Ова претставува многу специфична техника на риболов, која бара стрпливост, а претежно се лови површински, иако може и длабински

Tехниката на лов на амур со помош на трска и трева бара исклучителна тишина и големо трпение кај рибарите, оти амурот, за кого тревата претставува природна храна, е многу претпазлива риба. Ова претставува многу специфична техника на риболов, која бара стрпливост, а претежно се лови површински, иако може и длабински.
Таму каде што има потопено во вода трска или трева, тоа претставува идеално место за риболов во потоплиот период, а особено по дожд или невреме. Амурот секогаш внимателно се приближува кон мамката и постепено почнува да ги кине стебленцата на тревата, а особено на трските.

Ако рибарот забележи дека недостигаат листови или, пак, се нагризени, тогаш тој треба да биде сигурен дека амурот повторно ќе го посети истото место.
Системот на лов со трска на прв поглед изгледа едноставен, но тој, сепак, бара искуство. Затоа е потребно да се скрши парче од трската и од него да се одвои еден лист со мал дел од стебленцето. На половина од листот се закачува јадицата, но без олово, а конецот се развлекува, за отпорот да биде сведен на минимум кога ќе дојде амурот.

Притоа, рибарот треба да биде многу тивок и да не користи никаков извор на светлина, оти може лесно да остане без посакуваниот улов. Кога амурот ќе дојде до мамката, рибарот треба да процени кога ќе му контрира. Најдобро е да се лови ноќе или взори, иако не се исклучува и денски, но треба да се биде многу внимателен.
Рибарите, исто така, врзуваат и разни видови тревки на јадицата и така ловат површински или малку потопени во водата, но многу ретко на самото дно. Друг систем на ловење е и со врзување некој пловечки материјал меѓу парчињата трева, но никогаш не треба да се користат животински ароми, оти амурот е тревојад.