Метод на исхрана кај ловџиските кучиња

130

Постојат два основни метода на исхрана, слободно и планирано. И двата метода имаат свои предности и мани, а и самиот избор на методот варира од случај до случај

Одгледувањето на ловџиското куче и не е многу лесно, како што мислат некои. Освен квалитетните услови за негов престој, редовните тренинзи (физичка активност), грижата за неговото здравје (вакцинирање), многу значаен фактор во неговото одгледување претставува и изборот на методот на исхрана.
Постојат два основни метода на исхрана, слободно хранење и планирано или контролирано. И двата метода имаат свои предности и недостатоци, а и самиот изборот на метод варира од случај до случај.

СЛОБОДНО ХРАНЕЊЕ

Овој начин подразбира полна чинија со храна, која ловџиското куче ќе ја јаде кога ќе посака. Овој метод најдобро функционира со сува храна, оти не се расипува брзо како влажната. Предноста на слободното хранење е и во тоа што ловџијата не мора да се грижи дали ќе биде дома за време на давањето на оброкот на своето куче или не. Предност е и тоа што ловџиското куче во секој момент има храна на располагање и може да јаде кога ќе посака.
Проблем кај слободното хранење може да се јави, доколку има повеќе ловџиски кучиња на еден простор, оти може да се случи, оние што се поборбени и полакоми, побрзо да ја изедат храната од другите кучиња. Исто така, една од маните е и таа што постојат некои видови ловџиски кучиња, кои генетски се лакоми и тогаш овој метод на исхрана не е добар, оти на кучето храната му е достапна во секој миг и тоа неограничено ја јаде.

ПЛАНИРАНО (КОНТРОЛИРАНО) ХРАНЕЊЕ

Планираното хранење е поздраво, бидејќи ја ограничува чинијата со храна што кучето ја зема. Постојат варијации на овој метод. Едната е кога на кучето му се дава полна чинија за храна на одреден временски период (10-15 минути), по што чинијата се зема и се става надвор од дометот на кучето.
Другата е, пак, кога на кучето му се дава точно одредена чинија со храна, која се остава во точно одредено време трипати во денот, без разлика дали кучето има проблем со неговата тежина или лакомост. Овој метод е добар доколку на кучето му се даваат лекови, кои се контролирани, со што може подобро да се надгледува, дали тоа ја изело целата храна.
Најголемиот недостаток на овој метод, е тоа што кучето мора да се храни повеќе пати во текот на денот. Денес постојат механички направи за хранење со однапред одредено време, што може многу да го олесни контролираното хранење. Во секој случај, треба добро да се измерат двете опции и на крајот да се донесе вистински избор.
Староста и расата на ловџиското куче исто така мора да се земат предвид.