Големата употреба на пестициди и хербициди во земјоделското производство доведува до брзо влошување на животните услови во ловиштето за диви животни, а најмногу за нивните младенчиња, каде што се воочливи губитоци на сите одгледувани видови дивеч.

Полската еребица е еден од загрозените видови дивеч поради употребата на хемиските средства за уништување на штетните инсекти и плевел на земјоделските полиња, бидејќи директно ја загрозува исхраната на овој вид дивеч, кој притоа јаде затруена храна.

Во ловиштата што ги населуваат полските еребици се потребни едукација на земјоделците, субвенционирање на органското производство и стручно советување, за да може да се намали овој проблем.

Добро би било да се одреди и кои култури треба да се засеат на одредени земјоделски подрачја, кои, пак, се живеалишта на полската еребица и со тоа да помогнат во одгледувањето на овој вид дивеч.

Полската еребица е корисна за земјоделството, оти во текот на годината може да изеде голем број штетни инсекти и разни плевелски билки. Затоа е потребно поголемо ангажирање на земјоделските и на ловечките работници на терен, каде што всушност и ќе изврши едукација на земјоделците, бидејќи со таква работа може да се зачува не само полската еребица во ловиштата туку и другите видови дивеч, и тоа во што поголем број.