Кога се чисти ловџиското оружје

191

Ако ловџијата ја остави пушката нечиста на крајот на ловната сезона, а била користена, тогаш веќе следната година постојат реални можности кај неа да се појави некој дефект

По правило, ловџиската пушка би требало да се чисти по секоја нејзина употреба. Меѓутоа и претераното чистење може да доведе до појава на дефект на некои од нејзините составни делови. Затоа се чини дека е најдобро целосно чистење на пушката да се направи веднаш по завршувањето на ловната сезона. На тој начин се оневозможува појава на можни дефекти во текот на подолго мирување на пушката, односно кога таа не се користи.
Ако ловџијата ја остави пушката нечиста на крајот на ловната сезона, а била користена, тогаш веќе следната година постојат реални можности кај неа да се појави некој дефект. Од друга страна, пак, треба да се води сметка и за т.н. делумно чистење на пушката. Во делумно чистење спаѓа секојдневното, поточно чистењето по секоја нејзина употреба.

Секако, тоа не значи дека треба целосно да се расклопи пушката за да се исчисти, туку тука пред сѐ се мисли на обично премачкување со масло, оти барутните гасови можат да предизвикаат корозија на нејзината цевка. Ако ловџијата не може да набави квалитетно масло, тогаш се препорачува да се премачка и со обично моторно масло. Сите масла за премачкување што не содржат прав се сметаат за добри, а нивната густината е таа што го одредува рокот на заштита.

Ловџиските пушки и во самиот процес на нивното производство се заштитени од влијанието на надворешната средина, како на пример влагата. Но без разлика на сѐ, ова не го исклучува фактот дека одржувањето на пушката е многу значајно, за да се одржи нејзиниот квалитет, а со тоа би се продолжил векот на нејзината употреба.


Корисни информации од уловената риба

Врз база на длабочината и местото на престојот на рибата грабливка, може да се одреди и методот на риболов

Со анализа на рибата рибарот може да добие повеќе корисни информации за што поуспешен риболов како што се: времето кога рибата најмногу гризе, со што се храни, на која длабочина, на кои места го прави тоа и слично. Така на пример, ако во нејзиниот желудник има полусварено рипче, а содржината е непозната, тоа значи дека рибарот бил во вистинско време на риболов, односно токму кога рибата почнува да се храни. Целосно несвареното рипче е знак дека рибата пред да биде уловена од рибарот веќе почнала да се храни, што наведува на тоа дека тој требало да замине порано на риболов.
Видот на голтнатото рипче може да го наведе рибарот и на местото на кое рибата грабливка лови, а тоа бара од рибарот познавање на живеалиштето на рибите, како и однесување на ситните видови риби, кои служат како храна. Ако на пример се најде риба црвеноперка, јасно е дека рибата грабливка некое време поминала во мирна вода, каде што и се хранела. Врз база на информација за длабочината и местото на престојот на рибата грабливка, може да се одреди и методот на риболов, а видот и големината, пак, на најдената риба во неа, се значајни за изборот на видот, големината и бојата на блинкерот, кој рибарот ќе го користи.
Со прегледот на смуѓот може да се заклучи дека тој се храни најмногу со ситни риби, а нив ги има по крајбрежјата, средните слоеви и површината на водата. Но знаејќи дека на такви места смуѓот денски ретко доаѓа, се наметнува фактот дека неговото време на хранење е в зори и ноќе. Со истражување исто така е констатирана и исполнетоста на цревниот тракт на рибата по сезони. Така, во пролет желудникот на смуѓот е полн 10,9 отсто, во есен 13,2 отсто, а во зима 2,3 отсто, што само по себе кажува во кој период од годината тој најинтензивно се храни, а со тоа и во кој дел од годината е најдобро да се лови.