Етнологот Владимир Боцев смета дека ова време на седење дома можеби ќе биде пресвртница во смисла на зголемување на интересот за етнолошките филмови. Наместо публиката да оди во музејската киносала, сега може филмовите да ги гледа и од дома. И покрај пандемијата, тој работи на организирање на деветтиот по ред фестивал на етнолошки документарен филм „Кратово“, кој треба да се одржи во октомври

Владимир Боцев, етнолог

Деновиве по виртуелен пат, меѓу другите, може да се видат и некои од вашите филмови, како и филмови на етнологот Елизабета Конеска, кои лани беа објавени во првото од таков тип ДВД-издание во земјава, насловено „Етнолошки документарни филмови од Музејот на Македонија 1997 – 2015“. За кои филмови станува збор и како гледате вие на овој вид презентација?
– Музејот на Македонија се вклучи во акцијата за доближување на културата до широката публика во ова време на карантин и самоизолација на тој начин што преку интернет ги направи достапни етнолошките документарни филмови во продукција на музејот. Станува збор за филмови од новата продукција, создадени помеѓу 1997 и 2015 година, вкупно 13, кои минатата година беа објавени во вид на ДВД-издание. Меѓу нив се: „Курбан – жертвоприношение во селото Покрајчево“, „Џоломари“, „Самовилска вода“, „Професија во движење – крушевски калајџии“, „Звукот на чеканот“… Ова е прво вакво издание на еден музеј кај нас, на десет филма сум автор јас, а на три се Елизабета Конеска и двајцата етнолози во истиот музеј.

Станува збор за филмови што го третираат живото културно наследство, кое е можеби пред нашите очи, но не го забележуваме или не му го посветуваме потребното внимание. Темите обработени во овие филмови се од обредниот живот, од занаетите, секојдневието и сл. Кога ќе се спомене етнолошки документарен филм, вообичаено се мисли, да кажам така, на зурли и тапани. Но, верувајте, не е тоа. Затоа погледнете ги филмовите и ќе видите како ние во музејот ги создаваме овие документи на нашата народна култура, документи на нашиот идентитет. Во изминатиов период од моја страна беа преземени низа активности во насока на популаризација и актуализација на етнолошкиот документарен филм.

Во нашиот музеј уште на почетокот на 2000 година се организираа Денови на етнолошкиот филм, во чии рамки во неколку дена во музејската киносала се проектираа филмови од сите страни на светот, не само домашни. И во рамките на манифестацијата организирана од музејот, „Денови на европското културно наследство“, со години се наоѓаат филмови со етнолошка тематика, каде што се претставуваат најразлични култури на народи низ светот. Организирав и гостувања на етнолози од повеќе земји, кои ги презентираа своите филмови и зборуваа за работата на полето на етнолошкиот документарен филм.

Колкава е заинтересираноста на домашната публика за етнолошкиот документарен жанр?
– Во 2007 година гостуваше светски познатиот антрополог од Канада, Асен Баликчи, автор на многу етнолошки документарни филмови, кој, освен што покажа дел од филмовите, одржа и предавање како ги создава. И покрај напорите да се заинтересира широката публика за овој филмски жанр, тоа тешко одеше и сѐ уште тешко оди. Публиката доаѓаше и си заминуваше по првата проекција. Ова важи и за студентите по етнологија, кои, според мое мислење, треба да се најзаинтересирани, но, за жал, не е така. Ова време на седење дома можеби ќе биде пресвртница, во смисла на зголемување на интересот за етнолошките филмови, но по еден обратен редослед. Имено, наместо публиката да доаѓа во киносалите, односно во киносалата на Музејот на Македонија, етнолошките документарни филмови сега веќе се во домовите на публиката. Може да се видат во секое време и сите на едно место. Може да се пишува и коментари за нив, да се даваат мислења, да се поставуваат прашања до авторите итн. Искрено, мислам дека оваа можност ќе се искористи и ќе биде пресвртница во смисла на зголемување на интересот за етнолошкиот документарен филм и традиционалната култура воопшто.

Вработен сте во Музејот на Македонија, на чија фејсбук-страница сега се ставени споменатите филмови. Музејот во овој период на пандемија на коронавирусот, како и другите музеи, е затворен, но на што вие како етнолог продолживте да работите, планирано или не, во овој период од годината?
– Пред да се најдеме во оваа ситуација, во јануари бев на теренско истражување во селото Бегниште. Таму се одржува еден од најавтентичните обреди со маски во Македонија, Џоломари. Во долг временски период во Бегниште сум бил неколкупати, а целта на годинешната посета беше да ја видам актуелната состојба на овој обред. Во овие моменти го завршувам новиот филм, кој го работам подолго време, а сметам дека ќе биде готов до средината на идниот месец. Исто така размислувам и за спроведување на годинешниот проект, кој се однесува на претставување на живото културно наследство во музејските сали.

