Муфлонот потекнува од Сардинија и од Корзика, сака мирни подрачја

128

Муфлон, или како уште се нарекува народски дивата овца, спаѓа во класата цицачи, вид парнокопитни, подвид – преживари, чии рогови им растат целиот живот и никогаш не ги отфрлаат. Роговите, кои ги имаат само овните, се продукт на кожата и по правило се со триаголен пресек со украсни прстени, кои растат назад, но со постепено свиткување напред. Во зима им се развива т.н. годишен прстен, по кој се одредува староста на животното, а роговите интензивно им растат до петтата година.

Муфлонот спаѓа во крупен влакнест дивеч и се лови во текот на целата година, додека муфлонката и младенчињата од 1 август до 31 декември. Ловот на ова животно бара од ловџијата добра кондиција и голема трпеливост, со оглед на тоа што тешко може да му се приближи. Муфлонот е многу сличен на домашната овца, само што нема волна туку крути влакна, кои лете се црвено-костенливи, а зиме потемни. Стомакот и внатрешната страна на нозете им се со кремава боја, а на слабините имаат посветла боја. Муфлонките се еднолични, со светлокостенливо боја.

Висината им е до 75 см, должината 120 см, опашката 10 см (овците се помали), тежината 40-50 кг (овците се полесни), а животниот век им е до 20 години. Муфлонот потекнува од Сардинија и од Корзика, а населувал и делови на Медитеранот и Мала Азија. Денес може да се најдат и во континенталниот дел на Европа, благодарение на вештачкото населување (Чешка, Словачка, Германија, Финска). Муфлонот живее во ридовите и во планините со медитерански шуми, ливади, потоа карсните предели, но се приспособува и во континенталните услови. Сака мирни подрачја што нудат заштита од непријателот и доволно храна, а се пасе наутро и пред да се стемни.

Живее во помали крда, кои ги сочинуваат овци и јагниња и млади овни, кои ги предводи постара овца. Муфлонот има остар слух, осетлив мирис и далеку гледа. Најчесто се потпира на својот добар вид, многу е плашлив и внимателен, па затоа ловџијата тешко може да му се приближи. Непријатели му се рисот, волкот, лисицата, чакалот. Парењето им почнува во октомври и ноември.