Европски денови на културното наследство годинава ќе се одржат од 22 до 28 септември. Во соопштението за медиумите на Советот на Европа по повод годинашното одбележување, генералната секретарка Марија Пејчиновиќ Буриќ изјави дека креирањето споделени искуства преку културата и уметничкото изразување претставува моќна алатка за засилување на социјалната кохезија, почитувањето на различностите и човековите права за сите.
– Демократското партиципирање во културата е клучен инструмент во постигнувањето на овие цели. Европските денови на културното наследство придонесуваат кон градење мостови, славејќи го богатството на европското културно наследство, и тие ни даваат извонредна можност да го истражуваме и осознаваме мозаикот на култури од кои се состои Европа. Исто како и слободата на изразување, слободата на културно изразување е суштествена за креативноста и збогатувањето на културниот живот – вели Пејчиновиќ Буриќ.
Oдбележувањето на Европските денови на културното наследство во нашата земја ќе се одвива на темата „Културното наследство за сите“. Како и во повеќето европски земји, целта на темата е да се сврти вниманието кон маргинализираните групи и лицата што се, на одреден начин, попречени во нивната желба да го запознаат нашето богато културно наследство, како дел од заедничкото европско наследство.
Во согласност со темата, Музејот на Македонија ќе им донира училишни ранци и друг прибор, како и публикации од издавачката дејност на музејот, на децата со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партенија Зографски“. Во Археолошкиот музеј се предвидува посета на музејот и работилница за лица со Даунов синдром.

Националната галерија на Македонија ќе организира работилници насловени „Прифати го другиот и освести ме“, за деца со оштетен слух, говор и вид, и „70 години од првата Национална поставка“, со деца од бошњачкиот етникум. Во Музејот на македонската борба ќе може да се посети изложбата „ФОКУС – инклузија и пристапност на музејски артефакти“. Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе биде отворена изложбата на 10 тактилни слики, придружени со опис на Брајово писмо, фотографија и текст, насловена „Еден час“. Заводот и музеј Битола ќе реализира интерактивни креативни работилници со деца од ромската заедница и со деца со оштетен слух, говор, глас и други попречености, а ќе биде организирана и посета на Хераклеја Линкестис, за лицата со телесен инвалидитет од Битола. Музејот „Демир Капија“ организира креативна работилница насловена „Музејот во очите на децата од Специјалниот завод во Демир Капија“, а музејот „Теракота“ од Виница предвидува еднодневна едукативна екскурзија во соработка со Дневниот центар за лица со попреченост во развојот.
Имајќи предвид дека 2021 година е прогласена за Европска година на железниците, од европскиот координатор во Советот на Европа беше препорачано да се сврти вниманието и кон наследството на железниците. За таа цел, Музејот на тетовскиот крај ќе организира едукативни активности на Железничката станица во Тетово и ќе ја отвори изложбата „Фотографии од градењето на железничката станица во Тетово 1951-1952“.