Омаж: Проф. д-р Атанас Вангелов (1946-2021)

Згасна уште едно македонско книжевно соѕвездие, по оние на Блаже, Анте, Петре, Гане… Во неделата, на 24 октомври, згасна соѕвездието Атанас Вангелов, она обединувачкото, соѕвездие што беше секогаш расеано околу овие други соѕвездија, затоа што својата светлина најмалку ја користеше за себе. Го користеше својот сјај пред сѐ за да ги осветли овие, но и уште десетина други македонски книжевни соѕвездија, оние што ги научија „и ѕвездите да шепотат на македонски“, како што ќе рече Анте Поповски. Вангелов потроши најголем дел од својата вулканска ерудитска енергија да осветли свои современици, од највозрасните до најмладите. Не само што беше стручно херменевтички суверен и прв во осветлувањето туѓи крупни дела, туку тоа често го правеше и на штета на своето уметничко творештво, кое сѐ уште не е доволно оценето (главно сѐ се сведува на една реченица: „Одличен поет од неосимболистичката парадигма“). И кога ќе му речев: „Професоре, дај собери ги оние твои наградувани раскази во една книга, преубави се“, тој секогаш велеше: „Ајде, да го завршам ова за Анте… ова за Петре… да го заокружам Блаже во три книги, па ќе седнам“.
Го караа за таа работа и други; Петре М. Андреевски често му велеше дека тоа што е прв критичар лошо влијае врз неговите дела. Кој би се осмелил да пишува критика за песните на критичарот број еден? Тоа е судбината на сите полиграфи, а таков беше и Вангелов: критичар, поет, прозаист, драматург, преведувач, полемичар, теоретичар на книжевноста, дури и колумнист. Кога ќе видеше дека кај Атанас таа забелешка создава нелагодност, Петре знаеше да ретерира, со она неговото добро познато и духовито: „Така и мене ми прават. Поетите ми велат дека сум одличен прозаист, а прозаистите дека сум одличен поет, па бараат да се посветам само на едно“. Со други зборови, Вангелов не беше само полиграф туку го носеше и каменот на повеќе дарби. Кај нас една дарба не ти простуваат, камоли повеќе.

Но Вангелов предност ѝ даваше на критичарската дарба, токму поради едно негово специфично, речиси религиозно (морално) сфаќање на книжевноста: секој од нас е само дел од еден книжевен национален организам и сите имаме задача да се грижиме за целината, а не само за личниот успех (слава, награди). Затоа и остави неизбришливи траги во вреднувањето и класирањето на македонската книжевност. Кога ќе напишеше добра критика за некој крупен автор, знаеше да стане воодушевено од работната маса (делевме ист кабинет речиси 15 години, зашто му бев асистент по предметот Нова хрватска книжевност) и како радосно дете да каже: „Стануваме голема книжевност. Диме Солев повторно напишал голем роман“. Таа верба дека македонската книжевност може и мора да стане „голема“ книжевност го одведе во строга вредносна критика (најавена уште во насловот на книгата критики „Решето“), го изгради неговиот кристално јасен полемичен стил (често и со ирониски и духовит стилски параграф) и му донесе книжевни непријатели, кои често се служеа и со своите политички моќи за да му наштетат. Но неговата принципиелност и непопустливост победуваа. Судеше строго затоа што сакаше да станеме „европска книжевност“.

Од човек што беше одличен познавач на светската, а особено на француската, руската, германската, хрватската, бугарската и српската книжевност, и не можеше да се очекува пониска вредносна рампа во „скокот со стап“ и на нашата, македонска книжевност. Затоа пишуваше и негативни критики, дури и за свои пријатели; тврдеше дека човек треба да биде строг кон другите, само под услов ако е строг и кон себеси, и дека во книжевноста пријател е оној што ќе ти каже искрено што мисли за твоето дело. Од него научив дека ниедна позитивна критика, дури и да е напишана од најголем критички авторитет, не подобрила ниеден роман, како што и ниедна негативна критика не му наштетила на ниедно големо дело. Критичарот, според него, требаше да исполнува два услова: а) да биде искрен во судот и б) да биде учен за да го аргументира својот суд. Без тоа нека не се фаќа за перото. И нека разбере: дури и да ги исполни овие два услова, често може да му се случи сепак да се „лизне“ во процената; критичарот е секогаш на тенок мраз. Како пример секогаш го наведуваше големиот Јован Скерлиќ, кому, иако најголем српски критички авторитет од тогаш европски ранг, сепак му се случи да не го види очигледниот гениј на Владислав Петковиќ Дис.
И бидејќи имаше такви, високи стандарди за македонската книжевност, Атанас мораше и себеси да се изградува постојано. Бидејќи деценија и пол бевме нераздвојни цимери во неговиот легендарен кабинет (низ кој често минуваа најголемите македонски писатели и интелектуалци), знам дека доаѓаше на работа пеш околу 7 часот и работеше до 14. Во тој период не примаше гости, и тоа го знаеја сите. Кога ми даде клуч од кабинетот, сакал-нејќел, ја прифатив неговата „агенда“. Само благодарение на тоа и магистрирав и докторирав брзо: ако работиш седум часа и ако разговор е дозволен дури по 14 часот, не може да не напредуваш.

