Најавено формирање друштво „Пријатели на езерото“

1788

Нашите напори да го зголемиме присуството на крапска риба во Осломејско Езеро, поединци или помали групи како да сакаат да ги девалвираат, вели Мире Ночески, еден од главните иницијатори за порибување на Осломејско Езеро и за рекултивизација на крајезерскиот појас

Немаше крај на радоста и на задоволството што ги почувствуваа спортските риболовци и ентузијасти од Кичево, по двете порибувања што во изминативе 18 месеци беа извршени на Осломејско Езеро, при што во овој риболовен рај беа пуштени поголеми количества крупни примероци крап и 50 кг крупни примероци толстолобик, кои за оваа потреба беа набавени од рибникот „Акватика“ кај Неготино.

Но и покрај надежите на спортските риболовци од градот и крајезерските села дека со чести посети и надзор на езерото ќе оневозможат недозволен риболов на штотуку порибеното езеро со крап, од кој допрва треба да се очекуваат придобивките и забрзано зголемување на нивниот број во акумулацијата, поединци, сепак, не мислеа како повеќето риболовци и го користеа секој слободен момент да почнат со недозволен лов и да го ловат и штотуку пуштениот крап во езерото.

– За жал, и во денешно време свеста на самоодговорност кај поединци како да е недоволно развиена. Така, нашите напори да го зголемиме присуството на крапска риба во Осломејско Езеро, поединци или помали групи како да сакаат да ги девалвираат. Иако на сите им беше добро познато, ако се улови крап, истиот тој да се врати во водата, тие уловените примероци наместо да ги вратат во езерото, си ги носат дома, па дури се регистрирани случаи каде што, покрај за сопствените потреби, уловените крапови биле и продавани. Жално е што ние со пари од сопствен џеб го порибувавме езерото, а поединци си земаат право штотуку пуштените крапови да ги ловат, па и да ги продаваат – вели Мире Ночески, еден од главните иницијатори за порибување на Осломејско Езеро и за рекултивизација на крајезерскиот појас.
Тој најави формирање друштво „Пријатели на езерото“, кое во целост ќе врши надзор врз езерото во текот на целата година, со што и овие појави во голема мера ќе бидат елиминирани.

– Во иднина ќе се погрижиме почесто да вршиме надзор над езерото, за да ги намалиме овие појави или целосно да ги искорениме. Со добра организација и одговорно однесување на групата задолжена за овој надзор, сметам дека резултатите нема да изостанат – додава Ночески.

Риболовците се разочарани што и покрај поставените плакати со кои се апелира до посетителите да не фрлаат отпад крај езерото, сепак, голем дел од нив како да не сакаат да ги уважат молбите на спортските риболовци, кои покрај убаво езеро сакаат да имаат и чиста езерска околина. З.А.


Два начина за лов на зајак

Постојат два основни начина на лов на зајак. На рамен терен е забрането користење куче гонач, па ловџиите се распоредуваат во вид на потковица, додека на ридски терен најчесто се практикува лов со кучиња. Во повеќето ловџиски здруженија, бројот на деновите кога се лови е ограничен на околу шест и тоа најчесто во октомври, ноември и во декември.
Со правилно стопанисување и совесно однесување на ловџиите, се овозможува дивиот зајак да се задржи во задоволителен број. Доколку рамнотежата се промени, на ловџиите е да утврдат зошто дошло до намалување на нивниот број и да преземат мерки за нивна стабилизација. Ако не успеат во тоа, тогаш е потребно да се ангажираат експерти за помош. Г.И.