Македонскиот игран филм „М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на „Фокус покус филмс“, е добитник на главната награда на годинашната програма „Ворк ин прогрес“ (филмови во изработка) на Интернационалниот филмски фестивал во Пула. Во конкуренција со уште десет селектирани меѓународни филмски проекти во фаза на постпродукција, филмот беше успешно презентиран од продуцентот Дарко Попов.
Реномираното интернационално жири, во состав Сајмон Пери, британски продуцент; Вања Калуџерчиќ, уметничка директорка на ИФФ Ротердам; и Хавиер Анри Рашид, сопственик на агенцијата за продажба на филмови „Филм рипаблик“, одлучи наградата за постпродукциски услуги во вредност од 12.000 евра да му ја додели на македонскиот филм. Копродукциската соработка од наградата се реализира со студиото „Слипвокер“ од Прага.
Филмот „М“ е дистописка бајка што ја раскажува приказната за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус, е во потрага по својата мајка. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција. Со одлука на Агенцијата за филм, вториот филм на режисерот Вардан Тозија и трет на продуцентот Дарко Попов, влезе во категоризацијата „дебитантски“, со што беше пролонгирана неговата реализација.