Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Лилјана Пандева

Живееме во стан во семејната куќа на неговите родители сместен во подрумот. Всушност кога се зедовме подрумскиот простор со природна светлина, со прозорчиња како во авион, го преадаптираа во привремено место за живеење, додека не се соберат пари да се купи нешто друго. Нели, немало потреба да плаќаме кирија. И така, се направи привремена кујна без природна светлина, дневна соба од која се излегуваше директно на улица и од која се влегуваше директно во бањата со тоалет. Таа соба ни беше сѐ. Успеавме во една вдлабнатина да направиме работен простор со библиотека. Влезната врата ни беше и трпезариска маса. Од внатрешната страна ставивме маса на расклопување, осумдесет сантиметри на метар и десет. Какви ѓезмиња сме правеле на неа! Иако јадењето го поставуваме откако ќе се соберат сите домашни или гости. Секако дека и столовите се на расклопување. Обесени се на ѕидовите и имаат уште една намена – закачалки за алишта што секојдневно ги користиме. Дневниот простор е под прозорчињата во вид на еден кауч и мало масиче.

Под скалите што пред адаптацијата водеа директно на приземјето од куќата, го ставивме брачниот кревет. Малку неспецифичен. Метар и дваесет на метар и деведесет. Што мака видовме додека најдовме душек со тие димензии. Всушност, правен по порачка, затоа што таква димензија не постоеше во ниедно производство на душеци. Тој дел од нашиот стан ми беше омилен. Ставив и завеси со цветчиња и го изолирав, барем преку ден, како спална соба. Под душекот направивме сандак за постелнина и сѐ си дојде на свое место. Освен една работа. Местењето на долниот чаршаф на креветот. Три од четирите страни на креветот беа сместени до милиметар под скалите, односно слепени до ѕидовите. Јас спиев до ѕидот, затоа што како пониска за десет сантиметри од маж ми имав помали шанси да си ја удирам главата во потпорниот ѕид од скалите. Не ми беше значи проблем мојата страна од креветот, туку местењето на чаршафот. Требаше во простор што не постои да пикнам раце за да го навлечам чаршафот со ластик. Пробав и со чаршафи без ластик, но поради лизгавиот материјал од душекот тој секоја вечер завршуваше на подот. Со текот на времето си најдов поза, еротска – вели маж ми, од која местењето на чаршафот со ластик ми стана рутина. Со малку подраширени нозе, потпрена на колената речиси во еден зафат го местев чаршафот. Од страната каде што ни се нозете, односно каде што потпорниот ѕид е најнизок, со левото колено притискам повеќе, односно на него ја насочувам тежината од моето тело, за да не си кажам здраво со ѕидот. И така, еве, веќе деветнаесет години и некој ден. Стан купуваме барем еднаш годишно и никако да се решиме. Сѐ нешто нѐ кочи. Или местоположбата на зградата, или катот, или страната на која е свртен станот, или парите. Денес сме пред голема одлука. Да капарисаме стан или да почекаме некој подобар. Ако одиме на втората варијанта, која ни е испробана, ќе мораме да купиме нов душек. Овој стар деветнаесет години и некој ден веќе е неупотреблив. Толку неупотреблив што двајцата не можеме да спиеме на него.

Едниот од нас веќе подолг период спие на каучот. Чекајќи да купиме стан, душекот остана несменет. Но сѐ си мислам дека тоа не беше вистинската причина. Имено, јас сум таа што го одолжува купувањето нов душек. Со изговор, ако купиме стан ќе имаме вистинска спална соба, со кревет еден и осумдесет на два метра. Со душек на кој ќе се бркаме. И кој ќе нема дупка таму каде што притискам со тежината од моето тело на моето лево колено, со секоја година сѐ поголема. Токму таму не ни забележав кога почнала да се прави вдлабнатина. Потоа таа ми стана како вграден дел од душекот. Како впрочем и сѐ во овој стан. Вградено. Сѐ додека не стана дупка и маж ми не ја забележуваше. А дупката секој ден стануваше сѐ поголема и најверојатно подлабока, затоа што од неа почна да излегува полнежот на душекот. По некое време почна да се гледа и еден федер. Тоа беше знак дека душекот мора да се смени. Јас измислував причини зошто да почекаме уште малку.

