Подводен риболов

88

Како една од спортските дисциплини тој претставува најселективен начин на риболов, оти рибарот го гледа својот плен и самиот решава дали сака да го улови

Подводниот риболов се изведува со нуркање во водата, а најчесто тоа се прави во поголеми водни површини како што се морињата и океаните. Врвниот спортски риболовец е способен да нурне длабоко и долго, за што е потребно подолг тренинг, но и усовршување на техниката со години.

Многу луѓе се занимаваат со подводен риболов поради рекреативна цел и тоа главно кога се на летување. Тие користат посебна подводна опрема, со која се чувствуваат посигурни во подводниот свет на рибите. Притоа се нурка на длабочини од три до 10 метри и на места главно со помали поединечни рибни примероци. Основна опрема на подводниот риболовец ја сочинуваат маската и оружјето за исфрлање на стрелите. Другите делови се перки, нуркачки костим, нож, часовник, сигнализирачки делови.

Без маска тешко може да се гледа под водата. Подводната пушка веќе ги замени сите други направи за исфрлање на стрелите. Перките се обично изградени од гумено стапало и пластичен лист и се зајакнати со јаглеродни влакна. Оловните тегови служат за одржување на рамнотежата. Што подлабоко се нурка, се користат помалку тегови, оти со зголемување на длабочината, нуркањето станува потешко како последица на водниот притисок.

Подводниот нож е направен од челик што не ’рѓосува и се користи за помали цели, како што се чистење на уловениот плен, сечење јаже или дел од некоја заостаната мрежа и слично. Нуркачкото знаменце, пак, има цел да ги извести возачите на водните пловила за присутност на нуркач во водата. При нуркањето може да се користат техниките за лов, како што се пребарување во подводни дупки, чекање на пленот и слично.


Калибарот ја одредува ефикасноста

Од калибарот на ловџиската пушка-сачмарка зависи и количеството на сачмата што ја содржи куршумот. Теориски секогаш се поефикасни поголемите калибри, а од количеството на сачмата зависи и ширината на сачмениот сноп како и ефикасноста на дострелот.
Должината на лежиштето на куршумот е означена на самата цевка од пушката, како и границата на должината на чаурата што смее да се употреби. Муницијата на нормалните калибри смее да се употреби во магнум-пушките со исти калибри. Последните неколку години се произведуваат супермагнум пушки со лежишта од 89 мм.
Исто така, новитет од Италија е муницијата за ефикасен дострел на сачмениот сноп до 120 м па и повеќе, што е за нормалната, па и магнум- муницијата незамисливо. Тоа е муниција специјално направена во која сачменото полнење е распределено во две пластични корпички чии отвори се свртени еден кон друг.
Сачменото полнење содржи над 50 грама куглички. За ваков вид муниција е потребна пушка што е тешка околу пет килограми, но сигурно дека не постои ни еден ловец што би сакал со таква пушка да лови дивеч, поради нејзината тежина.