И воопшто не се изненадив кога наскоро ми откри дека тој всушност станува порано и дека работи најпрвин дома, од 4 до 6 часот; тоа беа вкупно 9 часа секојдневна работа врз себеси и македонската книжевност! Тоа темпо го задржа до последниот ден. Затоа и стана ерудит од европски формат, филолог од редот на неговите крупни претходници, меѓу кои прв е Блаже Конески, име за кое делото на професорот и уметник Атанас Вангелов е тесно поврзано. Само во последниве две години Вангелов објави две капитални студии за поетското и научното дело на Конески (третата, онаа за прозата остана, за жал, недовршена), а пред 27 години испеа цела поема за Конески („На безгласје глас“), наградена со наградата „Григор Прличев“. Може да се каже дека и во критичарот и во поетот Вангелов беше невидливо вграден Конески како книжевен идеал, иако по карактер беа целосно различни: едниот интроверт и тихувач, другиот екстроверт и гласен борец за општа (не само книжевна) правда. Таа поврзаност меѓу овие две наши знаменити фигури се гледа и од податокот дека токму во времето кога Вангелов беше декан на Филолошкиот факултет, по негов предлог Факултетот го доби името на Конески.
На самиот Филолошки факултет (некогашен Филозофски), Вангелов беше, од времето кога јас студирав до денес, врв на една филолошко-универзитетска вертикала, која почнува од Конески, се протега преку Михаил Д. Петрушевски, Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковиќ, Димитар Митрев и Гане Тодоровски, до него самиот. Вангелов беше, како хронолошки последна точка во таа вертикала, точка на една крупна научна револуција, пресврт во мислењето за книжевноста: смена на дијахронискиот принцип со синхронискиот, премин од историјата на книжевните факти кон теоријата и херменевтиката на книжевните текстови.

Тој пресврт од дијахронија кон синхронија пред него го најави и го практикуваше токму Блаже Конески, користејќи се сосема невидливо со премисите на рускиот формализам и прашањата што ги постави таа методолошка школа: да се каже не само што значи еден книжевен текст, туку и како значи. Без Вангелов и без таа негова револуција, тоа е повеќе од сигурно, тогашната Катедра за македонска книжевност и југословенски книжевности немаше да опстане: особено не по распадот на политичкиот субјект Југославија (СФРЈ). Вангелов добро знаеше дека квалификативот „југословенски книжевности“ не е книжевен, туку идеолошки конструкт, како што добро знаеше дека придавката „јужнословенски“ е веќе легитимен лингвистички и затоа – книжевен поим. Затоа, освен простото преименување, се посвети на теориско засилување на Катедрата: во време кога тој предаваше Теорија на книжевноста, во големиот амфитеатар имаше и над 500 слушатели (често и стоеја), не само затоа што тогаш тој предмет го слушаа сите студенти на Филолошкиот факултет (од сите јазични групи) туку и затоа што Вангелов беше харизматичен професор. Доаѓаа и од околните факултети да го слушаат. Неговите предавања „лепеа“ како магнет, затоа што од „стручна расправа“ често се одеше во духовити дигресии за обичниот живот. Тоа беше така, затоа што Вангелов цврсто веруваше дека книжевноста е бесполезна ако не нѐ научи како да живееме. И тоа беше така (особено неговата огромна популарност како професор), затоа што тој постојано на сите на Катедрата, негови ученици, ни повторуваше: „Не е предметот тој што му дава авторитет на професорот, туку професорот е тој што му дава авторитет на предметот“. Со тоа повторно алудираше дека нема големи и мали книжевности: важно е како ги предаваш. „Ако не те бидува за професор, попусто предаваш германска книжевност; ако те бидува, студентите ќе дојдат кај тебе да слушаат и за книжевноста на Ескимите“, велеше професорот. Кога подоцна се заинтересирав за филозофијата на исихазмот и православието и кога прочитав кај светогорските отци: „Не спасува местото на молитва, туку начинот на кој се молиш“, се сетив на неговиот став за односот предмет-професор. Му спомнав за ова, а тој се насмевна и задоволно рече: „Значи, сепак Достоевски те одведе таму кај што треба“. Во тој момент сфатив дека не треба многу да говорам пред него за исихазмот: беше очигледно дека знае повеќе од мене за тие религиозни нешта, иако во тој момент беше пратеник на социјалдемократите во Собранието, а потоа и амбасадор во Унгарија!