А всушност ја пополнував дупката секоја вечер. Со моите сништа. Јас сум од оние типови што ги паметат своите сонови. Маж ми вели дека не сонува. Психологијата вели дека сите сонуваат само не си ги помнат соништата. Јас моите не само што ги помнам туку знам и да ги продолжам следната ноќ. Кога првпат ја забележав дупката, одлучив моите убави сонови да ги складирам во неа. Со неубавите уште како дете научив како да се справувам. Ќе си ја пикнев главата во тоалетната шолја, ќе си го кажев сонот и потоа ќе пуштев вода од казанчето. И сонот се потопуваше засекогаш во светските води. Од Вардар преку девет мориња до океанот. Сега најдов начин каде да ги чувам убавите сонови, за секој случај, сеќавањето да не почне да ми попушта. На почетокот сѐ беше во ред. Секое утро пред коленото да се смести во дупката од душекот си ги складирав убавите сништа. Но, за жал, дупката се зголемуваше. Дали моите сништа не беа доволно убави, се прашував. Беа, како не беа. Во еден пиев шампањ на Ајфеловата кула, во друг со параглајдер го надлетував Охридско Езеро, во трет читав книга во една од надморските куќички на Малдивите, потоа чинам цела ноќ ја поминав во музејот на Ван Гог во Амстердам, па во училиште за странски јазици со широка насмевка пречекував ученици на нов курс и којзнае уште колку други убави сништа… а, да, и бев црвенокоса.

Сега седам до дупката на душекот. Раката ми виси во воздух. Сакам да ја пикнам во дупката. Знам кој сон ќе го ставам внатре, не знам кој ќе го извадам. Сфатив дека дупката се зголемува, затоа што јас ги живеам моите сништа. Еден ќе ставам повеќе ќе извадам. Кој поголем, кој помал. На десетгодишнината од нашиот брак пиевме шампањ на Ајфеловата кула. Ова задоволство ни го приреди дирекцијата на Ајфеловата кула. Незаборавна годишнина. На мојот триесетти роденден се спуштив од Галичица над Охридско Езеро со параглајдер, додуша со инструктор, мината година добив парична награда за најдобар менаџер-директор на училиште за странски јазици од една европска комисија и со неа си го дозволивме одморот на Малдивите… и секако пред еден месец конечно собрав храброст да ја бојадисам косата во црвена боја. Всушност, знам кој сон ќе го зграпчам. Ќе капарисаме стан. Ги исполнува сите наши критериуми. Дуплекс е. Тоа значи дека има скали што од дневната водат кон спалните соби на другиот кат. Токму тука под скалите има празен простор. Плаче за едно канабе со прекривка во цветен дезен. Изведувачот на станот веќе го осветлил просторот под скалите со невидливи светилки. Одлично ќе е за читање. Можеби за некој малку ќе е проблем местењето на прекривката поради максимално искористениот простор. Но не и за мене. Се надевам, со текот на времето и на канабето ќе се создаде вдлабнатина што ќе прерасне во дупка. Знам со што ќе ја пополнувам.


Лилјана Пандева е родена 1964 година во Ново Село, Струмица. Дипломирала на групата за југословенска книжевност и македонски јазик и е докторка по филолошки науки. Авторка е на: „Новогодишни едночинки“, книга за деца; на поетската збирка „Љубов од А до Ш“; на збирката раскази „Канцелариски колумни“; на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени на германски јазик), „Доилката“ (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2016 година, кој е преведен и на српски јазик). Вторпат е добитничка на откупна награда за краток расказ на „Нова Македонија“. Авторка е и на повеќе стручни трудови од областа на македонистиката.