И рибите се опијануваат!

223

Неодамнешната студија на една њујоршка лабораторија покажала дека и малите т.н. зебра-риби се јакнат со самодоверба и желба за лидерство меѓу своето јато риби кога се „напиени“

Луѓето не се единствените живи суштества што можат да се опијат од алкохол. Неодамнешната студија на една њујоршка лабораторија покажала дека и малите т.н. зебра-риби се јакнат со самодоверба и желба за лидерство во своето јато риби кога се „напиени“! Но, исто како и кај луѓето, и кај нив постои граница.
Но, како да се опијани риба? Едноставно, се пушта малку да плива во раствор со различни количества етанол и по пет минути рибата се става во свежа вода, заедно со преостанатите „трезни“ риби.
Резултатите од ова испитување покажале дека исто како и кај луѓето, на умерено запиените риби (со 0,25 отсто и 0,50 отсто алкохол) им се олабавуваат сопирачките. Тие пливаат побрзо, порешителни се од другите риби, не покажуваат страв или некакви безбедносни дилеми. А кога се во друштво со преостанатите риби, пливаат многу побрзо. Според оваа студија, трезните риби, пак, ова побрзо пливање го толкуваат како јасен знак за лидерство во јатото, па и тие пливаат побрзо за да го стасаат храбриот водач на јатото. Тоа значи, ако пијаната риба сврти налево, и трезните риби ќе одат по неа, ако лидерот сврти надесно, тогаш и преостанатите свртуваат надесно.

Но, тука некаде е и границата на неговото лидерство. Со поголема доза алкохол веќе е поинаку, бидејќи пијаната риба плива побавно, дејствува збунето, па преостанатите од нејзиното јато ја отфрлаат.
Се поставува прашањето, зошто научниците воопшто решиле да опиваат риби. Одговорот е затоа што тоа го прават со години, особено со овие зебра-риби, кои имаат чудни сличности со човекот во поглед на нивниот развој, однесувањето, па и генетиката.
Во 2011 година се покажало дека изложеноста на алкохол на ембрионите води кон нивни асоцијални однесувања во подоцнежниот живот. А претходно е проверувано и тоа како пијаните и трезните риби реагираат на риба-робот. Трезните риби биле сомничави и го одбегнувале вештачкиот пријател, додека пијаните веднаш го примиле во своето јато.
Има сознанија дека дури и во мамурлакот се многу слични со луѓето, па така следниот ден „не ги бивало за ништо“.