Лов на зајаци

1174

Ловот на зајаци се изведува во група до пет ловџии или, пак, во уште поголема група, а се врши најчесто со т.н. „четкање“ на теренoт со движење

Kај ловџиите, зајакот секогаш е омилен вид дивеч за лов. Многу лесно се приспособува во средината во која престојува, па затоа речиси и го има секаде во Македонија. Зајакот е дневен дивеч, иако во сезона на ловот прекуден мирува во своето скривалиште, пред кое вешто знае да ги скрие сопствените траги. Во нашите краишта ловот на зајаци почнува наесен, кога по земјоделските активности теренот малку ќе се исчисти и видливоста ќе се подобри, а завршува напролет, пред да станат ораниците калливи, оти таквиот терен го отежнува движењето на ловџиите. Ловот на зајаци е во група од три до пет ловџии или во уште поголема група. Групниот лов е подвижен и со успех се применува таму каде што теренот е испрекинат, а се врши најчесто со т.н. „четкање“ на теренoт преку движење и бркање.

Заедничкиот лов се применува на исчистени терени, и тоа како кружен лов, потковица и фаќање живи зајаци. Секој од овие начини на лов има бркачи и чекачи на зајаците. Задачата на бркачот е добро да го „четка“ теренoт, а на чекачот да биде многу стрплив.
Кружниот лов се базира на тоа сите ловџии што тој ден ќе одлучат да ловат зајаци да формираат еден круг со растојание од 100 до 150 метри помеѓу секој ловџија. На знакот за почеток на ловот, сите ловџии се движат кон замислениот центар на кругот. Ловџиите се движат полека и во цикцак-линија, со мало повремено застанување, за да можат зајаците да излезат од своите скривалишта. Ловџијата пука на зајакот, кој ќе го придвижи сам или некој друг ловџија и тоа ќе го стори пред себе. Но ако зајакот тргне надвор од кругот, тогаш ловџијата пука кон зајакот, но само од својата лева страна. Кога ловџиите ќе се приближат кон центарот на кругот (на околу 500-600 метри), се дава знак за прекин на пукањето.

Кај ловот наречен потковица распоредот на ловџиите е ист како кај кружниот лов, со тоа што крилните ловџии од левата и десната страна не го затвораат кругот во целост, а тие со себе водат добро истренирани кучиња. Фаќањето живи зајаци се прави на тој начин што прво мрежата за нивно фаќање се поставува праволиниски, потоа на околу 50 метри од мрежата се прави скривалиште од природни материјали и по можност тоа да биде што помалку забележливо. За лов на зајаци е најдобро да се користат ловџиските кучиња-бркачи иако некои ловџии тврдат (секако проверено низ практика) дека можат добро да послужат и кучиња-птичари.