Невремето им е противник на ловџиите

223

Стручен тим професори од Дортмунд, особено за електрицитет, а кои, патем, и самите се ловџии, проучувале како треба да постапуваат ловџиите во вакви неприлики

Секој ловџија барем еднаш бил во ситуација кога се нашол во некакво невреме, а од разни причини не успеал навреме да се врати или да дојде до некое безбедно скриено место. Како треба тој да се однесува во таква ситуација?
Стручен тим професори од Дортмунд, особено за електрицитет, а кои, патем, и самите се ловџии, проучувале како треба да постапуваат ловџиите во вакви неприлики. За да утврдат колкава опасност му се заканува на ловџијата кога е со пушка во раце, а при дожд проследен со силни грмежи, тимот од експерти излегол на терен со мерни инструменти и со оружје. Познато е дека молњите и грмежите се јавуваат како резултат на напонот помеѓу негативниот електричен набој на облакот и позитивниот на Земјината површина. Во такви ситуации на ловџијата единствено му преостанува да се тргне од отворениот простор. Ако се знае дека бурата секогаш е придружувана со обилен дожд, тоа значи дека мокриот човек претставува извонреден проводник на електрицитет. Токму затоа е многу посигурно ловџијата да се скрие во некоја земјена длабнатина и, по можност, во неа да биде во легната положба.

Испитувајќи во лабораторија колкава опасност е за ловџијата неговата пушка на рамото или во рацете, овој тим на експерти утврдил и дека на горниот крај на цевката од пушката напонот е исклучително голем, односно посилен дури за 130 пати. Дури и кога пушката се носи во рацете хоризонтално, факторот на зголемување на напонот е голем и изнесува 50 пати, и тоа на двата краја од пушкатa. Тоа едноставно значи дека како било да ја носи пушката, таа може да привлече удар на гром.

Експертите заклучиле дека при невреме проследено со грмежи, ловџијата со пушка во рацете е барем 10 пати во поголема опасност отколку кога е без неа. Ловџијата оваа опасност може евентуално да ја избегне доколку на устата од цевката навлече гумена кугла или топка, која однадвор и внатре е премачкана со бронзена боја. Сепак, поедноставно е додека е невремето, пушката да се стави во чека или на некое друго место и подалеку од себе.

Кога постои опасност од громови, ловџијата не смее да го користи дрвото за заштита, оти при удар на гром во дрво ќе настрадаат и ловџијата и пушката. Под дрвото ловџијата би можел да биде колку толку сигурен, само ако е најмалку пет метри оддалечен од стеблото, а притоа двете нозе мирно да ги чува прилепени на земјата. Стеблата на крајот од шумата се многу поопасни од оние во густата затворена шума. Ако се најде некој ловџија на висока чека во дождливо невреме, може да му помогне единствено едно правило, а тоа е веднаш да се симне од чеката.

Најмногу луѓе од удар на гром и невреме страдаат налето, кога и невремињата се почести, а луѓето повеќе време поминуваат надвор. Се препорачува придржување на правилата „30-30“. Ако од молњата до грмежите поминат помалку од 30 секунди, оддалеченоста е помала од 12 километри, па зaтоа е потребно да се пронајде некое скривалиште. По последниот удар, потребно е да се причека 30 минути, за ловџијата да се увери дека опасноста поминала.


Лов на смуѓ во есен и во зима

Во овој период смуѓот зема малку покрупни мамки, оти не сака да троши
енергија за ситни залаци, за разлика од летото, кога обожава помали мамки

Ловот на смуѓ наесен и во зима е најатрактивен. Повеќето уловени смуѓови се женки, бидејќи им е потребна енергија пред мрестот, а почнуваат да ја собираат од есен. Во доцна есен и во почетокот на зимата, смуѓот зема малку покрупни мамки, оти не сака да троши енергија за ситни залаци, за разлика од летото, кога обожава помали мамки.
Идеално време за негов лов е токму кога никој не сака во вода, топол и ведар ден е целосна утка, оти тогаш смуѓот не е активен во 90 отсто случаи. Тој најмногу сака брзо заладување, дожд, грмежи, облачно небо, силен ветар.

Секој зимовник за риби крие и смуѓови само што тие ретко се откриваат, па многу рибари мислат дека таму и нема, но повеќето и грешат. Смуѓот секогаш е тука каде што се и повеќето други риби, само што во студените денови е во малку подлабоките води и во разни дупки, разни пречки, грмушки, карпи под водата, но и над вода, потопени дрва итн.

Ако се лови со живи или со мртви мамки, рибарот треба да биде постојано покрај рибарскиот стап, оти смуѓот ретко кога сам се фаќа на јадицата, а постарите методи со трокуки не помагаат многу, бидејќи тој не е сом, па лесно да го проголта сето она што е понудено. Смуѓот најдобро се лови на обични јадици.

Смуѓот има заби, па затоа пожелно е користење и на сајла при риболовот (иако некогаш не сака да ја земе мамката со неа), а без неа, пак, чести се кршењата на јадицата токму поради неговите заби и борбата што ја води. Успешно може да се лови и со тапа со помош на мртви или живи мамки, но тоа е реткост. Смуѓот е многу чувствителен на каков било отпор, па затоа искусните рибари користат „бејтрунер“, односно машинки што имаат слободно движење и употреба на свингер.