Амур – чистач на застојани води

157

Овој вид риба води потекло од реката Амур во Северна Азија од каде што е донесена во Европа и во Америка, а на Балканот е присутна по 1970 година, за да го контролира растењето на водните растенија

Амур или индиски крап води потекло од реката Амур во Северна Азија од каде што е донесена во Европа и во Америка, а на Балканот е присутна по 1970 година, за да го контролира растењето на водните растенија. Таа е слатководна риба, која му припаѓа на семејството ципраниди и е многу слична на кленот. Има издолжено и цилиндрично тело покриено со големи крлушки. Бојата на телото е бронзено-сребреникава, по грбот е потемна, а како се оди кон страните и кон стомакот, таа е посветла. Перките се сивкасти, а местото вкусно.

Поради начинот на неговото хранење тој најчесто се користи како чистач на застојаните води. Во Кина амурот се користи за оваа цел над 2.000 години, но во Европа не успеал да го достигне тоа ниво на успешност. Кај нас амурот најчесто го има во застојаните води, езерата, каналите, а поретко во реките.

Амурот е риба-вегетаријанец, затоа што најмногу се храни со алги, водни растенија, разни видови водни билки, лисја од дрвја. Во недостиг од водни растенија и билки, амурот почнува да се храни со листови од врба или од други листопадни дрвја, чии гранки се надвиснати над водата. Се храни и со инсекти што летаат над површината на водата, а многу риболовци го ловат и на млада пченка. Зимно време неговата активност многу е намалена и тој се повлекува подлабоко во водата.

Амурот најчесто се размножува од април, па до крајот на летото, кога температурата на водата ќе порасне над 20 степени. Јајцата што ќе ги снесе женката пловат по водата, а доколку станува збор за река, тогаш малите риби можат да се изведат дури 10 км подалеку од местото каде што биле снесени. Но тоа пловење на нивните јајца ги прави добар плен на многу други риби, поради што размножувањето на амурот е отежнато. Женката, во зависност од нејзината големина, полага од 30.000 до 800.000 јајца, од кои набрзо излегуваат младите, кои потоа се движат во плитките води, и кои најпрво се хранат со планктони, инсекти и со водни растенија, а подоцна кога ќе пораснат над 4 см, почнуваат да се хранат најчесто со алги.

Во земјите од каде што потекнува, амурот може да достигне должина и до 1,7 метар и тежина и до 36 кг, но на Балканот, тој може да биде долг приближно до еден метар, а тежок и до 25 кг.