Дива мачка – преосетлив и плашлив дивеч

213

Дивата мачка има одлично развиен слух, вид и допир, а послабо мирис. Таа е силно и снаодливо животно, се движи внимателно и речиси нечујно, а може да скокне во должина и до 15 пати повеќе од своето тело

Дивата мачка (Felis silvestris) е влакнест дивеч. По својот општ изглед, таа е слична на питомата мачка. Нејзиното тело е долго и до 90 см, опашката и до 45 см, висината достигнува до 45 см, а може да биде тешка и до 10 кг. Влакното ѝ е густо со сива боја, со карактеристични црни попречни линии и една темна во должината по грбот. Опашот ѝ е вретенесто обликуван. Вилицата ѝ се состои од 28 заби, а двете вилици имаат по шест заби секачи, два силни остри очници и по шест силни катници.

Таа е преосетлив и плашлив дивеч. Има одлично развиен слух, вид и допир, а послаб мирис. Таа е силно и снаодливо животно, се движи внимателно и речиси нечујно, а може да скокне во должина и до 15 пати повеќе од своето тело. Од питомите мачки секогаш се разликуваат по црните усни и табани и големата влакнавост во внатрешноста на ушите. Главата на дивата мачка е поширока од главата на домашната.
Дивата мачка е исклучив месојад, кој вообичаено оди ноќе и взори по својот плен, а начинот на исхрана го приспособува според условите на своето живеалиште.

Се храни со месо на разни помали животни и птици, потоа глодачи и јајца. Дивата мачка се пари во текот на февруари и на март, а женката по девет недели носи на свет од две до четири слепи мачиња. По еден месец, малечките почнуваат да јадат месо, кое им го носи нивната мајка, а по четири-пет месеци се осамостојуваат, додека полово созреваат на девет месеци. Дивата мачка може да доживее и до 15 години старост, но обично живее 10-12 години. Таа е распространета и населена речиси во сите наши ловишта, а ловната сезона на дивата мачка трае од јули до крајот на февруари.