Освен напролет, кога одат на места каде што ќе се мрестат, во остатокот од годината рибите-грабливки мораат постојано да се приспособуваат на температурните варирања

Активноста на рибите-грабливки, меѓу другото, многу зависи и од условите на водата во која ќе се лови, односно нејзината температура, ниво и боја. Температурата на водата, секако, зависи од метеоролошките услови, сонцето, дождот и ветрот, но најмногу од температурата на воздухот. Посветувањето малку повеќе време на деталното набљудување на водата во која се лови, многу влијае на крајниот епилог.
Во реките, поради водниот проток, температурата во голема мера е изедначен во сите слоеви на водата. Освен напролет, кога одат на места каде што ќе се мрестат, во остатокот од годината рибите-грабливки мораат постојано да се приспособуваат на температурните варирања.

За риболовот најлоши се брзите промени. Така, на пример, неочекуваниот пад на температурата на водата во поголем број случаи им го намалува апетитот на рибите. Тогаш е потребно да се чека два-три дена пред да почнат повторно нормално да се хранат.

За разлика од течните места, онаму каде што водата мирува може да се уочат големи разлики во температурата на водата, во зависност од нејзината длабочина. Налето, на пример, водата на површината може да достигне до 20 степени, додека 20 метри подлабоко, таа ретко минува 10 степени. Зимно време, пак, состојбата е обратна, површината на рибникот и езерото често е замрзната, додека на длабочина од 20 метри температурата може да биде 10 степени.

Благодарение на редовното мерење на температурата при секое одење на риболов, може да се констатира дека најдобрата термичка зона во текот на целата година и за речиси сите риби-грабливки е на места каде што температурата на водата е од 13 до 16 степени.

И нивото на водата влијае на активноста на рибите. Во реките, каде што нивото брзо се спушта, рибите тргнуваат во потрага по длабински места и извори со свежа вода богати со кислород (засеци на поток или места под брани). За време на пораст на водостојот, по пролетните и есенските дождови, прехранбената активноста на рибите се зголемува. Колку повеќе се зголемува водата, толку помалку има расположливи места (најчесто блиску до брегот), а на секое место, пак, бројот на рибите е поголем.
Што се однесува до бојата на водата, искуството покажало дека штуката повеќе сака природно затемнување отколку светли води. Но во нечистите води (есенските дождови) ретко кога рибата добро „гризе“, за разлика на пример од смуѓот, кој токму тогаш е мошне активен, но и помалку внимателен отколку кога станува збор за бистрите води.