Вангелов зад себе поведе генерација млади критичари кон еден посебен тип вредносна критика која се базира на дескриптивни судови, кои лично тој ги црпеше од неколку структуралистички сфатени дисциплини: стилистиката, наратологијата, семиотиката, реториката. За тие дисциплини пред него едвај малку нешто се знаеше. А се дозна поради неговите врски со Париз: во 1975/1976 година бил на судиски престој во Париз како стипендист на француската влада, а подоцна, пет години беше лектор по македонски јазик и литература на Институтот за источни јазици и цивилизации. Париз тогаш беше единственото европско жариште на „новите методологии“ на книжевниот текст. Сето тоа говори за еден смислен напор на Вангелов, да ги пресади тогашните најактуелни методи на филологијата и другите хуманистички науки во нашата филологија, во нашата лингвистика и теоријата на книжевност. Тоа е напор да се биде цело време во дослух со Европа и светот. Тоа е напор што, според својот обем, му прилега на цел еден научен институт, а не на поединец.
Ние, наставниците на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности сме она што денес сме (цела палета на најразлични методолошки пристапи кон книжевниот текст, од тесно филолошки, преку психоаналитички до постколонијални и најнови), само благодарејќи му на Атанас Вангелов. Затоа што, тој наш професор од Париз во своите куфери со книги (кои секогаш ги делеше и не ги криеше, како некои други професори) донесе не само структурализам туку и цела една револуција во поимањето на книжевниот текст.

Донесе најнови интерпретации од прва рака за Ками, Сартр, егзистенцијалистите, за Барт, Тодоров, Женет, за феноменологијата на Пол Рикер, за деконструкцијата, за Дерида и семaналитичките теории на Јулија Кристева, за нејзините романи и романите на нејзиниот сопруг Филип Солерс, за групата „Ми“ и новата реторика, за антропологијата од Леви Строс до Геза Рохајм, за психоанализата заклучно со Лакан и уште многу, многу интересни нешта. Од тие нешта тргнавме ние, помладите, кои веќе го имавме испечено занаетот на дескриптивниот суд, без кој (така учеше Вангелов) ниеден вредносен суд нема валидитет. Затоа и можеше на сите, без разлика која методологија ќе ја изберевме, да ни биде учител по дисциплина во мислењето. Тврдеше дека нема добар или лош метод сам по себе, туку само добар или лош корисник на методот. „Сите патишта водат во Рим“, велеше, ако се консеквентно изведени. Затоа и ни допушти да се развиваме во разни методолошки насоки (иако самиот претпочиташе структурална стилистика): на сите ни беше или ментор или рецензент, сите нѐ изведе на вистински научен пат. Не ни се мешаше во методот: важно му беше да мислиме консеквентно во рамките на методот што сме го избрале. Но таква широчина можеше да покаже само затоа што беше навистина жива енциклопедија, затоа што читаше сѐ. На три дена пред смртта ѝ побарал на колешката Кристина Николовска (негова некогашна асистентка, а сегашна професорка по Теорија на книжевност и раководителка на Катедрата) да му купи молив и да му го однесе во болницата. Не можеше да чита ако не потцртува и ако не бележи битно од небитно. Така и почина: со книга и молив во рака, како големиот Аугуст Шеноа, „човекот-епоха“, кого го ценеше со особена почит, кога предаваше нова хрватска книжевност.
Ние, од Катедрата за македонска книжевност и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – знаеме што загубивме. Но добро е и македонската култура да се потсети што доби со името Атанас Вангелов. Само затоа и овој текст. Да не се изуми.

Во име на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, Венко Андоновски