Тапа за риболов на брзи води

683

Многу рибари што не се доволно запознаени со овој вид тапи за спортски риболов мислат дека тие се користат од неодамна, иако тие датираат уште од 80-тите години на минатиот век

Кај нас не е многу популарно користењето тапа при риболов на брзи води. Но доколку се обрне внимание на многубројните натпреварувања што се одржани на разни реки во светот, речиси е невозможно да не се воочи еден факт, а тој е дека сѐ повеќе се користат рамни тапи, кои со својот изглед потсетуваат на детско лижалче.
Многу рибари што не се доволно запознаени со овој вид тапи за спортски риболов мислат дека тие се користат од неодамна, иако тие всушност датираат уште од 80-тите години на минатиот век. Така, постои податок дека на големите натпреварувања ваква тапа првпат е видена на Светското првенство (СП) во Швајцарија, во 1983 година.
Во самиот почеток, кога рибарите почнале да користат тапи за лов на брзи води, било присутно мислењето дека тие тапи биле ефикасни само кај екстремно големите, односно тешки риби.

Меѓутоа како што минувало времето, тој став кон овие тапи во голема мера се искристализирал, така што денес се применливи во поширок опсег. Во многу држави во кои рекреативниот риболов денес е добро развиен, во тренд е риболовот со мини-лижалки, чија големина е колку една метална паричка. Затоа може слободно да се каже дека ваквата техника на риболов, со помош на тапи за брзи води, сѐ повеќе се развива и се усовршува.


Нишанење со претекнување

Претекнување при пукањето на дивеч во движење директно зависи од брзината на движењето на дивечот и неговата оддалеченост од ловџијата, a претекнувањето при нишанењето пред сѐ од брзината на замавот на ловџијата, кој го нанесува на пушката, како и од аголот под кој дивечот се движи од или кон ловецот.
Претекнувањето при нишанењето главно се случува кога е во прашање лов на фазан или зајак, но може и на друг брз дивеч. Зајакот во полн трк достигнува дури 15 метри во секунда, што е неверојатно брзо, приближно иста брзина достигнува и фазанот, како и еребицата, а дивата патка може да лета со брзина од 15 до 25 метри во секунда. Познат е и фактот дека секој крупен дивеч во полн трк може да помине околу 15 метри за една секунда.
При нишанење со претекнување ловџијата мора да смета на тоа дека сачмата сразмерно ја губи брзината во летот. По правило, колку е таа поситна, нејзината брзина побргу се намалува. Така, сачмата со која ловџијата најчесто лови (онаа со пречник на зрното од три милиметри), при брзини со кои дивечот во просек се движи и под агол од 90 степени, бара претекнување од 90 см на оддалеченост од 20 метри, претекнување од 1,5 м на оддалеченост од 30 м и претекнување од 2,2 м на оддалеченост од 40 м.
Сите овие пресметани вредности ловџијата тешко може да ги пресмета во дел од секундата, но тој секако би можел да има барем приближна претстава за овие вредности. Искуството е број еден кога станува збор за ваквото нишанење. Се разбира, талентот и прецизноста, исто така, се битни фактори по ова прашање. Затоа, за почеток е најдобро да се тренира нишанење со претекнување на глинени гулаби.