Трска за спининг-риболов

194

Нејзината должина обично изнесува од два до три метри, иако има спининг-трски под
и над оваа должина

Една од основните алатки за успешен риболов претставува трската за риболов или т.н. спининг-трска. Нејзината должина обично изнесува од два до три метри, иако има спининг-трски под и над оваа должина. Должината на спининг-трската најмногу зависи од местото и водата каде што ќе се риболови.

Оние што практикуваат спининг на реки со бујна вегетација најчесто одбираат што помали вакви трски за полесно да маневрираат кога ја фрлаат мамката во водата. Но пократките трски имаат и свои негативности. Прво тие имаат помал лак на замавнување, што значи најчесто се фрлаат на помали далечини. Ако риболовецот користи чизми за во вода, тогаш во голема мера ќе ја ублажи оваа негативност, бидејќи ќе може да се движи по реката.

Втора негативна карактеристика е констатацијата колку спининг-трската е пократка толку потешко се насочува рибата при нејзиното вадење од водата. Како средна должина на спининг-трски се земаат оние од 2,5 или 2,70 м, а подолги се оние од три и над три метри. Подолгите спининг-трски многу повеќе се корисни таму каде што се риболови со помош на чамец. Со нив може подалеку да се фрли мамката и притоа подобро да се контролира вадењето на уловените риби од водата.

Тежината на спининг-трската е запишана на секоја трска. На пример 5-10, 10-30, 50-100 грама или слично, што укажува колкава тежина на зафрлање може да издржи спининг-трската. Така, на пример, доколку риболовецот фаќа со таква трска, која има тежина на зафрлање од 5 до 120 грама, тоа значи дека тој не може да зафрла со вештачки мамци, кои се со поголема тежина, оти притоа може да ја скрши трската.
Тежината на зафрлање е во корелација со носивоста, односно со големината на рибите што сака да ги лови. Тоа значи дека спининг-трските со носивост до 20 грама обично се користат за лов на костреж, клен и на помали пастрмки. Тие што се со носивост до 40 грама обично се користат за лов на пастрмка и клен. Доколку, пак, рибарот лови поголеми парчиња пастрмка, штука, смуѓови, треба најчесто да користи спининг-трски со носивост до 80 грама. Тежок спининг (носивост до 150 или 200 грама) најчесто се користи за лов на сом.

Колку трската е мека, тврда или, пак, крута и мека, односно остра, зависи од тежиштето на превиткување и способноста за враќање на спининг-трската во првобитната положба. Риболовецот може да го почувствува тоа кога спининг-трската ќе ја протресе (сецне), при зафрлувањe или при вадењe на вештачката мамка. Помеките спининг-трски полесно се виткаат и нивниот врв не се смирува веднаш по тресењето, односно сечкањето.

Позитивно кај овие трски е тоа што со помека се постигнува поголемо чувство при фрлањето на мамката, а при тоа да не се закачи мамката на некоја грмушка или дрво во близина. Поострите спининг-трски, поради нивната контра, обично се познати и како побрзи.