Владимир Боцев

Постоеше ли досега интерес за ДВД-изданието „Етнолошки документарни филмови од Музејот на Македонија 1997 – 2015“, чиј автор сте и каде можеше да се најде?
– Од искуството што го имав со интересот за етнолошките документарни филмови, јасно ми беше дека треба да се преземат активности за популаризација на ова ДВД-издание. Затоа, покрај промоцијата во Музејот на Македонија, промоции се одржаа и во музеите во градовите Неготино, Демир Капија, Струмица и Битола, а интересот кај публиката беше променлив. На некои проекции дојде возрасна публика, на некои помлада, во поголем или помал број. Интересно беше во музејот во Демир Капија и особено во музејот во Струмица.

Младата публика во Демир Капија покажа интерес со значително присуство на проекциите и со поставување прашања за создавањето на овие филмови, додека во Струмица имаше особен интерес од колегите од музејот, но и од пошироката публика. На овие проекции се разви навистина интересна и плодна дискусија, се искажуваа импресии, ставови, се споделуваа искуства и сл. Затоа беше договорено да се организираат повторно проекции на филмови што ќе ја третираат темата на маските и карневалите, а мотивот е Струмичкиот карневал. Се прават обиди да се промовира ова ДВД-изданието надвор од Македонија, но тоа засега е сосема неизвесно. Тоа може да се најде во продавницата на Музејот на Македонија, во неговата зграда. Договорени се промоции во музеите во Тетово, Крива Паланка, Свети Николе, а во тек се и други договарања на термини, но сето тоа зависи од моменталната состојба. Иако сега филмовите може да се видат на интернет, сепак доживувањето при проекциите во киносала мислам дека е поинакво.

Претпоставувам дека не ги прекинавте вашите врски со колегите етнолози од светот што треба да учествуваат на годинешното издание на фестивалот на етнолошкиот документарен филм во Кратово, организиран од Македонското етнолошко друштво…
– Одржувањето на врските со колегите од други држави е особено значајно. Личните контакти секогаш или најчесто доведуваат до реализирање одредени проекти. Впрочем, сѐ што сум постигнал досега на меѓународен план е врз основа на личните познанства што се почнати на разни симпозиуми и фестивали на етнологијата и антропологијата. Затоа и во ова време врските се одржуваат. Сега се прашуваме меѓусебно, пред сѐ, како сме со здравјето. Оваа пандемија ќе помине, а ние ќе се вратиме на обврските и, секако, на соработката. Македонското етнолошко друштво оваа година по деветти пат ќе го организира фестивалот на етнолошкиот документарен филм „Кратово“. Тој секоја година се одржува во Музејот на градот Кратово и е единствен од таков вид во земјава. Во изминатите години се прикажани повеќе од 250 филма од сите континенти, а како гости присуствувале повеќе од 90 автори, што е навистина карактеристика на фестивалот. Ова особено го нагласувам затоа што е многу важно да се има можност публиката да се вклучи, но и ние организаторите да разговараме и да им поставуваме прашања директно на авторите.

Подготвувате ли веќе што би можела да види публиката наесен, доколку, се разбира, помине опасноста од коронавирусот?
– Фестивалот претставува место каде што може да се видат култури и народи за кои многу малку или воопшто ништо не знаеме. Да се видат нешта што се околу нас, за кои не знаеме или само сме начуле, а претставуваат значаен дел од нашата култура воопшто. Друга негова карактеристика е што ние покануваме гости предавачи, кои имаат задача да претстават дел од нивниот опус и да кажат нешто за визуелната антропологија во нивните земји. Годинава фестивалот треба да се одржи од први до петти октомври, поканата ја објавивме пред десет дена и досега се пристигнати неколку филма. Еден од нив е снимен во Македонија од француски колега.

Ја користам оваа можност и да ги поканам авторите на документарци од земјава да испратат свој филм на нашиот фестивал, затоа што една од целите на фестивалот е промоција на македонскиот документарец. Новина за годинава е што комисијата што ги одбира филмовите што ќе влезат во официјалната фестивалска програма е интернационална. Поканата и пријавата може да се најдат на веб-страницата на Македонското етнолошко друштво. Како и секоја година, очекуваме интересни филмови, интересни гости и воспоставување нови пријателства.