тој вид се многу ретки. Повеќе смисла при ловот има заштитата на слухот, оти големиот број истрелани куршуми и сачми со години, сигурно дека негативно влијаат врз слухот на секој ловџија.
Затоа е добро да се користи ушна заштита во текот на ловот, а не само кога се пука на стрелиштата. Таквиот тренд дошол од северните европски држави, каде што ловџиите почнале да размислуваат за своето здравје, а тоа значи и за слухот. Заштитата на слухот станува сѐ попопуларна. Таа ушна заштита во ловот може и да помогне во успешниот лов, оти со нејзиното користење порано се слуша придвижувањето на дивечот, како и другите звуци. Тоа се т.н. активни придушувачи (или чепови), кои го зајакнуваат звукот, а истовремено и го штитат, бидејќи ја намалуваат бучавата од пукањето на пушката.

Носењето очила, пак, за време на ловот ги намалува повредите од евентуални удари на сачмите, кои со нивна помош се ублажуваат. За таа цел постојат поларизирани стакла, кои го подобруваат видот на ловџијата. Сончевата светлина патува во сите правци. Кога се рефлектира од хоризонтална површина, како што е асфалтираниот пат или водата, светлоста често станува многу поларизирана. Вертикалната светлина е корисна за човечкото око. Таа овозможува да се видат боите и контрастите, а концентрираната хоризонтална светлина создава отсјај, што ги оневозможува ловџиите да гледаат чисто и тогаш може да се најдат во потенцијално опасна ситуација. Поларизираните стакла имаат вертикален филтер, кој ефикасно го блокира хоризонталното светло, дозволувајќи само корисната вертикална светлост да допре до окото, притоа создавајќи поглед со природните бои и контрасти и без отсјај. Тоа ги прави да бидат идеални за рибарите, кои со нив може да гледаат подлабоко низ водата. Г.И.